Ризични зони, зелени коридoри, каде сме ние? | Северна Македонија | DW | 12.11.2020
  1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages
Реклама

Северна Македонија

Ризични зони, зелени коридoри, каде сме ние?

Додека во земјава се води битка за кадар и болничко легло повеќе, земјите од соседството решаваат да ги заострат мерките.

Два, еден, четири, шест, или едноставно – нема. Вака изгледаат податоците за бројките на слободни легла во повеќе болници низ земјава. Растот на билансот на новозаразени кој со денови е над 30 отсто во однос на тестираните, ги полни болничките капацитети. Досегашните 1.000 болнички легла на ниво на целата земја, неодамна беа зголемени со дополнителни легла (меѓу 200 и 300) преку реорганизација и реадаптација на болнички одделенија, како со и вклучување на капацитетите на Интерните клиники во Скопје. Но, се чини дека и тоа нема да биде доволно. До вчера низ болниците во земјава веќе биле хоспитализирани 1.049 пациенти, од кои на Инфективната клиника има 155 пациенти, а 134 од нив се на кислородна поддршка. Во ГОБ „8 Септември“ се хоспитализирани 80-тина пациенти, од кои седум се на респиратор, а во болницата во Козле 40-тина деца и возрасни позитивни или суспектни на вирусот.

И простор, и кадар

Проблемот не е само во бројката на болнички легла. На пример, струмичката општа болница која подготви и ново ковид-одделение сместено во ново болничко крило, нема доволно кадар кој ќе се грижи за пациентите, откако 13 медицински сестри и двајца лекари се во изолација бидејќи е потврдено дека се позитивни на вирусот.

Во моментов се бараат и кадровски и просторни решенија, речиси во сите болници. Дополнителен оддел со 20 легла за ковид пациенти веќе подготвува ГОБ „8 Септември“, кој за неколку дена треба да биде ставен во функција со непоходната опрема. Во ковид одделение ќе биде претворено и досегашното одделение за рехабилитација во специјалната болница за кардиоваксуларни заболувања во Охрид, кое располага со 30 легла. Општата болница во Дебар интерното одделение го трансформира во инфективно, и во него веќе се примаат првите пациенти со Ковид – 19.

Повеќе на темата:

Игра на брзи прсти – како до вакцина за сезонски грип?

Отворање на зелените коридори – се укинуваат ПЦР тестовите за Србија и Албанија

Ако се исполнат болничките капацитети, следи карантин!

Критично во болниците, Филипче апелира да не се излегува од дома

Нема гаранција колку време дополнителните капацитети ќе бидат „златна резерва“, ако бројката на заразени постојано расте. Вчерашниот биланс од 1.321 новодијагностицирани при 3.836 тестирања, како и бројката од 26 починати, покажува дека процентот на новодијагностицирани е постојано над 30 % од тестираните. Според здравствените експерти треба да помине една до две недели за мерките да дадат резлутати, но, дел од членовите на Комисијата за заразни болести се на став дека се потребни и порестриктивни мерки.

Полициски час

За такви мерки се размислува или веќе се спроведуваат во земјите од соседството. Дали не очекуваат построги мерки - прашуваат српските медиуми, откако е најавено дека претседателот на Србија, Александар Вучиќ претпладнево ќе и се обрати на јавноста, а напладне ќе заседава Кризниот штаб, кој се очекува да разгледува нови мерки поради лошата епидемиолошка состојба. Според медиумите, тема би можела да биде работата на кафулињата и клубовите - или затворање или ограничување на работното време. Вчерашниот биланс во Србија беше 3.536 новозаразени и 21 починато лице.  

Косовската влада размислува од утре да воведе дополнителни мерки за заштита од ширењето на епидемијата на Ковид-19, откако во последните денови продолжи растот на заразени од коронавирусот. Ако Владата ги усвои предложените мерки, во најзасегнатите општини се очекува да биде воведен полициски час од 19 до 5 часот наутро. Тоа се однесува на седум општини, меѓу кои и главниот град Приштина, кои се класифицирани во т.н „црвена зона“, поради процентуално најголем број заразени и починати од Ковид-19.  Во општините од „зелената“ и „жолтата зона“, со помал или најмал број заразени, нема да има полициски час. Косовската влада ќе разгледува и други превентивни мерки.

Нови мерки до 30 -ти ноември воведува и соседна Бугарија, која има 3.945 нeводијагностицирани за последното деноноќие или 36,4% од 10.830 тестирани, и 47 починати лица. Се воведува „зелен коридор" за аптеките и продавниците за храна, кои ќе примаат лица на возраст над 65 години само помеѓу 8 и 10 часот. Лицата под 65 години не смеат да купуваат во тој период. Сите ресторани (брза храна, слаткарници, сендвичари), ќе работат од 6 до 23 часот, а во останатите часови дозволена им е само достава до домови. Во различни нивоа на образованието наставата се префрла онјлајн, со исклучок на оние кои се поврзани со практична работа која не може да се спроведува од далечина.  

Во меѓувреме, премиерот Бојко Борисов најави дека два хеликотера Ми-8 кои се користат за внaтрешен сообраќај за потребите на премирот и претседателот, се ставаат на располагање за транспорт на пациенти во многу тешка состојба.

 

Реклама