Ректорот на УКИМ: „Консултантот“ на пленумците не мислел на дрвјата кога конкурирал за проектирање на зградите! | Северна Македонија | DW | 23.12.2015
  1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages
Реклама

Северна Македонија

Ректорот на УКИМ: „Консултантот“ на пленумците не мислел на дрвјата кога конкурирал за проектирање на зградите!

Во случајот со двете факултетски згради, на површина излегува целата етика и иронија на она што некој се обидува да го трансформира во проблем, вели ректорот на УКИМ, Велимир Стојковски

Започнатата изградба на две факултетски згради во кампусот на УКИМ, го крена на нозе Студентскиот пленум, кој порача дека студентите нема да дозволат да им биде узурпиран домот без да бидат консултирани и информирани што се гради во нивниот двор. Денеска истекува и „крајниот рок“ што Професорскиот пленум му го даде на ректорот на УКИМ, со барање да закаже итна јавна седница на Сенатот, со три точки: Дали имало и кој ја издал дозволата за сечење дрвја во паркот на УКИМ; Дали имало и кој го издал повикот специјалната полиција да влезе на територијата на Универзитетот на 14.12.2015 година и Информација за процедурата и правната основа за започнатите градежни активности во рамките на Кампусот. Ректорот на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ (УКИМ), Велимир Стојковски, во интервју за Дојче веле изјавува дека таква седница денеска нема да се одржи и објаснува зошто.

- Таква седница нема да има, затоа што нема елементи за таков тип на седница. Редовната седница е веќе закажана и таа вообичаено се одржува во последната седмица од месецот.

ДВ: На седница на Сенатот одржана на 29.11.2013 година, како „дополнителна точка“ на дневниот ред била ставена „Предлог-одлука за изградба на универзитетска зграда во кампусот на општествените науки при УКИМ“. Потребата од донесување таква одлука сте ја образложиле вие, a Сенатот ја усвоил со 51 глас 'за', 3 гласа 'против' и 2 'воздржани'. Како таа зграда се претвори во две? Може ли да ја објасните правната основа за градежните активности во Кампусот?

Стојковски: Градењето згради на Универзитетот е потфат кој е надвор од финансиските можности на факултетите, што на сите им е јасно. Oд 1947 година кога е изграден Шумарскиот факултет, заклучно со 2007 година кога е изграден Италијанскиот мултимедијален центар на Филолошкиот факултет, на Универзитетот се изградени 30 објекти, доградби и надградби, и во ниту еден случај, за ниту една зграда, не расправал Сенатот или пак донел каква било одлука. Точката беше ставена на дневен ред по барање на еден од факултетите, како утврдување на потреба, со намера факултетот да направи обид да се обезбедат средства од различни домашни и странски извори за градење зграда и универзитетски технолошки парк. Бидејќи тие напори на факултетот не вродија со плод, постапките се продолжени на факултетите, со одлуки на наставно-научните совети за отпочнување активности за градење згради. Факултетот за физичка култура е основан во 1977 година. Од основањето до денес наставата се изведува во училиштето за средно образование 'Методија Митевски Брицо', а просториите (предавални и спортски сали), факултетот со 700 студенти ги дели со уште три правни субјекти. Заради тоа, наставата се одвива во отежнати услови. Поради дотраеност на објектот (бараките), само во последниве три години се случија три немили настани кои за среќа завршија без последици по студентите и вработените (паѓање на покривот и пожар), по што факултетот писмено се обратил до МОН за итно решавање на проблемот со простор. Факултетот за информатички науки и компјутерско инженерство (ФИНКИ) е формиран на почетокот на 2011 година. Поради интересот за студирање, во изминатите четири години речиси трипати се зголеми бројот на студенти кои студираат информатика, па на ФИНКИ денес студираат 4.000 студенти. Факултетот се соочува со сериозен проблем со просторни услови за настава и се користат сите можни слободни простории од Технолошко - металуршкиот, Факултетот за електротехника и информациски технологии, Машинскиот и дел од просториите на Природно-математичкиот факултет. Овој простор е далеку од доволен за нормално одвивање на наставата, па наставата се одвива во две смени од 8 часот наутро до 20 часот навечер, а некогаш и подоцна, како и за време на викендите. Тргнувајќи од тоа, органите и телата на факултетите со одлуки ја утврдиле потребата за нови згради, формирале интерни комисии и побарале од професорите да се вклучат со предлози, идеи и сугестии во дефинирањето на потребите. Комисиите тоа го сумирале, и со оглед на материјално-финансиската состојба на факултетите и неможноста сами да ги изградат објектите, тие во соработка со стручни лица изготвиле и доставиле до МОН проектна програма со сите потребни содржини и површини за изработка на техничка документација за објекти за факултетите со инкорпорирани функционални потреби. МОН врз основа на барањата и проектните задачи изготвени и доставени од двата факултета, како инвеститор, спровело постапка по конкурс за идејно решение за зградите, а во жири-комисијата членови биле и деканите на двата факултета. Понатамошните постапки околу изградба на нови згради за потребите на двата факултета продолжуваат во рамките на МОН, а факултетите активно учествувале во постапките пред МОН. По изградбата зградите ќе бидат пренесени на трајно користење на факултетите. Со тоа што државата е инвеститор, а воедно и сопственик на земјиштето, исполнети се правните претпоставки за предметната градба.

Им дадовте поддршка на студентите кога го оспорија начинот на кој беше носен Законот за високото образование и многупати се сретнавте со претставниците на нивниот Пленум. Според фактите и документите кои стојат пред вас за изградбата на двете факултетски згради, имате ли аргументи да им кажете на студентите дека и сега се во право?

Ставот на Универзитетот во врска со носењето на Законот за високо образование беше јасен. По разговорите со надлежните институции, сите се сложивме дека треба да се работи на подигнување на квалитетот во високото образование, но заради одредени решенија кои можат да бидат проблематични во нивната имплементација, сите заедно, и Универзитетот, и студентите и МОН, се договоривме дека заеднички треба да се пристапи кон изготовка на нов Закон, за што беше формирана и заедничка работна група. Но, овој пат, за жал не гледам простор за поддршка во попречувањето на Министерството, потенцирам, на барање на факултететите, конечно да го реши проблемот за студирање во квалитетни услови на 4.700 студенти. Премногу е лицемерно некој истовремено да се декларира дека се бори за студентскиот стандард, а да негодува за подигнување на студентскиот стандард. Значи, ако вчера беше проблем што не се градат згради, денес е проблем што се градат. Што е лошо ако се градат објекти за факултети кои се во состав на Универзитетот, кои се наменети за високото образование и дејноста на Универзитетот? Јавноста треба да биде запознаена дека просторот на кој ќе се градат зградите воопшто не се користи од студентите на УКИМ, туку низ него минува пат кој го користи локалното население (со судска одлука), како и место кое е собиралиште на различни девијантни групи во текот на ноќта, за што зборуваат секојдневните оштетувања на објектите, чести кражби и присуство на секаков вид биохазарден материјал, кој е потенцијална опасност за сите минувачи. Зборувам за факти, кои можат да се проверат. Во однос на средбите со Студентскиот парламент, Студентскиот пленум или било кој друг, вратата на ректоратот е постојано отворена и никој, апсолутно никој, не може да се пожали дека не му било посветено време и организирана средба. Во текот на завчерашниот ден се сретнав повторно со четири студенти од пленумите. Всушност не четири, туку три. И тука, уште еднаш излегува на површина целата етика, морал и иронија на сето тоа што некој се обидува ова да го трансформира во проблем. Имено, тројцата беа студенти, а четвртиот дипломиран судент на Архитектонскиот факултет во 2011 година. Значи воопшто не е студент, а се јавува од името на студентите, кој се претстави како „надворешен консултант“ на една од пленумските организации. Но, тука приказната не завршува. Истото лице кое ја проблематизира локацијата, сечењето на дрвјата и што уште не, и на кое му посветив цели два часа (заедно со другите), се јавува и како понудувач на јавниот повик на МОН за проектирање на зградите. Се прашувам, ако му била позната локацијата (со дрвја, се разбира), просторот на кој ќе се гради и слично, а тој не се сложувал со тоа, и ако има цврсти принципи, зошто воопшто конкурирал? Не сум сигурен, дека денес архитектурата е толку напредната за барните објекти да може да се изградат на дрвја. И уште едно хипотетичко прашање со повеќе од извесен одговор: Дали ако тоа лице било избрано за најповолен понудувач, ќе немаше никакви проблеми со дрвјата и сето останато? Во најмала рака, сето ова е невкусно.

Ако земјиштето на кое се наоѓаат објектите на УКИМ е дадено на користење, а е сопственост на РМ, тогаш над УКИМ секогаш како Дамоклов меч ќе биде надвисната можноста државата да бара одземање на корисничкото право, можеби и за изградба на објекти во универзитетскиот двор кои нема да имаат образовна намена. Колку (ќе) ја чини автономијата фактот дека сте „потстанари“ на земјиште на државата, и колку тоа може да стане инструмент за притисок од власта сега и во иднина?

За изминатите 66 години на постоење на Универзитетот, сите објекти ги изградила државата и никогаш не се случило да се градат објекти кои не се поврзани со Универзитетот, туку сите се за Универзитетот и во функција на нашата дејност. Немам причина да мислам дека во иднина би било поинаку. Кога веќе зборуваме на таа тема, државата грижејќи се за потребите на Универзитетот, само во последните години на УКИМ му додели градежно земјиште од 688 м2 и 16,02 хектари земјоделско земјиште. Во август оваа година со одлука на Владата доделени се објекти за потребите на Универзитетот (фармата во Ржаничино), а во постапка е доделување на земјоделско земјиште со површина од 89,7 хектари.

Полициски возила не се вклопуваат во сликата и суштината на автономијата што треба да ја рефлектира и живее еден Универзитет. Кој ја повика специјалната полиција на 14.12 во кампусот на УКИМ и зошто?

За жал, уште една груба манипулација со фактите. Но, еве повторно ќе објаснам. Полицијата ја повикав јас, и немам никаква причина тоа да го негирам, затоа што присуството на полицијата во кампусот нема никаква врска со градбата. Се работи за следното: Кампусот на Битпазар има вкупно 5 влезови/излези, што е исклучително тешко за обезбедување, особено по судската одлука од 2006 година за право на премин на населението од населбата низ кампусот, при што не може да се направи апсолутно никаква контрола на тоа кој влегува или излегува, затоа што тоа во практика е отворен премин за сите. Безбедноста е на загрижувачко ниво. Од уништување на имотот на Универзитетот, до пукање во згради (Правниот факултет) и поставување две бомби во 2014 година (едната експлодирана, за среќа без последици, а другата навремено отстранета од специјалните служби на министерството). За сето ова повеќе пати ја информирав Ректорската управа и Сенатот. Со моја наредба пред неколку години беа затворени вратата на северната страна и едната врата на западната страна, додека втората врата на западната страна е отворена и надвор од работното време, заради споменатата судската одлука. На 27 ноември 2015 година до мене писмено се обрати деканот на Филолошкиот факултет, врз основа на барање од студентите на Факултетот, кои заради одредени случувања во кампусот изразуваат загриженост за нивната безбедност. Истовремено, од деканот од Правниот факултет добив писмено барање, со кое се бара помош за подигнување на безбедноста на Факултетот. Тргнувајќи од сето тоа, како и целокупната безбедносна ситуација, а со оглед на фреквенцијата на студенти, професори и странки во кампусот, на 1.12.2015 година упатив писмо до МВР со молба да овозможат одредено присуство на нивни лица во кампусот. Од ова можете самите да заклучите дека се што е преземено, е направено со причина, и две недели пред почетокот на градбата, а ако некој има намера да ги комбинира работите заради нечии дневно-политички потреби и цели, тоа не е мој проблем. Без оглед на автономијата и сликата, јас повторно би го направил истото, ако за тоа има потреба и ако е тоа во насока на безбедноста на нашите студенти.

Ректорското столче во изминативе години се покажа како многу „пожешко“ и од политичките. На што е повеќе резултат тоа - на обидите и Универзитетот да се стави под капата на политиката или на ускратената можност Универзитетот да партиципира во одлуки што го тангираат неговото работење и автономија?

Во Ректоратот сум од 2005 година. Добар период да се согледаат многу работи. Имаше различни турбулентни периоди, но секогаш за мене УКИМ беше најважен. За тоа како го водев во изминатите години зборуваат резултатите, двата надворешни извештаи од Брисел и сите седум Извештаи за работата едногласно усвоени од Сенатот. За жал ректорството често пати се перцепира како некоја голема привилегија, дури и од блиски соработници. Би бил среќен тоа да беше така. Тоа е жешко столче со многу, многу работа и голема одговорност. Универзитетот по својата поставеност е надвор од политиката и ние се трудиме тоа да биде така. Но, на Универзитетот имало и ќе има професори со различни политички припадности, идеологии или индивидуални идеи и желби. За жал, последните ги генерираат проблемите и тие секогаш доаѓаат од внатре, а не од надвор. Во сето тоа опкружување ректорството е позиција на која човек ја сфаќа суровата реалност, дека ако нешто добро оди, тогаш тоа е заслуга на сите или пак јавноста успесите вообичаено не ја интересираат. Но, ако има било каков проблем, тогаш секогаш 'дежурен виновник' е ректорот. Во пресрет на изборната година за нов ректор на УКИМ, желбите и амбициите некому му го поматуваат умот. Решените и нестрпливите да седнат на ректорското столче, па макар и жешко, генерираат и монтираат различни проблеми, инсинуации и измислици од најнизок вид. Но, сето ова човек треба да го надмине со разум и академско достоинство, зошто тој што се занимава со ниски работи, веќе е казнет и јаден со тоа што е таков, а на УКИМ сигурно не поминува.

Реклама