Референдум - ден потоа | Северна Македонија | DW | 25.07.2018
  1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages
Реклама

Северна Македонија

Референдум - ден потоа

Ај да видиме што е вашиот план – како на пример, ќе ја внесуваме Македонија во ЕУ и НАТО без договор со Грција? Или ќе баталиме ЕУ и НАТО, со премисата- кај и да е, ќе се распаднат, па подобро ќе ни биде без нив?

Македонија во моментов не е добро место за живеење. Ние, оставени самите на себеси, очигледно не можеме да направиме уредено општество, во кое ќе има владеење на правото, еднакви можности за сите, меритократија наместо клиентелизам, економски напредок. По ѓаволите, ние не успеваме нашите сонародници (истите оние кои во џеб ги чуваат опушоците до првата канта додека се на посета во Европа) да ги навикнеме во Македонија да не фрлаат ѓубре од тераса врз нивните соседи долу, а за друго да не зборуваме. Некако станува повеќе од очигледно дека ние можеме да го уредиме ова општество на нормален начин, само доколку станеме дел од некаков поширок систем, од каде би ги позајмиле правилата и менталниот склоп за нивно почитување.  На страна што не знаеме дали воопшто ќе постоиме ако не станеме дел од таков поголем, безбедносен систем или сојуз.  За тоа барем, мислам дека имаме консензус.

Каде е алтернативниот план?

Е сега, јас никако не успевам да го пронајдам—од противниците на имплементацијата на договорот со Грција—нивниот алтернативен план кон таа цел. На едната страна, онаа која го поддржува договорот, со сите слабости, тешки компромиси, висока цена, и попатни зафрканции, барем се наѕира некаков план. Тие велат: Македонија ќе се подобри преку членство во НАТО и ЕУ, за кое е нужен договорот со Грција. Болно, тешко, мачно, напати проткаено со нивните странични слабости, но релативно извесно, и релативно праволиниски едноставно. Противниците, пак, не нудат ама баш никаква алтернатива, па дури и езотерична, фантастична. Тие едноставно велат, вашиот план го отфрламе.  Добро, а вашиот?  Ајде да се смениме малку: ај вие малку давајте предлози за тоа како на сите да ни биде подобро, а ние сега малку да „мрчиме”.  Ај да видиме што е вашиот план – како на пример, ќе ја внесуваме Македонија во ЕУ и НАТО без договор со Грција?  Или ќе баталиме ЕУ и НАТО, со премисата дека кај и да е, од понеделник ќе се распаднат, па подобро ќе ни биде без нив?  Имаме ли алтернативен план за други стратешки сојузништва, кои би ни го обезбедиле неопходниот потстрек за напредок – Русија, Кина, Иркутцк?  Имате ли барем некаков, било како закрпен, измислен, колку и да е фантастичен и неверојатен, ама било каков логичен и конзистентен артикулиран план?  Доколку кампот на противниците на договорот со Грција не стигне до таква алтернативна понуда, ќе се наметне заклучокот дека ова не е натпревар на капацитети – кој побрзо и полесно ќе стигне до подобар живот за сите – туку дека е натпревар на концепти, на едни кои сакаат подобро утре, и други кои не сакаат ништо, па дури ни подобро утре.

 

Нулта одлука

Мислам дека една од главните психолошки мета конструкции, која нѐ спречува на објективен начин да го анализираме крстопатот кој пред нас се испречува во моментов, е фантазмата која сме си ја наметнале во аутистичен обид да ја отфрлиме конечноста на опциите кои се пред нас, зашто цената не ни се допаѓа. Така, бидејќи опциите ни се гледаат комплицирани, ја правиме класичната грешка на недоветните – одбиваме да избереме, носиме нулта одлука. И така со децении.  Не научивме ништо од фактот што при секое одбивање на одлука (што е класичен синдром на невротичните), секој нареден избор е сѐ потежок. Така, ние правиме идна, невозможна фантазија: секој избор го споредуваме со некаков замислен избор подоцна, лажејќи се притоа самите себеси, што за возврат нѐ прави уште поневротични и поодвоени од реалноста, и така во недоглед.  Ние сегашниот избор ментално го споредуваме со идна фантазија – ќе добиеме некаков иден, совршен договор во кој нема да мораме да правиме компромис, ќе успееме сами без никој, зашто ќе се распаднат НАТО и ЕУ, или ќе се протнеме некогаш без договор, или Грција ќе ја притиснат (боговите, претпоставувам) ќе мора да попушти, или мојата омилена - светот ќе пропадне а ние библискиот народ ќе останеме сами да им се ситиме.  Така, вечно проектирајќи идна невозможна ситуација, ние никогаш всушност не сме се соочиле со ситуацијата која е пред нас, а таа е: овој договор, или нема договор. Никогаш, односно барем не во нашето време. 

Претходни колумни од авторот: 

Непогрешливиот инстинкт

Датумска драма

Северна, ти калеша неверна

Изборот е - сега или никогаш

Во ситуација кога ЕУ не знае што сака, и лавира помеѓу оптимизмот на проширување и домашните интереси кон популизам и интроспективност, во ситуација кога и ЕУ и НАТО најавуваат дека ова е последната рунда прием нови членки во догледно време, треба да бидеме на јасно за нашиот крстопат:  ние не се соочуваме со избор дали сега ќе станеме членки на двете најмоќни организации на планетата под овие услови, со опција ако не успееме сега, подоцна да пробаме пак, со некакви други услови. Да немаме илузии – изборот е дали ќе се зачлениме сега, со овие конкретни услови, или нема да се зачлениме. Никогаш.

Ајде затоа, да направиме ментална вежба и да си ја замислиме Македонија дента после референдумот, или по овој процес, како сакате. Првата опција, ако процесот резултира со пробив во евроатлантските интеграции: нѐ чека доста работа, мачна и комплицирана, дополнителна борба за нијансите од договорот, реформи и преговори за членство, и борба за домашна меритократија, што значи постојан надзор и реакција од јавноста за тоа дали некој од партијата лапнал некој тендер. Но, истовремено немаме дилеми во кој правец се движиме, немаме загриженост за нашата безбедност, и релативно сигурно претпоставуваме дека секоја година ќе биде подобра од секоја претходна. 

Ајде да ја видиме втората варијанта: ден по неуспешен процес. Во меѓувреме, НАТО и ЕУ ќе се откажат од нас.  Приштина и Белград најверојатно ќе бидат во ек на преговори за тоа како да разменат територии, при што Косово оди накај Албанија, а другиот дел накај Србија, што ќе повлече ист таков процес и во Босна.  Ние ќе останеме со прстот во уста околу нашиот напредок, затечени во сред Балканот кој ги редефинира своите граници. 

Јас лично, повеќе би сакал да влеземе во ЕУ и НАТО, па најголемите проблеми да останат тендерите во првото сценарио.

 

DW.COM

Реклама