Замина џентлменот: Почина Чарли Вотс, тапанарот на Ролинг Стоунс | Панорама | DW | 25.08.2021
  1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages
Реклама

Панорама

Замина џентлменот: Почина Чарли Вотс, тапанарот на Ролинг Стоунс

Чарли Вотс беше џентлменот на Ролинг Стоунс и важеше за еден од најголемите рок-тапанари на сите времиња. Почина кратко по 80-от роденден.

Чарли Вотс само што беше почнал да размислува за пензионирање. „Не знам што мислат другите, но не би ми пречело кога Ролинг Стоунс би рекле - тоа беше тоа“, изјави тапанарот за „Гардијан“ по повод својот 80-ти роденден во јуни годинава. Сепак, како што призна, не знае што би правел кога навистина би било крај.

Вотс не си го претставуваше крајот така брзо, не помислуваше дека тој може да дојде наеднаш: на 24 август 2021 година тој почина во болница во Лондон. „Чарли беше ценет сопруг, татко и дедо и како член на Ролинг Стоунс беше и еден од најголемите тапанари во својата генерација“, соопшти портпарол по смртта на Вотс.

Колегата од групата, Мик Џегер, за збогум објави фотографија од насмеаниот Вотс, Кит Ричардс на Твитер објави слика од тапани на кои е обесен натпис „затворено“.

Чарли Вотс речиси 6 децении го даваше тактот на една од најголемите групи во музичката историја. Без него Ролинг Стоунс најверојатно одамна ќе ги немаше. Со дипломатска тактичност постојано му успеваше да ги вразуми кавгаџиите Мик Џегер и Кит Ричардс.

Кит Ричардс го сакал Вотс за тапанар

Чарлс „Чарли“ Роберт Вотс го здогледал светлото на денот на 2 јуни 1941 година во Кингсбери, денес дел од Лондон. Син на камионџија, студирал уметност и графика и во своето слободно време бил тапанар во Алексис Корнерс Бенд Блуз Инкорпорејтид.

Таму музицирале и Мик Џегер и во 1969 година починатиот гитарист Брајан Џонс, кои во 1962 година ги основале Ролинг Стоунс. Само една година подоцна Вотс ја остава својата работа како графичар - Кит Ричардс сакал по секоја цена да го има во бендот како тапанар.

Вотс често беше потценетиот човек во позадина, кој со британска скромност и екстремно „суви битови“ им ја отстапуваше бината на своите колеги. „Чарли Вотс ми дава слобода да можам да летам на сцената“, изјави еднаш гитаристот Кит Ричардс.

Вотс важеше за солиден човек, скржав на зборови, човек кој ја победи зависноста од алкохол и дрога уште во 1980-тите. Додека многу рок ѕвезди, меѓу нив и неговите колеги од групата, беа предмет на медиумите со својот непостојан животен стил, тапанарот од 1964 година беше среќно оженет со Ширли Ен Шеперд. Двајцата живееја повлечено во провинција, каде Вотс одгледуваше коњи.

 London's Green Park Rolling Stones 1967

Чарли Вотс во костум опкружен со голегите од бендот во 1967 година

Вотс не беше типичен рокенролер

Чарли Вотс беше сѐ она што не одговара на првобитниот имиџ на Стонси. Тој претпочиташе костуми и сакаше џез, токму оној музички правец против кој Стонси се бунтуваа на почетокот на својата кариера. Кога не беше на турнеја со групата или во студио, тој седеше зад тапаните во својата џез-група. Таму се чувствуваше попријатно отколку под светлата на рефлекторите. Овациите кои траеја по повеќе минути му беа непријатни.

BG DrummerInnen l Charlie Watts, Rolling Stones

Вотс често беше човек во позадина, кој со британска скромност и екстремно „суви битови“ им ја отстапуваше бината на своите колеги

Заедно со Ролинг Стоунс, Чарли Вотс во 1989 година се „всели“ во Рокенрол куќата на славните, а магазинот „Ролинг Стоун“ уште пред многу години го стави на 12. место на својата листа на најдобри тапанари на сите времиња. Во 2004 година доби дијагноза - рак на гркланот. Ја победи болеста со две операции, за веќе наредната година да замине со Стонси на светска турнеја.

Откако годинава беше опериран, Чарли Вотс го откажа своето учество во - за септември - планиранататурнеја на Ролинг Стоунс во САД.