Ријасетот на ИВЗ го прогласи Сулејман Реџепи за бивш | Северна Македонија | DW | 27.05.2020
  1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages
Реклама

Северна Македонија

Ријасетот на ИВЗ го прогласи Сулејман Реџепи за бивш

Највисокото тело на Исламската верска заедница денеска му стави крај на раководењето на Сулејман Реџепи со организацијата. Реџепи беше на чело на ИВЗ од 2006 година. Честопати ја шокираше јавноста со контроверзни изјави.

Сулејман Реџепи повеќе не е поглавар на Исламската верска заедница во Северна Македонија. Поглаварот кој последниве месеци „се прославуваше“ со своите контроверзни изјави е сменет од функцијата, откако сите членови на Ријасетот одлучиле да му ја откажат довербата. Пред неколку дена, честитајќи им го Рамазан Бајрам на муслиманите во земјава, Реџепи предизвика остри реакции во јавноста откако го прогласи „коронавирусот за мртов“. Според неофицијални информации на ДВ од лица кои не биле директно инволвирани во одлуката, но биле запознаени со мислењата на членовите на Ријасетот, недовербата кон Реџепи ескалирала по одлуката да се ожени со 50 години помлада невеста минатиот викенд. Мнозински став во исламското тело бил дека Реџепи и штети на организацијата и на нејзиното реноме. 
Ријасетот на ИВЗ има вкупно 18 членови. Од нив 14 се муфтии, двајца членови се личен избор на досегашниот поглавар, а преостанатите двајца се деканот на Факултетот за исламски науки и директорот на средното теолошко училиште- Медресата.
Реџепи беше избран за поглавар- Реис на ИВЗ во септември 2006 година, и оттогаш повеќепати е реизбран со мандат од пет години. Дотогаш беше декан на факултетот за исламски науки, а по стапувањето на функцијата вети дека ќе воведе ред во организацијата. 
“Првите чекори што ќе ги направам е да го повратам правниот систем во ИВЗ, оти сите настани што се случија, за резултат имаат непочитување на правниот систем на ИВЗ“, изјави Реџепи на 20 септември 2006 година. 
До изборот на нов поглавар на ИВЗ за в.д. Реис е именуван гостиварскиот муфтија Шаќир Ефенди Фетаху.

DW.COM

Реклама