Ратко Младиќ: чудовиште во излогот | Свет | DW | 22.11.2017
  1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Свет

Ратко Младиќ: чудовиште во излогот

Кога Ратко Младиќ би можел повторно да бира, тој би избрал да биде Ратко Младиќ. Но, пресудата за чудовиштето стигнува предоцна за земјата ментално заробена во војна, пишува Драгослав Дедовиќ.

И широка и длабока е трагата која зад овој старец остана во Босна и Херцеговина. Апсолутниот господар на војната на страната на босанските Срби пред 25 години беше во зенитот на моќта, а сега е под целосна власт на својата болест. Веројатно наскоро ќе умре. Затоа е можеби рамнодушен кон пресудата- и онака не се кае за ништо. Неговите испади во судницата се во целосен склад со претходните изјави дека Хашкиот трибунал е „сатанистички суд“.
Ратко Младиќ одбива да ја прифати реалноста, исто како и српските шовинистички кругови во БиХ и Србија. За нив, како што се знае, Хашкиот трибунал е политички инструмент против сите Срби. Така имплицитно ја негираат индивидуалната вина на својот „јунак“ и на неговите компањони. Така ги земаат за идеолошки заложници мнозинството нормални српски граѓани.
Дури и ако со право се критикува повремената недоследност на Хашкиот трибунал, воопшто не е спорно дека поранешниот генерал заслужува и процес и пресуда по сѐ што се случи од 1992 до 1995 година под негово водство во БиХ. Штета е само што зградата на судот не е во Сараево, Белград или Бањалука, туку во Хаг. Од поблиску би било повидливо како од „јунакот“ станува банално и ограничено чудовиште. Како не е во состојба да каже макар еден збор каење или жал. Тој нема ништо да им каже на семејствата на своите жртви, дури ни на семејствата на сопствените убиени војници. Кога Ратко Младиќ би можел уште еднаш да избира, тој би избрал повторно да биде Ратко Младиќ.

Dragoslav Dedovic Kommentarbild App

Драгослав Дедови, уредник на српската програма на ДВ

И добро е што го стигна правдата!

Едноставно, надвор од секакво цивилизирано однесување е да се убиваат голораки луѓе, млади и стари. Варварски е со години да се бомбардираат цели градски квартови и да се третираат цивилите како предмет на садистичка забава на снајперисти. Застрашувачи многу омраза има во изјавата за „ослободување“ на Сребреница и „освета кон Турците“. Налудничаво е и извонредно опасно, главните мисли од 1389 година да се поставуваат како растер за реалноста во годината 1995.
Ратко Младиќ за мене од почеток беше идеолошки заслепена воена тупаница на екстремниот српски шовинизам која единствено се разбира во занаетот на сеење смрт. Тогашните пропагандисти на тој шовинизам- како актуелниот претседател на Србија Александар Вучиќ- денес се ценети државници.
За жртвите нема многу да се смени. Младиќ за нив отсекогаш бил циничен злосторник. Единствена сатисфакција ќе им биде официјалната судска потврда на нивното мислење.
За многу негови поранешни војници, како и бројни босански Срби, Младиќ останува и јунак и жртва на „антисрпската завера“. Тој наратив ќе им биде добредојден и на бошњачките националисти за да зборуваат за „геноцидните Срби“. И за едното и за другото ќе се погрижат популистичките политичари кои во посфактичката епоха доживуваат нов процут на Балканот. Тоа е загрижувачки затоа што без сеопфатно разбирање и договор меѓу бошњачките и српските политички елити нема да има одржлив концепт за иднината на Босна и Херцеговина.
Се плашам дека оваа пресуда на чудовиштето ставено во излогот на Хашкиот трибунал нема да ја задоволи долго натрупуваната жед за правда во земјата која ментално се уште е заробена во воените деведесети. Младиќ го стигна правдата, но дали е пресудата и знак на надеж за БиХ? За такво нешто, ми се чини, сепак е предоцна.

DW.COM

Реклама