Романското претседателство со ЕУ: Безгласно и без последици | Свет | DW | 01.01.2019
  1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages
Реклама

Свет

Романското претседателство со ЕУ: Безгласно и без последици

Романија го презема претседателството со ЕУ. И покрај докажаната некомпетентност на некои министри, владата во Букурешт не може да предизвика големи штети. Коментар на Роберт Шварц.

На почетокот на годината романската влада, под раководство на социјалдемократската ПСД, со гради надуени од гордост ќе ги освои Брисел и Стразбур. Така, или слично, би можеле да гласат насловите во провладините медиуми на владата во Букурешт. И, сигурно, не мал број министри околу премиерката Виорика Данчила се надеваат дека така ќе влезат во учебниците по историја. Послушната партиска дама Виорика Данчила со национално-популистички и ЕУ-критични тонови досега без око да ѝ трепне ги исполнуваше наредбите на можниот човек во позадина, веќе осудуваниот шеф на ПСД, Ливиу Драгнеа. Таа и нејзината клика на неморалниот остаток од Европејците со високо кренати носеви веќе некако ќе им покажат како се води политика во и за Романија. Во тоа нејзините поддржувачи се уверени. Таа, чиешто познавање на романскиот јазик има големи дупки и поради тоа секојдневно е предмет на потсмев во независниот печат, таа, чии познавања на странски јазици се присутни само на хартија, таа, која Подгорица ја меша со Приштина пред камери, таа на Меркел,Макрон, Курц и како и да се викаат сите - понекогаш ги заборава имињата на своите европски колеги - ќе им одржи лекција. Таков одек барем оставија нејзините зборови во Букурешт. И за да тргне во напад полна со самодоверба, таа на неколку дена пред Нова Година од страна на рускиот проганадистички портал Спутник е прогласена за „Романска политичка фигура на годината“. Враг е секој кој притоа мисли на лошо.

Schwartz Robert Kommentarbild App

Роберт Шварц

И покрај сѐ, Драгнеа, Данчила и компанија нема да можат да ѝ нанесат штета на ЕУ. Големите одлуки во првата половина на 2019 година ја одминуваат Романија. Брегзит и европските избори се одамна испланирани и нема да има какво било влијание или промени од страна на романското претседателство со Советот на ЕУ, какво и да е тоа. И, доколку владиниот тим се однесува премногу антиевропски,тука сѐ уште е романскиот претседател Клаус Јоханис, уверен либерален Европеец, кој навреме ќе го сврти кормилото. Тоа веќе го има сторено успешно повеќепати и сигурно ќе го направи пак. Дури и ако Драгнеа, како што се закани, поради тоа има намера да го обвини за предавство на државата.

Внатрешнополитички, значи, и натаму ќе биде возбудлива борбата за моќ помеѓу претседателот на парламентот Драгнеа и претседателот на државата. Кохабитација е исклучена, на повидок нема крај на политичката нестабилност.

Повеќе: 

Хроника на еден најавен неуспех

Гримаси на комунизмот во Романија

Што со оглед на ваквата атмосфера може да се случува за време на романското претседателство со ЕУ? Тоа слободно може да дојде, се вели во Брисел. Владата во Букурешт е премногу окупирана со себеси за да може да крши ЕУ-порцелан. Да не зборуваме пак да може да направи нешто конструктивно. Со оглед на трајната романска криза, Комисијата на Јункер може намира да почне да си ги пакува работите. И, попатно и да ужива во „историски“ самит во убавата Трансилванија, во срцето на Романија. Сибиу, убавиот роден град на романскиот претседател Клаус Јоханис, сигурно ќе зачекори во историските книги на ЕУ како европско средиште на првата половина на 2019 година. Со Драгнеа, Данчила и компанија како маргинални појави, кои за возврат може да се радуваат на заслужените утешни пофалби од Спутник и нему слични. Благодарение на Европа!

DW.COM

Реклама