Три години од референдумот: „Преспа“ ќе се проблематизира или капитализира? | Северна Македонија | DW | 30.09.2021
  1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages
Реклама

Северна Македонија

Три години од референдумот: „Преспа“ ќе се проблематизира или капитализира?

Од ЕУ треба многу посилно да бараме - реално и порешително да застане зад Преспанскиот договор, вели д-р Малинка Ристевска од Институтот за европска политика - Скопје.

Македонија Скопје Референдум

Кампања за референдумот за Преспанскиот договор

30-ти септември 2018 година, 30-ти септември 2021 година. Поминаа три години од денот кога граѓаните на Република Македонија на референдум се изјаснија на прашањето „Дали сте за членство во НАТО и ЕУ со прифаќање на договорот меѓу Македонија и Грција“. Членство во НАТО стана реалност, а почетокот на преговори за членство во ЕУ - агонична неизвесност.

„Три години по референдумот за Преспанскиот договор се чини дека Македонија е сѐ уште поделена пред дилемата: дали тој ќе се проблематизира или ќе се капитализира“, вели д-р Малинка Ристевска Јорданова од Институтот за европска политика - Скопје. 

„Пофалбите однадвор за тешкиот компромис со кој се реши скоро тридецениски спор, не престануваат ни ден-денес. Сепак, големата, без преседан направена концесија - промената на името, досега доведе до еден од ветените резултати - членството во НАТО. И овој резултат е веројатно недоволно валоризиран, поради неисполнувањето на второто големо ветување за членство во ЕУ. Изостана и самиот почеток на преговорите - најпрвин со одолговлекувањето на процесот од страна на Франција, а потоа со ветото од Бугарија. Ваквиот исход сериозно го загрози кредибилитетот, но и ја зголеми недовербата во ЕУ во регионот“, вели Ристевска. 

Според неа, денес Преспанскиот договор е сѐ уште исправен пред неколку предизвици: внатрешните поделби околу неговото (не)прифaќање, неговото делегитимирање со барањата од Бугарија, „недостигот од ентузијазам“ од грчка страна, но и недоволно цврстото застанување на ЕУ зад Преспанскиот договор, покрај намалениот „апетит“ за проширување. 

Референдум Македонија

Бојкотот на референдумот се пропагираше и со масовно правење ајвар на денот на гласањето

„Во секоја ситуација има повеќе опции, и без да се проблематизира стратешката определба за членство во ЕУ. Опции што не ни стојат на располагање се помирувањето со „статус кво“, но и постојаното нудење избрзани отстапки - и кон Бугарија и кон Грција - кои ја рушат нашата позиција и директно ги загрозуваат придобивките од Преспанскиот договор, а со тоа и ја зголемуваат недовербата на граѓаните - и во Преспанскиот договор и во ЕУ. Повеќепати детално сме аргументирале дека исполнувањето на барањата на Бугарија би било спротивно и на словото, но и пошироко - на духот, и на придобивките за нас од Преспанскиот договор. И затоа треба многу посилно и поаргументирано да бараме од ЕУ реално и порешително да застане зад Преспанскиот договор“, децидна е Ристевска. 

Поддршка за „европска иднина“ 

За разлика од вчера, кога еврокомесарот за проширување Оливер Вархеји замина од Скопје со еден твит и без конкретна информација дали се разговарало за надминување на бугарската блокада (тема на која минатата недела тој разговараше во Софија), сосема поинаква беше атмосферата во Скопје пред три години. Ја нарекуваа „дипломатско-политичка инвазија“ или „најфреквентното политичко корзо“, со оглед дека на пистата пред Владата слетаа многу влијателни имиња на меѓународнатата политичка сцена, со пораки во доминираше синтагмата „европска иднина на Македонија“. Геополитичката важност на народното изјаснување на 30-ти септември 2018 година, ја илустрираа посетите на Генералниот секретар на НАТО Јенс Столтенберг, германската канцеларка Ангела Меркел, нејзиниот австриски колега Себастијан Курц, германскиот министер за надворешни работи Хајко Мас, високата претставничка за за надворешна и безбедносна политика на ЕУ, Федерика Могерини, министерот за Европа и Америка во британскиот Форин офис, Алан Данкан, американскиот секретар за одбрана Џејмс Матис, помошникот државен секретар на САД за европски и евроазиски прашања, Вес Мичел и многу други. 

Ангела Меркел Зоран Заев Скопје

Германската канцеларка Ангела Меркел и македонскиот премиер Зоран Заев во Скопје на 8 септември 2018

„Ова е шанса која една генерација ја има само еднаш. Прашањето за името и прашањето за членството во НАТО и ЕУ се многу тесно поврзани едно со друго. Без решение на ова не може да има членство во ЕУ и во НАТО. Тоа не е поврзаност што е конструирана од Владата, туку тоа е една поврзаност која се должи на тоа што сите земји членки треба да гласаат за тоа, а тие нема да гласаат ако ова прашање не е решено“, порача тогаш германската канцеларка. 

Три години подоцна, на нејзината проштална средба со лидерите на Западен Балкан, реториката за еу-интеграцијата остана на „верување“.

„Верувам дека Албанија и Северна Македонија ги исполнија утврдените услови за започнување на преговорите за членство. За жал, тоа не се случи за време на германското претседавање на Советот поради ветото на Бугарија, но ние исто така ветивме дека ќе стоиме покрај овој процес бидејќи во него навистина е инвестирана голема енергија“, рече Меркел во Тирана. 

Нејзината сонародничка, претседателката на Европската Комисија Урсула фон дер Лајен, по завчерашната средба во Скопје со премиерот Заев, оцени дека е направен извонреден напредок и се донесени храбри одлуки.

„Вие испорачавте и сега ЕУ треба да испорача. Иднината на Северна Македонија ќе биде европска. Европската комисија цврсто стои на оваа определба“, нагласи претседателката на ЕК. 

- Каква беше атмосферата непосредно пред референдумот на 30 септември 2018 година? Еве што забележаа тогаш #dw_BalkanBooster на улиците на Скопје. Млади луѓе одговараа на прашањето: Како ја гледате вашата иднина?

Гледај видео 02:44

#dw_BalkanBooster: „Се надевам само дека нема сите да се изедат едни со други“

Има ли и „француски клуч?

Не е првпат официјално Скопје да ги слуша истите фрази. Ако пред три години пораките гласеа „Клучевите за европската иднина се во рацете на вашиот народ, не ја пропуштајте историска шанса“, по уставните промени во земјата и промена на името, никој веќе не е сигурен каде е клучот за исчекор: дали само во Софија, или бугарското вето се користи како алиби од земји кои не се приврзаници на процесот на проширување на ЕУ, освен декларативно. Тврдењето на Ројтерс дека „земјите членки на ЕУ не ги откриваат своите позиции, но богатите северни држави како Данска, Франција и Холандија се плашат од повторување на избрзаното пристапување на Романија и Бугарија“, ги врати сеќавањата на видео-пораката со која францускиот претседател Емануел Макрон пред референдумот им се обрати на македонските граѓани.

„Овој договор се постигна поради храброста на Вашите и на грчките лидери. Затоа јас го поддржувам. Потполно! Силно! Сметам дека истиот има централно место во плановите за иднината на земјата (...) Јас одлучно сум ЗА и цврсто верувам дека овој договор е добар! За Вас, за целиот регион и за Европа. Сметам на Вас“, порача тогаш Макрон. 

Франција Северна Македонија Зоран Заев Емануел Макрон

Емануел Макрон и Зоран Заев во Париз, 10.06.2021

Запрашани од „360 степени“ за став (во контекст на информацијата на Ројтерс), од Амбасадата на Франција упатиле на изјавата на претседателот Макрон на средбата со премиерот Заев, од 10-ти јуни годинава во Париз. Еве што изјави Макрон во таа прилика.

„Северна Македонија треба да влезе во ЕУ и знаете дека Франција целосно ве поддржува на тој пат. Понекогаш можеби сте мислеле дека сме тежок партнер којшто многу бара, но јас сакам да бидам искрен партнер и кога се обврзуваме на еден пат, треба да бидеме јасни до каде сакаме да стигнеме и не сакаме да ја оставиме земјата 5-10 години на пат кој потоа ќе ѝ се чини невозможен. Затоа сакавме ЕУ да создаде нова методологија, поефикасна и покредибилна, за да се водат преговорите со земјите аспиранти. И затоа одлучивме да ги отвориме преговорите за членство со вашата земја во март 2020 година. Но, сега е дојдено време да се конкретизира таа одлука и активно го поддржувам изнаоѓањето на компромис со Бугарија. Во однос на важните реформи кои беа спроведени под ваше водство од 2017 година, вашата земја заслужува да ги почне преговорите за членство во ЕУ без чекање“, му порача Макрон на Заев.

Гледај видео 02:01

Добредојде за Северна Македонија во НАТО

Тоа не се случи за време на тогашното португалско претседателство, а сосема неизвесно е дали ќе се случи за време на актуелното словенечко. Постојаниот известувач на Европскиот парламент за Северна Македонија, Илхан Ќучук, запрашан дали верува дека интересите на Бугарија ќе бидат заштитени или големите сили ќе вршат притисок врз Бугарија да падне бугарското вето за членство во Северна Македонија, вели дека тврдењата за таков притисок се преувеличени.

„Она што секогаш го зборував, ќе го кажам и сега. Мора да се вратиме на темелите на договорот од 2017 година и да ја вратиме изгубената доверба. Се создаде чувство за тешка интервенција на ЕУ и САД врз Бугарија по ова прашање. Ве уверувам дека ова е длабоко преувеличено од некои кругови во нашата земја. Како човек кој што е директно ангажиран во прашањето, знам и уште нешто - има мала можност процесот на преговори со Северна Македонија и Албанија да започне до крајот на годината. И огромна опасност - процесот на проширување да биде замрзнат во наредните години ако не се најде решение во наредните месеци“, изјави Ќучук во интервју за бугарскиот весник „24 часа“.

Аудио и видео прилози на оваа тема