Ризичната зависност на Германија од гасот на Путин | Економија | DW | 27.01.2022
  1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages
Реклама

Економија

Ризичната зависност на Германија од гасот на Путин

Во кризата со Украина, Германија е во дилема: половина од гасот го увезува од Русија. Но, курсот на зависноста на Германија од енергетската моќ на Владимир Путин е одамна поставен.

„Кризата во Украина доведе до значително влошување на односите меѓу Русија и Западот“. Со ова реченица Матијас Базедау и Ким Шулце ја започнуваат својата анализа насловена како „Зависноста од увозот на енергенси: ризик за Германија и Европа?“. Во студијата се вели: „Германија и Европа се во голема мера зависни од увозот на енергенси од Русија – пред сѐ гас, нафта и јаглен. Со оглед на влошените односи со Русија, се погласни се предупредувањата дека руската влада може ‘јако’ да го искористи запирањето на испорака на енергенси како политичко оружје.“ Оваа студија инаку е направена во 2014. година како истражување на ГИГА, Германскиот институт за глобални и регионални студии во Хамбург.

Зголемена зависност од рускиот гас во последната декада

Ништо се нема променето од кога е направена оваа геополитичка анализа – напротив: оттогаш Владимир Путинја „уфрли“ во поголема брзина неговата надворешна и енергетска политика. Шефот на руската држава темелно ја модернизираше армијата и своите соседи и делови на ЕУ ги става под сè посилен притисок со воени закани.

Дотолку поразително е што зависноста на Германија од увозот на руски енергенси во изминативе десет години е уште повеќе зголемена. Од 2012. година само увозот на количините руски гас е зголемен од 40% на 55%, што е повеќе за речиси една третина. Во овој период е зголемен и увозот на нафта од Русија, од 38% на 42%.

Без страв од студени радијатори

Во меѓувреме, секој втор стан во Германија се грее на гас и грејната сезона според прогнозите годинава може да се развлече до март. Но и покрај тоа, луѓето не треба да се плашат дека ќе останат со студени радијатори доколку ескалира конфликтот во Украина, велат експертите.

„Според нивото на глобални резерви, уште утре можеме да го замениме рускиот гас,“ вели за Франкфуртер алгемајне цајтунг, Андреас Голдау, експерт за енергетика од Германскиот совет за надворешна политика, ДГАП. Според него „Прашањето е: Колку сакаме за тоа да платиме?“.

Во случај на запирање на испораката од Русија, Европа има три можности: да повлече повеќе гас од другите земји лиферанти, да увезе и да користи повеќе течен природен гас, ЛНГ или да ги искористи резервите.

Во моментов индустријата, која со 35% е најголемиот потрошувач на гас во Германија, веќе се бори со високите цени на гасот. Особено кај индустриите на кои им е потребно поголемо количество енергија во процесот, како производство на алуминиум, ѓубрива и керамика, користењето на гас над одредена ценовна граница повеќе нема да биде економски исплатливо.

Erdgasspeicher Rehden

Скадиште на гас во Рехден, близу Бремен, најголемо во западна Европа

Рекордно ниски нивоа на залихи од гас во Германија

Но користењето на залихите од складиштата на гас сега не е така едноставно, бидејќи во голем дел од нив, пред сѐ во Северна Германија, имаат рекордно ниски нивоа на залихи. Тоа го потврди и Себастијан Блашке од Иницијативата за складирање енергија, ИНЕС, во разговор за ДВ. „Германија е на четврто место по големина на капацитети за складирање на залихи на гас во светот, и веројатно затоа многумина, особено од заедничкиот пазар во ЕУ сега гледаат кон германските складишта. Но тие во моментов се полни само 42%. Никогаш немало толку ниско ниво на залихи за овој период од годинава,“ вели раководителот на Здружението на германските оператори за складирање на гас и водород.

Интересен детал во целата слика е дека десет проценти од складиштата на гас во Германија се на компанија ќерка на рускиот концерн под државна капа, Газпром. Како што ни потврди и Блашке, тие имаат залихи од само 17%, наспроти останатите кои се полни до 50%.  

Норвешка и Холандија со лимитирано производство

Европските производители како Норвешка, Холандија или Велика Британија не можат да ја заменат количината на гас која се испорачува од Русија. Според владата во Осло, се испорачува во границите на можностите, а ни Холандија не може да ги зголемува испораките. И Велика Британија е соочена со недостаток на гас и рекордни цени поради кои веќе банкротираа некои помали добавувачи на гас.

Rotterdam LNG-Tanker

Брод со течен гас во пристаништето во Ротердам

Течниот гас уште не е конкуренција за гас од гасовод

 Во изминатите недели засилено се движеа танкери со течен гас од САД кон Европа. Но, за разлика од Холандија, Германија не поседува ниту еден терминал за него. Затоа пак го има гасоводот Северен тек 2, низ кој тече руски гас и за кој се чека само на дозволата за отпочнување со работа. Тука особено доаѓа до израз германското жонглирање околу енергетската зависност од Русија: од една страна министерката за надворешни работи Бербок го користи неговиот потенцијал за закани со санкции против Русија, од друга страна канцеларот Шолц го релативизира како чисто приватен економски проект. Но, канцеларот неодамна го смени мислењето и ја отвори можноста за ставање клуч на гасоводот во случај на руска инвазија. Инсајдери од браншата не веруваат дека Русија сосем ќе ја прекине испораката на гас за Западот. Шефот на производителот на електрична енергија Унипер, Клаус Дитер Маубах посочува дека Русија и во Студената војна и по анексијата на Крим продолжила со исполнување на обврските за испорака на гас. Тој проценува дека уделот на руски гас во покривањето на германската побарувачка е 50 проценти, но таа вредност во последно време е променлива. Според ИЦИС Русија изминатиот декември испорачала 32% од потрошениот гас во Германија. Од Норвешка биле 20%, од Холандија 12. Само 5% се од домашно производство. Околу 22% се од резервите и остатокот од други извори. Но, и со помалку од 50% удел за шефот на Унипер е јасно дека „Русија не може да биде заменета како снабдувач во следните години”. Освен тоа енергетскиот пресврт предвидува исклучување на три активни атомски централи во Германија и напуштање на користењето струја од јаглен, така што гасот останува главен фосилен извор за покривање на дупките во снабдувањето што ќе настанат како последица на тоа.

Повеќе краткорочни набавки на гас

Европските увезувачи и снабдувачи со децении имаат договори и со времетраење до три децении за испорака на руски гас. Една од причините за екстремното поскапување на гасот е што многу снабдувачи го набавуваат краткорочно, а на таквиот пазар ценитеизминатата година многукратно се зголемија и многу понудувачи на гас беа фатени во небрано. Професионалци од областа се сложни дека додека до дојде до тоа да се компензираат можни дупки во снабдувањето со руски гас преку испорака на течен гас од САД, веројатно ќе помине грејната сезона. Времето е на страна на Германија и ЕУ која вкупно 40% од потребите за гас ги покрива преку Русија, смета Себастијан Блашке. „Со текот на зимата очекуваме попуштање на температурите и времето и во моментов е прилично умерено”, вели тој. Потоа додава „но одредена несигурност ќе остане секако”. Гасот останува скап, најрано до пролетта. Вистинско релаксирање може да се очекува дури кога за геополитичкиот покер меѓу Путин и Западот ќе се најде мирно решение.

 

Поврзана содржина