„Рекет“ е шанса да завладее правда и Заев да освои нов мандат | Северна Македонија | DW | 19.07.2019
  1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages
Реклама

Северна Македонија

„Рекет“ е шанса да завладее правда и Заев да освои нов мандат

Најхеројска е онаа власт која дозволува правдата и вистината да се истераат до крај. Без селективности и без штетни странски влијанија. Ако правдата се истера, Зоран Заев може да ја чекира картата за нов мандат.

Оној кој се бори со чудовишта треба да внимава самиот да не стане чудовиште“.

„Кога предолго гледаш во амбисот и амбисот гледа во тебе“.

Фридрих Ниче

Дали државата и власта може да ни ја врати огромната колективна енергија и надежта во борбата и потрагата по правдата и правната држава?! Дали државата може да ни ја поврати довербата која огромен број на луѓе ја доверија на неколку лица издигнати до култни фигури, демиурзи на новиот праведен пострежимски курс?

Може ли државата да излезе од својата дволичност и хипокризија, како држава која ја крие вистината и која во исто време трага по вистината, државата и нејзините органи и институции кои корумпираат и рекетираат, и државата и нејзините органи кои се борат против тој гумен и еластичен ѕид од неправди. Што може државата, властите и нејзините органи, да им вратат на своите граѓани? Можат да им ја вратат само вистината, преку конечно остварување на правдата и ништо помалку од тоа не може и нема да помине.

Ова е држава за која одамна се вели дека е отрпната од скандали. И навистина, што не видовме, какви работи не се изнаслушавме, какви грди вистини не откривме, потврдувајќи ги сомнежите кои веќе сме ги имале. И тоа не само во последните 3-4 години, туку во овие неверојатно турбулентни 30 години од нашата независност. Но и покрај тоа, шокот беше голем кога дознавме од јавното обвинителство за организиран криминал дека сомнителни медиумски газди и силеџии спровеле рекет од 1,5 милиони евра земени од бизнисмен, на кој му се барани дополнителни 8 милиони вкупно, но и дека досега се земени најмалку 5 милиони евра од повеќе богати бизнисмени. Шокот и покрај целата отрпнатост, премина во бес измешана со апатија и немоќ кога на површина излегоа сомнежите дека главната обвинителка на СЈО и други нејзини колеги, заедно со некои поединци од власта, всушност биле моторот двигател на цела оваа рекетарска машинерија.

Кругот конечно е затворен

Основ за рекет биле информациите, снимките и документите со кои располага СЈО и со кои бизнисмените се уценувани дека ако платат ќе се спасат од прогон, ако пак не, за нив следи истрага и судење. Но, и пострашно од тоа, постои сомнеж дека дел од истрагите и постапките биле фабрикувани, со цел рекетот да се оствари, за еднаш макар и делумно платен рекетот и инкасиран од посочените, истражното дејствие да го остават во правно лимбо.

Замислете, оние што требало да ги ловат наводните криминали, самите станале криминалци.

Кругот конечно е затворен, на веќе деструктивната и компромитирана опозиција, доаѓа компромитацијата на медиумите и наводно големите новинарски бардови кои иако работеле во медиумот на материјалниот рекетар, ништо не знаеле, ниту откриле нешто за овој невиден скандал. На тоа се придодава компромитацијата на органот на правдата и надежта околу расчистувањето на криминалите на режимот. Останува да виси во воздух сомнежот за вмешаност на луѓе од власта, нешто што доколку не биде расчистено, Македонија дефинитивно може да се збогува со обидите да стане правна држава, членка аспирант на ЕУ, или воопшто, некаква си суверена држава која колку толку успева да функционира. За едниот партнер од власта веќе знаеме колку е криминален и компромитиран, но ако тоа се наметне како реалност, па макар и како перцепција и за поголемиот партнер, тогаш со нас и со нашиот политички систем и демократија, е готово. Се враќаме на она што предолго бевме - пропадната и заробена држава.

Да се разбереме, доколку овој неверојатен и потенцијално катаклизмичен скандал остане само на Боки и Зоки, тогаш заборавете на некакви си датуми, заборавете на некаква си правда, заборавете дека оваа држава ќе успее да се изведе на вистинскиот пат. Никој, ама буквално никој, не верува дека Боки и Зоки рекетирале со сликички и документи, без во позадина да имаат силна и недвосмислена поддршка и способност за влијание од оние за кои постојат сомнежи дека се дел од нешто што опасно наликува на злосторничко здружување.

„Продавање“ на Катица Јанева

Веќе реков, погледнете ја само онаа неумесна прес-конференција на СЈО. Ако веруваме на познатото правило дека 70 проценти од перцепцијата која што се доживува доаѓа од сликата, а не од содржината на она што се зборува, тогаш коментарот за првата прес-конференција на десеткуваните „три грации“ е дека нивниот настап не беше нималку грациозен, а уште помалку доследен во споредба со славните прес-конференции, каде театрално ги изведуваа и изнесуваа своите истраги.

Прес-конференцијата која што не го ни имаше соодветниот облик, без наредени обвинители и со набрзина собрани новинари и камери, делуваше како очаен обид за заштита на своето работно место и платата која што ја добиваат. Се чувствуваше невидена подготвеност на обвинителите во многу брзо време и на лесен начин да ја „продадат“ и „пуштат низ вода“ својата шефица – Катица Јанева.

Како тоа одеднаш не сакаа да издадат детали што ќе се случува со случајот „Империја“, во насока на почитување на презумпцијата на невиност, а истото не важеше и не се почитуваше во брифинзите за било кој од случаите за кои целосно се изнесуваа детали додека инволвираните беа во притвор, а тие ги држеа своите прес-конференции пресудувајќи им на сите осомничени? Очигледно, ова почитувување на презумпцијата на невиност важи само кога тие самите се осомничени за злосторничко здружување?!

Зошто притоа на обвинителката Лиле Стефанова не ѝ беше дозволено да даде изјава, сė додека притисокот на новинарите не влијаеше и таа да се појави и да одговори на прашањата?

Со изјавата на обвинителката Стефанова дека зад секој потпис на сите одлуки кои излегуваат од Специјалното јавно обвинителство стои единствено специјалната јавна обвинителка Катица Јанева, таа ја покажа својата спремност да ја продаде својата шефица.

Иако Стефанова ја даде својата изјава под притисок на новинарите, таа не одговори на клучното прашање: зошто не противречела на донесените одлуки доколку била запознаена со истите и сметала дека е неисправно нешто од тоа?

Не може да има владеење на правото и правна држава без фер и правична постапка за сите.

Ова е дел од една очајна стратегија да се минимизира штетата и инволвираните да ја избегнат правдата. Но е обид на кој власта не смее да наседне.

Не може да се спаси ситуацијата со оставка на Катица Јанева и нејзино пензионирање во Гевгелија, како што не може други инволвирани од СЈО, да се сокријат зад одговорности на поединци, кога и тие самите имале одговорности. Што значи – потфрлила институцијата!

Станува сè појасно дека инструментот наречен СЈО, зачнат како надворешен елемент уфрлен во нашиот затруен систем, а роден преку договорот на најголемите две партии не успеа во својата мисија. Не успеа затоа што беше затруен од системот, затоа што работеше над Уставот и законите, затоа што функционираше селективно, затоа што не водеше правични постапки и затоа што конечно, стана корумпиран и трул.

Судбина на протекторат

Сега кога веќе се споменува нашата судбина на протекторат, мора да ни е јасно дека ние веќе сме протекторат и поради одредени странски влијанија и врз оваа институција. Ние сме протекторат затоа што голем број на странски држави и понатаму се подготвени да имаат силен збор и удел во глумењето лажен напредок и реформи, во одржување на Македонија како стабилократија, а не како функционална демократија. Но, која е поентата ако преживуваме како трул протекторат?!

Преочигледно е како некои странски елементи со сомнителна морална историја на Балканот, се обидуваат да го спасат своето дете Катица Јанева. Тоа го прават затоа што знаат дека со нејзиниот пад, готово е со СЈО, и готово е со нивното влијание.

Но, не е сѐ безнадежно! Во оваа борба помеѓу разни домашни и странски интереси, постои начин како нештата да се исправат, а тоа го кажав на самиот почеток – понудувајќи ја вистината и правдата. Овој скандал доаѓа како подарок и конечен тест за власта на Зоран Заев. Може од овој скандал сѐ да се сруши, но и многу нешто да се изгради. Владата сѐ уште нема право да кажува дека со постапувањето во случајот „Рекет“, се потврдило како државата функционира, како правната држава функционира, како владеењето на правото функционира. Тоа ќе може да го каже, само ако се дозволи сета валканица и сите инволвирани во овој случај да излезат пред лицето на правдата. Тоа ќе може да се каже само доколку паднат сите сомнежи дека и понатаму постојат злосторнички здруженија кои диригирани од којзнае какви политички или странски сили, влијаат врз спроведување на правдата. Конечно, тоа ќе може да се каже, само и единствено доколку се воспостави владеење на правото и правна држава преку фер и правична постапка за сите. Само со обвиненија против Боки и Зоки, тоа е пренаивно и прештетно да се земе како опција.

Ги разбирам како целосен дефокус спиновите дека целиот случај е за некој да избега од правдата. Како може некој да избега од правдата ако навистина постои правична и фер постапка. Ниедна постапка не треба да пропадне, но ако се докаже дека тие биле противправни, селективни или фабрикувани, тогаш тие не можат да продолжат. Таму каде што се има докази, правична постапка, фер процес, тоа мора да биде процесуирано. Најверојатно преку ОЈО, каде ова девалвирано и руинирано СЈО ќе се префрли, ен блок, или само со оние поединци кои чесно и правично работеле. Тоа прашање ќе го решат и самите партии преку договор за новиот закон за обвинителство, додека што се однесува околу продолжување на постапките, експертите се согласни дека тие ќе можат да продолжат.

Затоа ќе повторам, ретко кој државник е во позиција два пати да испадне херој. Односно, замислете, да се потврди како херој на правдата. Најхеројска е онаа власт која дозволува правдата и вистината да се истераат до крај. Без селективности, без штетни странски влијанија, без рекет и без злосторнички здруженија.

Други колумни од авторот: 

Демек комедијанти, за демек сериозни

Канибализмот на Заев

Киднапираните победи и банал-национализмот на ВМРО

Психодрамата на Заев!

Ако правдата се истера, Зоран Заев може да ја чекира картата за нов мандат. Ова е неговиот билет за реизбор. Тоа не е НАТО, тоа не е датумот, тоа е само и единствено докажувањето дека оваа држава ќе им го даде на граѓаните тоа што највеќе го бараа, и за што највеќе се бореа: Еднакви права за сите! - Законите да важат за сите!

Воедно, ја имаме шансата од ова разочарување да излеземе попаметни. Освестувањето од култот на нашите лажни херои, разочараноста од отсуството на правда, напуштањето на празните логики и слугувања на релативизмот, полтронството и апологетството, само тоа е предуслов за свест која води кон поголема слобода.

Ни требаше вакво освестување, зашто премногу хипокризија завладеа, завладеа мрзливост, луѓе што зборуваа со време и во времето кога живееме беа напаѓани за мрчаторство, за хистерија, за ситнење на отпорот. Преку вакви освестувања се оди напред, а не преку заблуди, фантазии и самоцензура. Таму не се стига со клоцање само на мртви Германци.

Одиме понатаму, а многумина тука им должат извинување на малкумина, на неколку поединци кои работат на колективната свест и интерес, на информирање во интерес на јавноста. Тоа се покажа дека функционира во оваа држава.

Време е тука да се придодаде и државата.

 

DW.COM

Реклама