Расте антисемитизмот во Европа | Европа | DW | 16.09.2014
  1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages
Реклама

Европа

Расте антисемитизмот во Европа

Во Европа расте антисемитизам, предупредуваат еврејските претставници кои се на собир во Берлин. Само во Германија во последните месеци имало над 100 напади врз Евреи или еврејски објекти.

Еден говорник во салата продорно предупредува од опасностите за егзистенцијата на еврејската заедница ширум светот. Пред вратата на конгресната сала, меѓутоа, двајцата припадници на службата за обезбедување делуваат прилично опуштено. Тие ги пуштаат во салата учесниците на конференцијата на Светскиот еврејски конгрес, без многу контрола и со само кус поглед кон пропусниците, додека чантите и лаптопите не ги интересираат многу. Една Израелка ги крева рамената: „Во Израел сум навикната на многу поинакви работи“, вели таа и додава дека можеби хотелот во центарот на Берлин е едноставно добро обезбеден.

Израелката е во Берлин на покана на Светскиот еврејски конгрес (СЕК), организација која ги опфаќа организациите и здруженијата кои ги застапуваат интересите на еврејските заедници. Една од главните теми на Конгресот, како што постојано истакнуваат говорниците, е антиземитизмот во Европа, кој по најновата војна во Газа, како што оцени Вивијан Винеман од Европскиот еврејски конгрес, е „во голем пораст“. Вицепретседателот на СЕК укажува на порастот на антиеврејските ставови, особено во Грција, Полска, Бугарија и Франција. Во Париз, пак, како што нагласи Паул Рехтер, веќе е „многу лошо“. Многу од неговите пријатели на улица веќе не носат никакви еврејски симболи или кипа, рече тој.

Антисемитистички графити во Берлин

Но и во Германија, како што се тврди, се множат инцидентите насочени против Евреите. Во периодот од април до јули годинава, се регистрирани 159 антисемитистички инциденти, вели Винеман. Последниот се случи пред само два дена. Берлинската полиција соопшти дека на еден еврејски споменик во Тиергартен осамнале антисемитистички графити, значи недалеку од хотелот каде што се одржува собирот на СЕК. На новинарско прашање, портпарол на полицијата одговори дека може само да шпекулира кој на споменикот испишал „Евреи надвор“ и „Убијци на бебиња“. Се‘ уште нема информации кои би довеле до извршителите, рече портпаролот, додавајќи дека не може да каже дали инцидентот е поврзан со средбата на СЕК или со големите демонстрации против омразата кон Евреите кои во неделата (14.09) се одржаа пред Бранденбуршката порта.

Винеман зборува за „зелено-црно-црвена алијанса“ против Евреите - муслимани, како и десничарски и левичарски радикали кои делат заедничка антиизраелска идеологија. „Оваа алијанса може да добие непредвидлива антисемитистичка обоеност“, нагласува тој. Значително зголемување на антисемитистички изјави е забележливо и на социјалните мрежи. Сепак, позитивно е што сепак има помалку насилнички напади, вели Винеман и додава дека ситуацијата е малку подбрена откако Израел и Хамас договорија примирје.

Demonstration gegen Antisemitismus in Berlin 14.09.2014

Малкумина се осмелуваат да носат еврејски симболи, тврди СЕК

СЕК: Соработка со умерените муслимани

Винеман апелира за поголемо приближување кон умерените муслимански групи. „Мора да ги придобиеме муслиманските верски водачи да го осудат антисемитизмот во својата заедница.“

Позитивен пример за тоа, на пример, е фатвата која ја издадоа британските муслимани против терористичката милиција „Исламска држава“.

Вицепретседателот на СЕК, Роберт Сингер, меѓутоа, наведува и други опасности по еврејскиот живот - десноекстремните партии кои се во подем во некои европски држави, радикализацијата на исламските групи и Иран. Но Сингер е загрижен и поради развојот во самите еврејски заедници. Тој се жали дека многу млади Евреи не се интересираат за Израел и се венчаат со луѓе со друга вера.