„Рекет“: Судскиот процес на годината | Северна Македонија | DW | 03.12.2019
  1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages
Реклама

Северна Македонија

„Рекет“: Судскиот процес на годината

На столчето каде честопати седеа обвинети од СЈО, овојпат седна лично Специјалната јавна обвинителка, Катица Јанева.

Денеска сите патишта водат во скопскиот Кривичен суд, каде што започнува судскиот процес за „Рекет“, кој се третира како „процес на годината“. На столчето каде честопати седеа обвинети од СЈО, овојпат седна лично Специјалната јавна обвинителка, Катица Јанева, слика што сведочи за кусото растојание меѓу нејзиниот голем подем и брз пад. Одбраната на Јанева ќе се обиде да ја докаже нејзината невиност за делото за кое е обвинета - „Злоупотреба на службената положба и овластување“, за кое е предвидена казна затвор од најмалку 3 години. Од нејзиниот адвокатски тим сметаат дека е обвинета за дејства кои како обвинител имала право да ги преземе, а велат и дека има повреда на правото на одбрана, бидејќи од Обвинителството ги добиле само дел од доказите, што е спротивно на законот.

Покрај Јанева, пред судијката Васка Николовска-Масевска, денеска ќе седнат уште двајца обвинети - Бојан Јовановски (Боки 13) и Зоран Милески (Кичеец). Јовановски е обвинет за две кривични дела: „Примање награда за противзаконито влијание“ за кое казната е една до 10 години затвор, а исто толку е и казната за другото дело што му се става на товар - „Перење пари и други приноси од казниво дело“. Игор Милески-Кичеец е обвинет за „Примање награда за противзаконско влијание“,

Каскадни цени за услуги

Јовановски беше приведен на граничниот премин „Богородица“ на 15-ти јули годинава, и оттогаш е во притвор, од каде денеска траба да биде спроведен до судот. Второобвинетата Јанева Јанева беше во затворски притвор од 21 август до 19 ноември. Таа и третообвинетиот Зоран Милески-Кичеец во судот ќе бидат донесени од куќен притвор. Обвинението против тројцата беше покренато на 10 октомври.

Повеќе:

-Се стега обрачот околу СЈО и „Рекет“

-Рускоска: Зошто не ја прифатија гаранцијата на Јанева?

-Јанева пуштена дома, Русковска ќе ги истражува судиите

Истрагата за случајот „Рекет“ започна откако бизнисменот Јордан Камчев, осомничен од СЈО во случајот „Империја“, пријавил дека Јовановски и Милески му барале рекет - различни суми за различни услуги со кои Јанева требало да ја олесни неговата положба во предметот за кој е осомничен. За почеток, да добие куќен притвор и враќање на пасошот му биле побарани еден и пол милиони евра. Според обвинението, тие барале сума од 8 милиони евра ако СЈО со одлука на Врховниот суд остане овластен тужител против Камчев во предметот „Империја“. Доколку не - барале 5 милиони евра за во истражната постапка Јанева на Камчев да му даде својство на заштитен сведок, со наредба да ја запре истражната постапка или да склучи со него спогодба за полесни кривични дела и да плати незначителен износ на штета. 

Снимени со парите

Италијанскиот весник „Ла верита“ во август годинава објави видео материјал снимен во домот на Камчев, на кој се гледа како Јовановски и Милески заминуваат со пари спакувани во чанта „Луј Витон“. На некои од другите снимки се слуша и гласот на Јанева вклучена на спикерфон, како му вели на Камчев „се ќе биде океј“.

Каде точно завршиле сите пари не се знае, но според докази обезбедени од Обвинителството голем дел од нив биле потрошени од Јовановски за патувања, престој во скапи хотели, купување брендирана гардероба и скапи подароци. На Јанева засега и е одземен во мебел кој го добила на подарок од Јовановски, а не се знае каде е купчето од 50.000 евра со кои се сликала, на фотографија најдена во телефонот на Јовановски.

Покрај ова, истрагата за случајот „Рекет“ се прошири и кон невладината организација на Јовановски - „Меѓународен сојуз - Скопје“. Меѓу осомничените повторно е Бојан Јовановски како претседател на Сојузот, неговиот татко Миле Јовановски, заменик-претседателката на сојузот Јасна Мандиќ, и потпретседателката на Собранието од редовите на СДСМ, Фросина Ременски, која во Сојузот била почесен претседател.

 

DW.COM

Реклама