Рот: ЕУ мора да го исполни ветувањето кон Северна Македонија | Северна Македонија | DW | 29.05.2019
  1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages
Реклама

Северна Македонија

Рот: ЕУ мора да го исполни ветувањето кон Северна Македонија

Она што го ветивме во 2018 година, сега мора да го исполниме, пишува во колумна за „Франкфуртер алгемајне цајтунг“, државниот секретар во германското МНР, Михаел Рот. Во прашање се безбедноста и веродостојноста на ЕУ.

Во 2018 година ЕУ го обнови ветувањето кое уште во 2003 година им го даде на земјите од Западниот Балкан во однос на нивната перспектива, а сега е редно тоа да се испочитува, пишува Рот.
„Европската комисија во извештајот ќе препорача почеток на преговорите за членство со Северна Македонија и Албанија. Со Извештајот ќе се потврди дека двете земји си ја завршиле домашната задача и ги исполниле условите кои минатата година им ги постави Советот. Сега ЕУ треба да испорача. Мора да останеме на зборот и да ги исполниме нашите ветувања. Затоа што за Западниот Балкан тоа е многу важно. А за ЕУ се работи за витални безбедносни интереси и нејзината веродостојност“, пишува Рот во ФАЦ
Наспроти Рот, кој е член на Социјалдемократите, од најголемата германска владејачка партија ЦДУ соопштуваат дека се против одредување на датумот уште во јуни.   

„Со решавањето на спорот за името и покрај сите отпори, Северна Македонија и Грција испишаа европска историја. Со тоа, почетокот на преговорите кои Европската комисија ги препорачува уште од 2009 година, сега е можен затоа што Грција повеќе не го блокира. Дополнително, Владата ги реализираше бараните реформски приоритети од ЕУ во делот на јавната администрација, контролата на тајните служби и борбата против корупцијата. Накусо: Северна Македонија се наоѓа на еден доследен реформски курс.“

ЕУ-перспективата, наведува натаму Рот, за Западниот Балкан е една голема шанса- исто така и за ЕУ.
„Со тоа испраќаме еден важен сигнал во целиот регион: Тешките реформи и помирувањето се исплаќаат. А на ЕУ треба да ѝ се верува. По успешните напори во земјите кандидати мора да следи и конкретен напредок во процесот на приближување. Само топлите зборови веќе не држат, затоа што така ветувањата за членство стануваат само празни зборови. Западниот Балкан останува лакмус тест за долгорочниот успех на европскиот модел: демократија, слобода и владеење на правото поврзано со безбедноста и напредокот“, пишува Михаел Рот во колумна за ФАЦ. . 

 

DW.COM

Реклама