Растат црните биланси на македонските патишта | Северна Македонија | DW | 15.08.2018
  1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages
Реклама

Северна Македонија

Растат црните биланси на македонските патишта

И ова лето најтешко „четиво“ е билтенот на МВР, во кој доминираат бројни информации за сообраќајни несреќи со смртни последици и за голем број повредени. Сообраќајната култура останува на ниско ниво

Додека фокусот на јавноста е повеќе насочен кон жешките политички прашања - подготовки за јавна пропаганда за референдумот и анкети за партиските рејтинзи, на маргините на радарот на јавноста останува црниот биланс што секојдневно се книжи на македонските патишта. И ова лето најтешко „четиво“ е билтенот на МВР, во кој доминираат бројни информации за сообраќајни несреќи со смртни последици или за голем број повредени, за што сведочат и медиумските наслови: „Загинаа две малолетни момчиња на мотоцикл“, „Тешка сообраќајна несреќа, повеќе повредени“, „Страотна сообраќајка однесе три животи“...

Иако не недостигаат ни кампањи за безбедност во сообраќајот, ни законска регулатива, несреќите сепак се случуваат. Проблем останува ниската свест за култура и безбедност во сообраќајот, со оглед дека главни причини за несреќите и натаму се возење со брзина поголема од дозволената, или под дејство на алкохол.

Повеќе на темата:

-Македонските улици како место на злостор

-Убиствена комбинација: Млади возачи, брзи коли и игнорирање на правилата!

-Патиштата стануваат како гробница!

Д-р Алберт Леши од Ургентниот центар во Скопје изнесе фрапантни податоци во разговор за ТВ „Канал 5“: „Најмалку по шест жртви на сообраќајни несреќи дневно доаѓаат само во Ургентниот центар“.

Прашање е уште колку се хоспитализираат во други задравствени установи во Скопје и во други градови?

„Во првото тромесечие од 2018 година, во Ургентниот центар се згрижени 319 пациенти повредени во сообраќајни несреќи. Во второто тромесечие згрижени се дури 390, а само во месец јули имавме 147 повредени. За жал, многу од тие повреди се фатални за лицата, или остануваат со голем ивалидитет“, вели д-р Леши.

Не летуваат, туку летаат!

Според статистиката, најголемиот дел од нив се млади луѓе. Токму за подигање на свеста кај младите, во јули започна кампања под мотото „Не летај, летувај!“ Во близина на Градскиот парк во Скопје беше поставено возило оштетено во сообраќајна несреќа, со пораката: „Тргнаа на летување, а летнаа во провалија... Иван (24) и Ана (19) го загубија животот во сообраќајна незгода...“

„Вистинските приказни се тажни и болни, но за жал, понекогаш тие се единствениот начин да покажеме дека една минута невнимание може да значи изгубен живот“, изјавија од Републичкиот совет за безбедност на сообраќајот на патиштата (РСБСП), кои заедно со МВР, „Америт“ и Град Скопје решија преку визуелен приказ да предупредат за опасностите што со себе ги носи неодговорното, несоодветно и несовесно учество во сообраќајот.

Летово МВР спроведе и акција за санкционирање на ноќни трки на моторџии, но според изјави на граѓани, тој тренд не е запрен: од една локација се селат на друга. За жал, јавноста повеќе се сензибилизира кога бучавата од несовесните возачи им го нарушува сонот. Односот кон црниот биланс никогаш нема да поттикне толку силна дебата колку одредена политичка тема.

Ј.М., 56-годишен Скопјанец, повеќе години е во пензија поради тежок инвалидитет од сообраќајна незгода во која настрадал како пешак. Живее на еден од најфреквентните булевари во Скопје и вели дека секој ден се уверува оти сообраќајната култура е на најниско ниво.   

Гледај видео 01:14

Како да се вози безбедно кога се оди на годишен одмор?

„Ретко кој почитува правила. Пребрзо се вози, се протнуваат на 'црвено' и возила, и мотори, и пешаци. Нема сообраќајна култура, нема никаква свест за можните последици, се додека не се случи најлошото. Сообраќајните контроли треба да бидат постојано, 24/7 на некои 'црни' и фреквентни точки во градов, но и крајно ригоризни“, вели тој.

Најкритични се викендите и летните месеци

Досегашниот црн биланс навестува дека и годинава податоците нема да бидат поинакви од оние 2017 година. Според статистиката на МВР, лани животот во сообраќајни несреќи го загубиле 155 лица, а 6.224 се потешко повредени во 4.019 сообраќајки со потешки последици. Од нив, 66 се млади лица на возраст од 15 до 40 години. Најголемиот број од сообраќајните несреќи се случиле на територијата на Секторот за внатрешни работи Скопје (1.652) во кои загинале 37 лица, а 218 се повредени. Следува територијата на СВР Тетово со 473 несреќи во кои животот го загубиле 10 лица, а повредени се 39. Градските улици се најчестото место каде се случуваат сообраќајните несреќи со тешки последици. Во 2.560 несреќи во 2017 година случени во градска средина, животот го загубиле 42 лица, а 3.495 биле повредени.

Следни на црната листа се локалните, па регионалните патишта. Поради брзо возење во 2017 година животот го загубиле 72 лица, а 1.254 се потешко повредени. Како втора причина е недржењето страна и правец на движење, при што загинале 31 лице, а повредени се 848.

Статистичките податоци говорат дека деновите за викенд, односно петок, сабота и недела, се денови кога се случуваат најголемиот број од сообраќајните несреќи во кои има загинати и повредени лица. Најкритични се сметаат летните месеци, бидејќи тогаш се случуваат најголемиот број од несреќи со тешки последици. На пример, дури и големите поплави во Скопско во август 2016 година, земале двојно помалку жртви од оние што истиот месец се случиле на патиштата во Македонија.

 

DW.COM

Аудио и видео прилози на оваа тема

Реклама