Романија: Победа против извртувачите на правдата | Свет | DW | 05.04.2019
  1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages
Реклама

Свет

Романија: Победа против извртувачите на правдата

Врховниот суд на Романија ги укина посебните ограничувања против антикорупционерката Лаура Ковеси. За ноторните опструктори на правосудството во владата ова е пораз со последици, коментира Роберт Шварц.

Независно судство во Романија уште постои, барем делумно. Наводната социјал-либерална влада сепак не успеа да ги онеспособи сите институции. Ова е првата добра вест од Букурешт. Врховниот суд ги укина сите мерки со кои се ограничуваше слободата на Лаура Ковеси, меѓу кои и онаа за напуштање на земјата, а кои беа воведени од страна на „специјална единица“ на Државното обвинителство. Со тоа поранешната раководителка на романската Антикорупциска служб ДНА, може во кое било време да замине за Брисел, каде деновиве треба да се донесе одлука кој ќе застане на чело на планираното Обвинителство на ЕУ. Ковеши, од која стравуваат бројни корумпирани романски политичари, е јасен фаворит на Европскиот парламент за оваа функција.

Заедничка позиција на западните партнери

Втората вест не е помалку значајна: сѐ уште егзистира и заеднички, одлучен став на меѓународните партнери на Романија. Во тој контекст треба да се спомене писмото на дванаесет амбасадори од Западна Европа, меѓу кои и германскиот, со кое категорично се предупредува да не се вршат натамошни обиди за ставање на судството под политичка контрола.

Слични загрижени тонови стигнаа и од Европската комисија и од Европскиот парламент. Тоа се последни, речиси очајнички обиди за вразумување на романската влада, пред да се посегне по санкции проти неа. Би бил вистински преседан, против една земја членка да биде применета крајната и најостра опција, членот 7, т.н. „нуклеарно оружје на ЕУ“, во момент кога таа претседава со ЕУ.

Schwartz Robert Kommentarbild App

Роберт Шварц

А што прави владата во Букурешт? Премиерката Виорика Данчила во веќе познат манир ги навредува своите партнери и сојузници поради „мешање во внатрешните работи на земјата“. Слична изјава даде и нејзиниот партиски шеф, т.н. социјалдемократ Ливиу Драгнеа, условно осуден поради изборна измама. Нему во последно време му оди навистина лошо: во втората постапка поради злоупотреба на службената положба, тој мораше да откаже повеќе термини од здравствени причини. Во првата инстанца Драгнеа, кој ги влече политичките конци како претседател на парламентот, беше осуден на три и пол години затвор. Тој и неговите помагачи со години се обидуваат да го подјармат судството за конечно да можат да владеат според свои сопствени закони.

Повеќе: 

Моја Европа: Малку поинаквите социјалдемократи од Букурешт

Романското претседателство со ЕУ: Безгласно и без последици

Досега цивилното општество и либерално-конзервативниот претседател на државата, Клаус Јоханис, во повеќе наврати, речиси во последна секунда, успеваа да повлечат рачна кочница. Но, антиевропскиот воз на опструкторите на правото во владата ни тие не можеа дефинитивно да го запрат. 

Референдум за спас на правната држава

Многумина Романци сега надеж полагаат во Европа. Токму затоа заедничката и јасна позиција на Брисел, Стразбур и амбасадите на западните партнерски држави беше вистински сигнал во вистински момент. Вчера претседателот Јоханис изврши и едно дополнување: на денот на изборите за Европскиот парламент (26 мај), Романците на референдум треба да се изјаснат дали сакаат и натаму да бидат раководени од корумпирани и осудувани политичари. И дали владата смее, како досега, преку итно донесени одлуки политички да го подредува судството. Предвидливиот одговор на мнозинството граѓани веројатно уште сега ќе им приредува бессони ноќи на Драгнеа и неговите соучесници.

А ЕУ? Таа ќе мора да им се извини на своите граѓани што во многу случаи делуваше премногу колебливо. Владите во Полска, Унгарија, Романија требаше многу порано да бидат потсетени на заедничките вредности и обврски. Одлучно и по потреба, и со употреба на санкции. Заради доброто на луѓето во овие земји и заради сопствено добро.

DW.COM

Реклама