Рации против десни екстремисти | Свет | DW | 25.01.2017
  1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Свет

Рации против десни екстремисти

Во Германија се спроведени рации против десни екстремисти кои наводно планирале напади врз Евреи и азиланти во земјата.

Рации се спроведени во станови на седум осомничени лица. Шестмина од нив се осомничени за членство во десноекстремистичко здружение и планови за напади врз полицајци, баратели на азил и Евреи, соопшти Сојузното обвинителство во Карлсруе. Седмото лице е осомничено за поддршка на групата. Властите немаат сознанија за конкретни планови за напади. Во фокусот на истрагата, според информации на агенцијата ДПА, е еден т.н. „Граѓанин на Рајхот“. Десниот екстремист е наводно основач на терористичко здружение кое требало да се снабди со оружје и муниција. Сојузното обвинителство меѓутоа досега ги нема потврдено ваквите информации.

Рациите се спроведени во станови и други простории во покраините Баден Виртемберг, Берлин, Бранденбург, Долна Саксонија, Рајнланд Пфалц и Саксонија Анхалт. Во акциите учествувале околу 200 полицајци, а со операцијата раководи полицијата од Баден Виртемберг. Осомничените биле поврзани меѓусебно главно преку социјалните мрежи. Тие наводно планирале напади од пролетта минатата година. Целта на рациите е да се набават уште докази за постоењето на структура на здружение, како и за можни планирани кривични дела. Поради истрагата која сѐ уште е во тек, Сојузното обвинителство не дава други информации.

Таканаречените „Граѓани на Рајхот“ не ја признаваат Сојузна Република Германија. Тие тврдат дека Германскиот Рајх постои до денес. Во меѓувреме, ова движење е под надзор на Службата за заштита на уставот. Според проценките на властите, многу актери се активни на десноесктремистичката сцена. Во Германија има повеќе илјади т.н. „Граѓани на Рајхот“. Еден од нив во октомври минатата година застрела еден полицаец и повреди уште тројца полициски службеници во Георгенсминд, кај Нирнберг.

DW.COM

Реклама