Фабрициус: Нема место за антициганизам | Информации и анализи за Германија | DW | 08.04.2021
  1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages
Реклама

Германија

Фабрициус: Нема место за антициганизам

На Меѓународниот ден на Ромите, ополномоштеникот на германската влада за национални малцинства Бернд Фабрициус бара рамноправна партиципација на Синтите и Ромите и борба против антициганизмот.

Денеска е Меѓународен ден на Ромите, кој од 1990-та секоја година се одбележува на 8 април. Датумот потсетува на првиот Светски конгрес на Ромите, одржан во Лондон пред 50 години (на 8 април 1971 година).

Во многу земји во Европа, Синтите и Ромите до денес се конфронтираат со предрасуди, нетолеранција и дискриминација. Општество кое цени разноликост и создава еднакви шанси, не може да толерира дискриминација и изолација и се бори консеквентно против такви појави. Оттука, важна улога има зајакнатата борба против антициганизмот (или Ромафобија, н.з.), зашто активната партиципација и инклузија се можни само ако во нашето општество е гарантиран непристрасен однос и ако не се остави простор за антициганизам.

Bernd Fabritius, Beauftragter der Bundesregierung für Aussiedlerfragen

Бернд Фабрициус: Во многу земји во Европа, Синтите и Ромите до денес се соочуваат со дискриминација.

Респект во меѓусебниот однос

Како ополномоштеник на Сојузната влада за национални малцинства особено ми е важно малцинствата да доживеат признание на својата култура и историја и да добијат место во средиштето на нашето општество. Општествената кохезија зависи од отвореноста и почитта во меѓусебните односи. Тоа е основа за мирен соживот во нашето општество.

Заштитата на малцинствата е придонес кон општествената разноликост која не смее да се меша со асимилација. Кој за цел ќе си постави такво нешто, мора да создаде и рамковни предуслови за зачувување на идентитетот - тоа е лајтмотивот на германската политика кон малцинствата и треба да биде консезус во цела ЕУ.

Во оваа прилика сакам да потсетам на новата стратешка ЕУ-рамка, која се залага за рамноправна партиципација на Синтите и Ромите во Германија и Европа. Европската комисија одговори на барањето на Еврпскиот парламент за посилни стратешки рамки на ЕУ за периодот по 2020 година со тоа што ја продолжи и надгради досегашната стратегија. Сега наша одговорност е оваа ЕУ-рамка да ја спроведеме на ниво на држави членки на Унијата.

Социјална интеграција на Синтите и Ромите

Во новата Стратегија на ЕУ за Ромите препознавам и потврда на досегашниот ангажман на национално ниво за пошироко втемелена политика на социјална интеграција на Ромите. Тука особено важна улога има интеграцијата на цивилното општество. Ова особено важи за помладите претставници на малцинствата, за чии потреби се залагам силно во текот на мојот мандат.

Сите ние носиме одговорност за иднината на безбедна и мирна Европа, Европа во која ќе бидат отфрлени сите форми на расизам, вклучително и антициганизам и во која ќе има рамноправни шанси за партиципација на сите.

Во таа смисла, одлучувачко е спроведувањето на Европската стратегија за Ромите во земјите членки на Унијата во наредните 10 години. Патот за рамноправна партиципација на Синтите и Ромите и за борба против антициганизмот е отворен. Сега треба заеднички да продолжиме да чекориме по него и храбро да ги остваруваме наведените цели.

Д-р Бернд Фабрициус, ЦСУ, е член на германскиот Бундестаг и ополномоштеник на Сојузната влада за национални малцинства.

DW.COM

Аудио и видео прилози на оваа тема