Ризици и нуспојави од вакцините против коронавирус | Панорама | DW | 05.01.2021
  1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages
Реклама

Панорама

Ризици и нуспојави од вакцините против коронавирус

Дали брзо развиените вакцини се навистина безбедни? Со какви нормални реакции треба да се смета по вакцинирањето? Какви нуспојави се јавуваат? Еве преглед на досега познатите работи:

Милиони луѓе ширум светот се надеваат дека набрзо ќе бидат вакцинирани против коронавирус. Истовремено, многу луѓе се колебаат, затоа што од една страна сакаат да се заштитат со вакцина, а од друга страна стравуваат од можни нуспојави од вакцината. Тие се сомневаат во безбедноста на вакцините поради исклучителната брзина со која беа развиени и во истраженоста на можните нуспојави.

Кои реакции на вакцините се нормални, кои нуспојави се можни? Треба ли да се вакцинирам?

Повеќе:

Дебатата за принудна вакцинација нема допир со реалноста

Кина даде дозвола за вакцината на Синофарм

Надеж и скепса на почетокот на вакцинирањето во Германија

Нормални реакции на вакцината

По вакцинирањето е нормално да дојде до одредени реакции: околу местото каде што е примена вакцината може да има црвенило, оток или болка. Исто така, во првите три дена по вакцинирањето не се невообичаени и умор, зголемена температура, главоболка и болки во рацете и нозете.

Овие реакции на вакцината најчесто минуваат благо и ги снемува по неколку дена. Тие се доказ дека вакцината делува, зашто го поттикнува имунолошкиот систем и телото почнува да создава одбранбени сили.

Вакви типични реакции по вакцинирање, според досегашните извештаи, се јавуваат и по примање на вакцините на Бионтек и Фајзер, Модерна, АстраЗенека и Спутник 5.

USA New York | Krankenschwester Sandra Lindsay bekommt Covid-19 Impfung

По вакцинирањето е нормално да дојде до одредени рекации, кои исчезнуваат по неколку дена

Ретко се појавуваат сериозни нуспојави

Покрај типичните реакции на вакцината, во одделни случаи доаѓа и до делумно сериозни нуспојави, како алергичен шок. Но, тоа се само одделни случаи.

Генерално, вакцините кои добија дозвола од Европската агенција за лекови (ЕМА), американската агенција за лекови (ФДА) и Светската здравствена организација (СЗО) се безбедни, зашто во спротивно немаше да добијат зелено светло за употреба.

Притоа, некои од новите вакцини, кои се т.н. мРНК вакцини, се разликуваат од етаблираните вакцини. Тие не содржат ослабнати или уништени вируси, туку имаат информации од мРНК, меѓу нив и и „планот за изградба“ или кодот на вирусниот антиген. Врз основа на оваа информација, телото може самото да го произведува овој антиген: мРНК ги пренесува информациите за призводство на антигенот до нашата клеточна машинерија која произведува протеини. Клетките во телото потоа го презентираат антигенот на својата површина и на тој начин се создава специфичен имунолошки одговор. Кога телото ќе дојде во контакт со вирусот, имунолошкиот систем го препознава специфичниот антиген и може да се бори против инфекцијата брзо и целно.

Други  вакцини се т.н. вектор-вакцини кои како транспортери користат безопасни аденовируси (како вируси на настинка која ги погаѓа само шимпанзата) со цел да се пробие површинскиот протеин на SARS-CoV-2, односно спајк-протеинот, и со тоа да се предизвика имунолошка реакција.

Преглед на нуспојави на често споменуваните вакцини:

Вакцина на Бионтек и Фајзер

Во фазата на добивање на дозволата кај лицата вакцинирани со супстанцијата BNT162b2 на компаниите Бионтек и Фајзер, не настапија сериозни нуспојави. Типичните реакции по вакцинирањет, како умор и главоболки, кај постарите пациенти се јавуваа поретко и во поблага форма.

ПовеќеВакцината против коронавирус на „Фајзер“ e 90% ефикасна

Откако мРНК-вакцината е во употреба, кај мал број пациенти се појави алергична реакција на вакцината. Пациент од САД и двајца Британци доживеаја дури и анафилактичен шок, проследен со црвенило на кожата и проблеми со дишењето. Со оглед на тоа што овие пациенти немале претходни болести и не биле познати како лица со алергии, британските власти ги предупредија луѓето со алергии да не се вакцинираат.

Вакцина на Модерна

Супстанцијата mRNA-1273 на компанијата Модерна се заснова на многу сличен принцип како онаа на Бионтек и Фајзер. Во текот на клиничките студии, според информациите од производителите и надзорните органи, таа била добро поднесувана од пациентите. Вообичаените реакции на вакцината биле благи или умерени и траеле кратко време. Но, според еден извештај на независно надзорно тело, кај 9,7 проценти од вакцинираните настапувала исцрпеност.

 Повеќе: Студија: Најмалку три месеци имунитет од корона-вакцината на Модерна

И во случајот на вакцината на Модерна, кај мал број луѓе имало алергична реакција, а кај неколкумина вакцинирани дошло до парализа на нерв на лицето. Дали овие реакции навистина настапиле поради вакцината, или поради нешто друго, се' уште не е јасно. Можно е ваквите нуспојави да не се предизвикани од мРНК, туку од липидните нано честички кои се носители на мРНК и кои потоа телото ги разградува.

Вакцината на АстраЗенека

Во случајот со вакцината на АстраЗенека, која е вектор-супстанција,  еден случај во текот на клиничките студии во септември предизвика внимание во светот. Еден од вакцинираните пациенти, по добивање на вакцината добил воспаление на 'рбетниот мозок. Клиничките студии беа прекинати кратко време, се' додека независно тело од експерти не утврди дека воспалението не е поврзано со вакцината.

Повеќе: Зелено светло за вакцината на АстраЗенека

Инаку, и при вакцинирање со вакцината на АстраЗенека настапуваат типични реакции како болки на местото каде што се ставена вакцината, болки во мускулите, главоболки или замор. И кај оваа вакцина, ваквите нуспојави кај постарите лица се поретки и поблаги.

Вакцина Спутник 5

Вектор-супстанцијата Gam-COVID-Vac (Спутник 5) доби дозвола уште во август 2020 година, но без притоа да се чека на третата фаза од истражувањето со десетици илјади пациенти. Спутник 5 користи два различни модифицирани аденовируси - rAd26-S и rAd5-S.

Ширум светот имаше големи задршки во врска со вакцината развиена од московскиот истражувачки центар Гамалеја, поради тоа што во презентираните студии имаше впечатливи дуплирања, кои можеа да бидат индиции за манипулации.

Сепак, Спутник 5 веќе се користи во многу земји - Русија, Белорусија, Обединети Арапски Емирати, Индија, Бразил и Аргентина.

Повеќе:

Лична приказна: Моето искуство со Спутник 5, руската вакцина против Ковид-19

Лична приказна 2. дел : Како ја поднесов втората доза на Спутник 5

Дали Русија ги манипулирала податоците за вакцината „Спутник”?

На втори јануари 2021 година рускиот министер за здравство Михаил Мурашко пред новинарите изјави дека во руските региони се доставени повеќе од 1,5 милиони вакцини, а досега се вакцинирани повеќе од 800.000 луѓе.

Според руското Министерство за здравство, досега се регистрирани вообичаени реакции на вакцината, како главоболки или треска. И во Аргентина кај 317 лица од вкупно 32.013 вакцинирани, се појавиле вакви типични реакции по вакцинирање, соопштија тамошните здравствени власти.

За тешки нуспојави во случајот на вакцината Спутник 5 нема извештаи. Но, задршките се големи, дури и во Русија. Според агенцијата Ројтерс, во анкета 52% од 3040 руски лекари и друг медицински персонал се изјасниле дека не сакаат да се вакцинираат со Спутник 5 поради недоволно податоци.

BG Coronavirus Impfung rund um die Welt | Kanada Ottawa

Секое вакцинирање е одмерување на ползата и ризикот

Дали треба да се вакцинирам и со тоа да се изложам на ризик?

Тоа треба секој сам да го одлучи. Тоа е индивиуално одмерување на предностите и ризиците. Дали ми е поважно да се заштитам себеси и другите со вакцина и повторно да водам нормален живот? Или ризиците од се' уште новите технологии на вакцинирање ми се преголеми?

Сите досега регистрирани ризици и нуспојави се моментална слика од изминатите месеци, тоа мора да се каже при сета еуфорија поради брзиот развој на вакцината. За можните долгорочни последици од одделни вакцини не е ништо познато. Тоа ќе биде јасно дури по спроведувањето на соодветни студии, кои продолжуваат и покрај давањето на дозволите за вакцините.

Досега нема податоци за ретките, можеби и тешки нуспојави, кај лица со ретки претходни болести или кај определени ризични групи, како луѓе со алергии.

Гледај видео 01:41

Ковид-19 и (не)фер распределбата на вакцината ширум светот

Вакците нуспојави ќе се видат дури по вакцинирањето на голем број луѓе и во долгорочните истражувања. „Затоа, секогаш постои извесен 'остаток од ризик'“, вели Кристијан Богдан, директор на Институтот за клиничка микробиологија, имунологија и хигиена на Универзитетската клиника Ерланген. „Колкав е тој ризик мора да се испита во наредните месеци и години.“

Одмерување на ползата и ризикот

Одлуката секогаш се заснова врз одмерување на ползата и ризикот, вели Богдан, кој е и член на Постојаната комисија за вакцини (СТИКО) на институтот „Роберт Кох“. Тој за агенцијата ДПА дава пример: Ако еден стар човек при инфекција со коронавирус умира со веројатност од 20%, а „истовремено ризикот да дојде до тешки нуспојави од вакцината се 1:50.000 или помалку, тогаш јас би го презел тој ризик“.

Наспроти тоа, Богдан не би ги вакцинирал децата, затоа што ризикот од умирање од Ковид-19 кај нив е речиси нула.

Богдан нагласува дека и жените кои се бремени или дојат, поради претпазливост, а врз основа на досега достапните податоци, не би требало да се вакцинираат. Според една препорака на Американската агенција за заштита од болести ЦДЦ, пак, вакцинирањето на бремени жени или доилки со мРНК супстанции не се исклучува по претходен преглед од лекар.

Реклама