Рашела Мизрахи и таблата патриотизам | Северна Македонија | DW | 11.02.2020
  1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages
Реклама

Северна Македонија

Рашела Мизрахи и таблата патриотизам

Техничката министерка Мизрахи секојдневно реди успеси. Нејзините дела говорат повеќе од нејзините зборови. Седната во државна фотелја, таа, имено, одбива да стои пред табла на која пишува „Северна“.

Колку кила патриотизам ќе продадат ВМРО-ДПМНЕ и неговите технички министри денеска? Неизвесно е! Се зависи од тоа на каква табла ќе налетаат. Експертите на Светската здравствена организација, загрижени поради ширењето на коронавирусот, велат дека вирусот не се пренесува преку тврди предмети бидејќи не може долго да преживее на нив, но со таблите во Северна Македонија никогаш не се знае. Уште откако нивниот, никогаш непрежален и кај-и-да-е-ќе-се-врати, лидер Никола Груевски ја постави славната табла со името на „Александар Велики“ на автопатот, вирусот на таквиот квази-патриотизам се пренесува од човек на човек, од „Белата палата“ до Владата...

Тој патриотизам, испразнет од секаква суштина, најчесто се сведува на мноштво флоскули, повикување на славното минато, тендери за споменици и антички градби, и во последниот случај- нестоење пред табла со уставното име. Тоа е.

Што ќе ни се НАТО и ЕУ кога ја имаме Рашела Мизрахи. Нејзините резултати како технички министер во министерството за труд и социјала, со задача „организирање на предвремените избори за пратеници“, секојдневно го привлекуваат вниманието. Министерката не стои пред табла. И точка! Ако треба и казна ќе плати ама „Северна“ не ја признава.

Во ред е тоа што министерката се понуди да плати казна. За партија што владееше како што владееше речиси 11 години, 5.000 евра и не се некои пари. Ќе се покрие тоа некако. Конечно, можеби е тоа и поефективен начин да проработи бројчаникот над „Триумфалната порта“, отколку да чекаме да профункционираат институциите или не дај боже, судовите.

Прашањето е кој ќе ја плати казната за штетата што ја трпат државата и граѓаните?

Денови ја делат земјата од влезот во НАТО. Завет даден уште од прогласувањето на независноста. Следниот месец, конечно, треба да го биде и вториот голем сон- почетокот на пристапните преговори за членство во ЕУ.

Денеска и Собранието треба да го ратификува протоколот за членство во воено-политичката Алијанса, а пред него ќе се завиори знамето на НАТО.

Во таква ситуација, да се мисли само на предизборен маркетинг и на евтини политички поени, е неодговорно и се, само не патриотизам.

Остварувањето на врвните национални и стратешки цел треба да биде приоритет на секој член на владата. За нив, ако треба, може да се држи прес-конференција и пред табла јајца.

 

DW.COM

Реклама