Рециклирањето на отпадот во Македонија има еколошки и економски ефекти
25 јуни 2011Законот ги обврзува сите производители и увозници кои се пласираат на македонскиот пазар, да организираат систем за собирање на отпадот од пакување што се создава од нивните производи, селектирање по видови и негово рециклирање. Тоа, пак, ќе овозможи дополнителен развој и стимулирање на фирмите за рециклирање во Македонија, од кои некои во изминатите години станаа водечки и во поширокиот регион. Овој закон, кој е во согласност со европските, ќе овозможи поголема заштита на животната средина од најразновиден, тешко разградлив отпад, а воедно и поголем економски бенифит и заштеда на електрична енергија, посочуваат експертите. Фирмите треба да го имплементираат законот до 30 јуни годинава, но тоа не ги ослободува од обврските, кои настапија од 1 јануари годинава.
„Пакомак‘‘ посредува меѓу загадувачите и фирмите за рециклирање во Македонија
Формирањето на „Пакомак“ и дозволата која ја доби за постапување со отпад од пакување, а кон кој во почетокот пристапија 11 поголеми македонски фирми, а пристапуваат и нови, има за цел да ја организира, селектира и рециклира нивната амбалажа, појаснува за Дојче веле Филип Ивановски директор на „Пакомак“. „Очекуваме оваа година во нашиот систем како клиенти да организираме околу 35 и 50 проценти од индустријата во Македонија односно производителите и увозниците кои пуштаат на македонскиот пазар производи спакувани во некаква амбалажа. Воедно да ги постигнеме националните цели за оваа година, кои се дефинирани и во законот односно до 2020 година сакаме да имаме за цел 60 % од отпадот што се пушта на пазарот од пакување да се враќа назад и да се рециклира“.
„Гринтех МК“ водечка фирма за рециклирање во Македонија и регионот
„Пакомак“ рециклирањето на пластика и хартија сега го прави преку неколку вакви македонски фирми, а кои со новиот закон ќе го стимулира и дополнително да инвестираат во процесот на рециклирање. „Гринтех МК“ е една од водечките за рециклирање на пластика во поширокиот регион, а на која „Пакомак“ и го преотстапува рециклирањето на пластичен отпад од македонските и фирмите од регионот и до шест илјади тони годишно. Фабриката има две линии за рециклирање. Првата е за преработка на пластичните „Пет“ шишиња од сокови и минерални води. Најпрво шишињата во вид на балирана суровина која ја доставуваат собирачите од целата земја и регионот пристигнува во нашите погони, појаснува Михаил Матески, машински инженер директор на „Гринтех МК“. „После сортирањето по материјал и по боја се врши мелење на шишињата на мали парченца. Со тоа се завршува првиот дел на преработка до парченца. Понатаму тоа влегува во посебна линија каде што се врши перење на тие парченца на мелена пластика од пет шишиња. Таа технолошка линија долга е преку 50 метри со 12 машини вклучени во нејзината преработка, почнувајќи од ротација, со перење во вертикални перачи, во вертикални сушачи на висока температура од 75 до 80 степени. Конечно целта на таа преработка е да се елиминира сета нечистотија, за на крај да се добијат сосема испрани и исушени парченца од пластика таканаречени ’Пет флекс’ или ’Пет снегулки’“.
Во Македонија развој на фирмите за рециклирање на отпад
Матески вели дека „Пет снегулките“ како нова суровина ги извезуваат во нивната фабрика во Романија каде произведуваат полиестерско влакно и полиестерска трака. Полиестерското влакно има широка примена во текстилната, индустријата за мебел, како подлоги за патишта и за изолација.
Втората линија на рециклирање во „Гринтех МК“ се однесува на преработка на полиетилен и полипропилен, подразбира внесување на влезна суровина како бали од пластика и фолија, која најпрво оди на примарна селекција по разни видови на тврда и друга пластика, нејзино мелење, мерење и сушење, појаснува Матески. „И последната фаза во таа технолошка линија е гранулација односно екстретирање и добивање на нов гранулат. Значи тука се добива нов гранулат, кој понатаму на пазарот го пласираме и се користи за производство на повеќе нови артикли и тоа пластични цевки, како канализациони, цевки за водовод, цевки за под притисок, за наводнување, потоа за нови фолии, нови најлони и кеси. И тој дел на погонот, таа линија за рециклажа на тој тип на пластика има капацитет од околу 200 тона на месечно ниво“. Пласманот на гранулатот е претежни на македонскиот и косовскиот пазар. Ваквиот систем на рециклирање освен еколошки ефект по заштитата на животната средина има и економски и социјален ефект смета инженер Михаил Матески и појаснува „Тоа што е значајно, дека Македонија веќе ги има скоро до 2020 година исполнето националните цели, кои се во склад со европските директиви. Во Македонија во делот на пластиката преку 50 % од целата количина на пластика, која се пласира на пазарот се собира и се рециклира. Тоа е од огромно значење, не само во смисол на чистење на животната околина, значи за почиста животна средина, меѓутоа опфаќа и повеќе сегменти, значи рециклажата и индустријата за рециклажа имаат повеќе сегменти кои се значајни“.
Македонија нема фабрика за рециклирање на стакло, затоа го носи на рециклирање во Хрватска
„Пакомак“ соработува уште со една македонска фирма за преработка на пластика од „Агропал“ од Тетово и една за хартија во Фабриката за хартија од Кочани. Во недостиг на македонска фабрика за производство за рециклирање на стакло, овој отпад сега го носи на рециклирање во Хрватска.
Автор: Антоанела Димитриевска
Редактор: Александра Трајковска