„Револуцијата секогаш доаѓа одлево“ | Свет | DW | 12.04.2017
  1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Свет

„Револуцијата секогаш доаѓа одлево“

Кој е дострелот на демонстрациите во Србија? „Оваа генерација мора да инсистира на целосно уништување на овој политички систем, медиумите да бидат ослободени од доминацијата на Вучиќ“, вели за ДВ социологот Јово Бакиќ.

Дојче веле: Чувме дека демонстрантите бараат смена на целата влада на чело со Александар Вучиќ, а потоа фер и слободни избори. Што ако тоа навистина се случи?

Јово Бакиќ: Тоа нема да се случи. Оваа власт е доволно јака и објективно ги доби изборите. Друга работа е на каков начин ги доби. Постоеше страшна контрола на средствата за масовно информирање, првенствено на телевизиите со национална концесија, преку кои за политиката се информираат три петтини од граѓаните на Србија. Освен тоа, во четвртокот, пред изборната тишина, сите дневни весници, со исклучок на „Данас“ и „Информер“, кои секако се партиски, блуткави и одвратни весници на Српската напредна партија, излегоа обвиткани со партиски пропаганден материјал на Александар Вучиќ. Тоа е вистинси скандал. Дури ни Слободан Милошевиќ тоа не си го дозволуваше. Така, манипулацијата со средствата за јавно информирање сосем извесно ги наелектризира младите луѓе, кои не дозволуваат некој да им ја потценува интелигенцијата.

Деновиве чувме дека премиерот и иден претседател размислува околу парламентарни избори. Дали тоа би било бегство од луѓето на улиците или решение кое на сите им одговара?

Тоа решение не одговара никому.Не се можни нормални избори ако голем дел од граѓаните протестираат на улици токму поради несоодветните услови за политички живот во Србија. Клучно прашање е дали ќе имаме соодветни услови за политички живот во Србија, а не избори на секои два месеци. Ако имаме толку чести избори, а оној кој ги држи сите лостови на власта ги контролира медиумите, не мораме да живееме во Србија, можеме и во Северна Кореја.

Што уште треба да се промени за да имаме слободни и фер избори какви што бараат студентите?

Клучно е прашањето за средствата за масовно информирање, ние во 90-те години постојано ја имавме грижата дали ќе имаме јавни медиуми кои нормално известуваат за животот на луѓето во Србија или ќе имаме медиуми во служба на властродржците. Во овој момент, речиси сите медиуми се во служба на властодржецот. Тоа е неодржлива ситуација и затоа овие млади луѓе се побунуваат. Освен тоа, постои сѐопшта криминализација на општествениот живот, каде политичката власт е јадрото поврзано со крупниот капитал и со мафијашите во земјата, со криминалот, всушност тие владеат. Младите во Србија тоа го гледаат. Некои други, кои немаат доволно информации, не знаат што се случува, Но, ние кои ги гледаме нештата, знаеме дека трговците со дрога кои се претставуваат како водачи на навивачите на Црвена ѕвезда и Партизан, денес се крупни капиталисти, зашто на Ѕвездиниот стадион имаат седиште на своите фирми, на пример. Тие всушност ги перат парите од дрога за вносни зделки со државата, па се богатат на два, три паралелелни начини, а сѐ на штета на ова општество. 

Втор дел од барањата се однесува на социјални прашања - правата на работниците, образование достапно за сите и здравство...Колку се барањата прешироко формулирани?

Младоста бара сѐ и тоа веднаш. Нивните родители или дедовци и баби имале бесплатно образование и здравствена заштита. Постоеја тие предности на социјализмот. Не можеме да се правиме слепи и да велиме дека не беше така. Се разбира, нема ништо бесплатно, но прашање е дали сме како општество подготвени да исчекориме во цивилизација или сме потонати во толкаво варварство, што веќе не се ни сеќаваме што значеше цивилизацијата.

Можеме ли од барањата да прочитаме од која страна доаѓа револуцијата?

Револуцијата секогаш доаѓа одлево, зашто ако е оддесно, тогаш таа не е револуција, туку реакционерни скокови наназад. Исклучиво одлево може да имаме корисна промена на општеството, која тежи кон создавање одредени идеали на човечноста. Ако ги угнетувате другите за вам да ви биде подобро, тогаш тоа не е револуција, туку варварство.

Имате чести контакти со студентите. Дали можеше да се насети вакво нешто? 

Изненаден сум што чекаа толку долго. При разговорите со нив во последните пет или десет години, избиваше огромно незадоволство. Од таа страна не сум изненаден, малку сум изненаден што тоа дојде по изборите, тоа требаше да се случи многу порано, зашто причините за незадоволството се многу подлабоки од овие избори.

Можете ли да насетите што би можеле да донесат овие протести и со што би резултирале? 

Тоа е крајно непредвидливо. Кога и да постои некој општествен процес кој е во тек, тој има своја логика, која е речиси невозможно да се предвиди. Дури кога процесот ќе заврши, ќе можеме да зборуваме сталожено за него. Во овој момент е клучно дали сте „за“ или „против“, дали ќе дадете поддршка или не.

Студентите се оградија и од своите политички организации. Што ни зборува тоа?

Тоа е многу добра работа. Луѓето не сакаат да бидат инструментализирани од било која политичка сила, политичка партија, и тоа е многу добро, зашто политичките партии целосно ја уништија оваа земја. Политичкиот систем, онаков каков што е, мора до темел да се разори. Без тоа, сосем извесно, нема ништо. Сѐ што правите со овие партии кои денес постојат, нема да биде добро. Во тој смисол, оваа генерација мора да инсистира на целосно уништување на овој политички систем. Тоа значи формирање политички партии од почеток. Овие партии не треба да постојат. Мора да се прави нешто целосно поинаку, инаку нема иднина за ова општество.

Социологот Јово Бакиќ предава на Филозофскиот факултет во Белград.

 

DW.COM

Реклама