Расте бројот на жртви во Бејрут | Свет | DW | 05.08.2020
  1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages
Реклама

Свет

Расте бројот на жртви во Бејрут

Еден ден по страотната експлозија која го потресе главниот град на Либан, бројот на загинати се искачи на 100 додека пак повредени се најмалку 4000 лица. Делови на Бејрут се целосно разурнати.

Во силната експлозија во Бејрут загинаа најмалку 100 луѓе, а над 4.000 се ранети, гласи најновиот биланс кој денеска го соопшти преставник на либанскиот Црвен крст.

Според зборовите на Џорџ Кетанхех, бројката на настрадани би можела да продолжи да расте.Според новите информации, ескплозијата во магацин во пристаништето ја предизвикал пожар.

Како што наведува агенцијата Асошиејтед прес, станува збор за најсилна експлозија во градот кој претрпе граѓанска војна, конфликти со Израел и терористички напади.

Ескплозијата го срамни со земја поголемиот дел од пристаништето и оштети голем број згради во градот. Во рушевините има затрупани луѓе, а на десетици повредени им се укажува помош на лице место.

Ден на жалост во Либан

Во магацин 2.750 тони амониум нитрат ескплодираа вчера во пристаништето во Бејрут, предизвикувајќи невидена смрт и штета во главниот град на Либан, објави премиерот Хаса Диаб.„Неприфатливо е товарот амониум нитрат, проценет на 2.750 тона, 6 години да се наоѓа во магацинот, без никаков надзор“, изјави тој на итниот состанок на Врховниот совет за одбрана синоќа.

„Тоа е неприфатливо и за тоа прашање не можеме да молчиме“, додал Диаб, а на новинарите го пренесе неговиот портпарол.

Повеќе:

-Илјадници повредени во страотна експлозија во Бејрут

Амониум нитрат е вештачко ѓубриво и, исто така, компонента на експлозив. „Нема да запреме додека не го најдеме лицето одговорно за тоа што се случи“, вети премиерот.

Врховниот совет за одбрана и' „препорача“ на Владата да прогласи двонеделна вонредна состојба во Бејрут. За време на овој период „врховната воена власт ќе ги има сите овластувања за прашањата за безбедност“, се наведува во соопштението од седницата на Врховниот совет за одбрана. 
Владата би требало да одржи итен состанок денеска кога е прогласен ден на жалост во Либан.

Ветувања за помош од целиот свет

Владите ширум светот изразија сочувство за жртвите во Бејрут и му понудија помош на Либан. Државите од Персискиот залив беа меѓу првите земји кои ветија итна помош. Катар планира да испрати теренски болници за згрижување на илјадниците повредени. Кувајт се согласи да испрати итна медицинска помош. Јорданскиот министер за надворешни работи Ајман Сафади изјави дека неговата земја е подготвена да испрати каква било помош што сега му е потребна на Либан.

Израел, кој сè уште е официјално во војна со соседната зема, исто така изрази подготвеност да обезбеди итна медицинска и хуманитарна помош.

Франција најави дека ќе испрати екипи на цивила заштита и „неколку тона медицинска опрема“ во Бејрут. „Лекари за итна помош ќе отидат во Бејрут што е можно побрзо за да помогнат во болниците“, објави на Твитер францускиот претседател Емануел Макрон.

Германија и САД исто така понудија своја помош. Претседателот Доналд Трамп на пресконференција во Белата куќа зборуваше за наводен напад во Бејрут со „еден вид бомба“. На дополнителното прашање на новинарите да прецизира за каков напад станува збор, тој само истакна дека информациите му биле дадени од страна на неговите генерали.

 

Реклама