Револуција, или подобро не? | Свет | DW | 30.11.2019
  1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages
Реклама

Свет

Револуција, или подобро не?

Социјалдемократите се пред одлука за идниот курс на партијата. Во втор круг гласање, 425.000 членови го бираат својот иден партиски лидер. Ова истовремено е и одлука „за“ или „против“ големата коалиција со ЦДУ на Меркел.

Помина речиси половина година откако поранешната претседателка на СПД, Андреа Налес, по катастрофалниот изборен пораз на нејзината партија на покраинските и на европските избори ја фрли ракавицата. Во анкетите на национално ниво СПД има поддршка помеѓу 12 и 14 проценти. Налес беше трет претседател на партијата во последниве три години. Разочараноста и беспомошноста во СПД беа толку големи што набрзина назначеното партиско раководство се одлучи за еден неочекуван потег: 425.000 членови на СПД да решат кој ќе ја води партијата во иднина. Единствениот услов: тоа треба да биде тим од еден маж и една жена.

Одлуката во втор круг

Во првата изборна рунда со речиси 23% победи дуото на министерот за финансии Олаф Шолц и политичарката од покраината Бранденбуррг, Клара Гајвиц. Веднаш зад нив, со 21% поддршка, беше тимот на поранешниот министер за финансии на Северна Рајна Вестфалија, Норберт Валтер-Борјанс и пратеничката во Бундестагот, Заскиа Ескен. Поради тоа што ниту еден тим не освои апсолутно мнозинство, сега има втор круг. Тука ќе се одлучи за идниот политички курс на СПД, бидејќи двата тима имаат сосем различни планови и идеи.

Deutschland SPD-Regionalkonferenz in Duisburg, NRW (picture-alliance/dpa/R. Weihrauch)

Многумина сакаа да станат лидери на СПД и со недели одговараа на прашања на партиската база

Промена на курсот кон лево?

„Во последнве 20 години доживеавме поддршката за оваа партија да падне од речиси 40% на 14%, а тоа е последица на тоа што премногу долго се преземаа активности кои човек може да ги нарече неолиберални“, критикува Валтер Борјанс.

Социјалдемократите, од 2005 година по трет пат ја водат државата, во моментов заедно со ЦДУ и ЦСУ под канцеларката Ангела Меркел. Во овој период, поради политичките компромиси СПД уште повеќе го загуби левичарскиот политички профил, вели Валтер-Борјанс. Тој заедно со Заскиа Ескен сака ова да го промени. И двајцата се дел од левото крило на СПД. Партијата мора повторно да биде тука за оние кои немаат застапници во општеството. Ескен и Валтер-Борјанс конкретно, меѓу другото сакаат укинување на сите санкции за невработените, значително зголемување на минималната плата и воведување на данок на богатство.

Ревизија на коалицискиот договор?

Тоа ќе има последици и за коалицијата со Унијата: „Верувам дека во таков случај би било потешко на долг рок да се води широка коалиција и тогаш ќе треба мнозинството да се бара на страна на ЦДУ, ЦСУ и ФДП“, вели 67-годишниот Борјанс. 58-годишната Заскиа Ескен во изборната кампања за партискиот врв отворено кажа дека таа порадо уште веднаш би ја напуштила владината коалиција.

Само така може да се спаси СПД. „Постојат социјалдемократски партии во Европа кои се пред пропаст, на крај, и не сакам да гледам како и СПД запаѓа во истата ситуација“, вели таа. Доколку ЦДУ и ЦСУ не се подготвени повторно да разговараат за содржината на коалицискиот договор и да се вклучат повеќе социјалдемократски барања, тогаш ќе мора да се излезе од коалицијата.

Übergabe Jahresgutachten des Sachverständigenrates (picture-alliance/dpa/B. von Jutrczenka)

Олаф Шолц сака и натаму да влада со Ангела Меркел

Врвните политичари на СПД сакаат да останат во владата

Да се напушти владината коалиција? Олаф Шолц и Клара Гајвиц сакаат по секоја цена да го спречат тоа. А, со нив на ист став се всушност сите политичари на СПД кои актуелно се на врвни функции, особено сојузните министри. Тие сакаат да останат на своите позиции, па така практично сета социјалдемократската проминенција даде препорака да се гласа за дуото Шолц и Гајвиц.

Премиерот на Долна Саксонија, Штефан Вајл, вели дека „му се кревала косата“ од политичките барања на Заскија Ескен. „Да се гледа само црно и бело мислам дека не е баш корисен начин за раководството на СПД."

Не може да се процени дали и партиските членови ќе ја следат препораката на врвните политичари од своите редови. Ако се водиме според нервозата која владее кај последниве, резултатот веројатно ќе биде тесен.

Олаф Шолц се служи со сите средства

Тоа му е јасно и на професионалниот политичар Шолц. Тој повеќе од 20 години е на челни позиции - веќе еднаш бил сојузен министер за труд, генерален секретар на СПД и градоначалник на Хамбург пред повторно да стане сојузен министер, овојпат за финансии, како и вицеканцелар. Но, и покрај тоа, тој никогаш ги немаше освоено срцата на СПД. Тоа можеби се должи на неговото круто држење, речиси без емоции. Шолц е трезен прагматичар, често остава студен впечеток. Не е без основа неговиот прекар „шолцомат“, игра на зборови од Шолц и автомат.

Но, на неговите последни настапи 61-годишникот речиси и да не личеше на себе во тој поглед. Шолц на настапите на телевизија делуваше ентузијастички расположен, беше кавгаџиски настроен и за СПД велеше дека треба сигурно да гледа во иднината. Партијата веќе многу постигнала во коалицијата, со тоа што се изборила за основна пензија постигнала „голема победа". „Имаме што да покажеме и не треба самите себеси да се омаловажуваме."

Deutschland Olaf Scholz wird neuer Bundesarbeitsminister (picture-alliance/dpa/S. Pilick)

Олаф Шолц беше министер за социјала во владата на канцеларот Герхард Шредер

Жената која е негова десна рака

Така аргументира и Гајвиц, која на почеток велеше дека мора да поработи на тоа да не биде само „декор" на Шолц. Но, во меѓувреме се помирила со тоа, како што вели, дека политичката тежина во нивниот тим не е еднакво распределена. „Да бев јас вицеканцелар, а тој поранешен пратеник од покраинскиот парламент во Бранденбург, тогаш нештата би биле обратно."

Тимот веќе постигнал согласност околу прашањето кој ќе ја води СПД на сојузните избори во 2021 година. „Наша цел е канцеларот да биде избран од редовите на СПД", вели Гајвиц. Тука немало дилеми дека треба да се оди со кандидат кого го „знаат најголемиот дел Германци, кој веќе има неверојатно многу искуство во работата на сојузната влада и кој случајно е и најомилениот социјалдемократ во Германија. За мене изборот е логичен."

Ако победат Шолц и Гајвиц, тоа не значи по автоматизам дека ќе опстане и големата коалиција. Одлуката „за“ или „против“ останување во владата ќе се носи на партискиот конгрес на 6 и 7 декември годинава. Новите претседатели даваат само своја препорака. Доколку делегатите сепак се одлучат за напуштање на коалицијата, сѐ наведува на предвремени избори следната година.

DW.COM

Реклама