Растат притисоците врз истражувачките новинари | Македонија | DW | 19.11.2016
  1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Македонија

Растат притисоците врз истражувачките новинари

Истражувачкото новинарство во земјите од поранешна Југославија е во зародиш. За независните истражувачки организации кои работат според светски стандарди е заедничко едно - притисоците од власта сѐ повеќе се засилуваат.

Лара Омерчиќ е млада новинарка од Босна и Херцеговина, која е на обука во Белград, во тимот на познатата српска емисија за истражувачко новинарство, „Инсајдер“. Работата на проминентната истражувачка новинарка Бранкица Станковиќ во голема мера влијаела на нејзината инспирација да го научи овој „занает“ и истото во иднина да го пренесе во БиХ.

„Верувам дека во целиот регион постојат млади луѓе кои се огорчени од неправдите и сакаат да се занимаваат со истражувачко новинарство, единствениот вид на новинарство со кое може да се влијае на промени во земјата. Отсекогаш истражувачките приказни биле оние кои го палат алармот кај граѓаните. Со ова се влијае на промени во општеството, што е и целта на новинарството“, вели Омерчиќ.

Во Србија веќе постојат неколку независни организации за истражувачко новинарство кои се занимаваат исклучиво со овој жанр во новинарството. Нивната главна мисија се високо квалитетни истражувања преку кои со документи и факти, се откриваат но и докажуваат разни незаконски практики и криминал во општеството.

Serbien Branko Cecen (DW/K. Ozimec )

Бранко Чечен

Бранко Чечен, директор на Центар за истражувачко новинарство - Србија (ЦИНС), вели дека независните истражувачки организации стануваат сѐ поважни. „Проблемот е што содржините кои ги откриваат истражувачките новинари многу тешко доаѓаат во мејнстрим медиумите, бидејќи директно или индиректно тие се контролирани од владата. Истражувачките новинари се изложени на правни притисоци, но и на медиумски притисоци и се организираат медиумски хајки против нив. Пари за истражувачко новинарство има доста малку, а комерцијалните извори на приход се целосно оневозможени. Нашата финансиска судбина е многу неизвесна. Од друга страна пак, од сите новинари во Србија сме едни од малкуте кои го имаат тоа задоволство навистина да ја работат својата работа и на граѓаните да им ги дадат важните факти кои треба да ги знаат, за да донесат одлуки“, вели Чечен за Дојче веле.

Тој додава дека истражувачките новинари добиваат голема поддршка од публиката на интернет, но постојат и граѓани кои ги карактеризираат истражувачките новинари како странски платеници и предавници. „Со оглед на тоа колку оваа нација е неписмена и колку се потпира на телевизијата како главен извор на информации, затоа што им е тешко да читаат, не сакаат да читаат, веројатно веруваат дека ние сме непријателите“, додава Чечен.

Одмазда од власта преку медиумски хајки

Истражувачките новинари се соочуваат со голем број проблеми, како финансиска нестабилност, несоработка од страна на институциите, игнорирање на приказните од мејнстрим медиумите, но и закани и притисоци, кои сѐ почесто се одвиваат на јавната сцена.

Бојана Јовановиќ од организацијата „КРИК“ од Белград, вели дека најголем проблем се притисоците кои доаѓаат од власта. „Кога работиме на истражувања, како на пример за имотот на премиерот на Србија, се случува таблоидите кои се блиски до власта да се обидуваат да нѐ дискредитираат нас, нашата работа, нашата организација и нашиот уредник, со објавување на низа невистини. Освен преку медиумите, луѓето кои се на власт, тоа го прават и јавно на прес-конференции и во емисии. Тоа е притисок кој се прави или пред истражувањата или по истражувањата“, вели Јовановиќ.

Balkan Slobodan Georgiev (DW/K. Ozimec )

Слободан Георгиев

За истражувачкиот новинар Слободан Георгиев од БИРН-Србија постојат големи дилеми дали целиот регион на Западен Балкан може да се занимава со истражувачко новинарство.

„Можноста да се занимаваш со овој вид новинарство всушност покажува дали некое општество е демократско. Не сум сигурен дека тоа кај нас е случај, ниту во Србија, ниту во Македонија, Албанија, БИХ, целиот регион. Затоа што да се општествата демократски, ние нема да мора да докажуваме цело време дека ова што го работиме е од јавен интерес и дека не сме странски агенти, никој не нѐ инсталирал овде за да уриваме влади, туку се обидуваме на најдобар можен начин да работиме новинарство. Ако државата е против вас, вие не можете ништо да направите. Кога против вас говори претседателот на влада, што вие може тука да направите? Кога некој ќе каже, вие ја уривате владата, што може да се каже тука? Ако уриваме влада треба обвинителот да нѐ уапси. Ако не, тогаш зошто го говорат тоа членови на влада или неговата партија? Зборуваат дека сме шпиони, дека сме ментално пореметени и што уште не. Тоа е огромен проблем“, вели Георгиев.

Нова генерација истражувачки новинари и во Македонија

Иако генералната слика на новинарството во земјата која се наоѓа на 118-то место според слободата на медиумите на листата на „Репортери без граници“е лоша, во последните години во Македонија се создаде генерација на новинари кои се занимаваат со истражувачко новинарство. Засега сликата е скромна, но многу значајна – БИРН Македонија, НОВА ТВ, СКУП-Македонија и понекогаш поединци од мејнстрим редакциите, создаваат истражувачки стории кои го враќаат фокусот на важните прашања во општеството. Наместо со сензација и непроверени информации, се фокусираат на квалитетно сработени истражувања базирани врз проверени и кредибилни факти и документи, за поблиску да ја донесат вистината до граѓаните.

Според новинарот Горан Лефков од СКУП, можностите на истражувачките новинари се лимитирани зошто немаат финансиски сретства.

„На Запад истражувачкото новинарство е составен дел од традиционалните медиуми. На Балканот мислам дека само во два бугарски и романски медиуми има оддели за истражувачко новинарство. Главен предизвик за работата на истражувачкото новинарство се притисоците што ги прави власта во различни форми. Една од формите е што финансиски ги убива критичките медиуми, по што истражувачките новинари остануваат без финансиски сретства и медиуми каде да ја објават сторијата“, вели Лефков.

Втора форма преку која се врши индиректен притисок врз истражувачките новинари е неспроведувањето на Законот за слободен пристап до информациите од јавен карактер, смета тој.

„Комисијата за заштита на правото за слободен пристап до информациите од јавен карактер скоро да не казнила ниту една институција или државен функционер кој не дал податоци. Таму има прекрасни професионалци кои одлично си ја знаат и вршат работата, но од Собранието се назначуваат партиски кадри како членови на Комисијата кои ја блокираат иницијативата на новинарите да дојдат до информации и документи кои ја засегаат власта“, додава Лефков.

Според него, најважни предуслови за развој на истражувачкото новинарство се слободни медиуми. „Кога ќе имаме слободни медиуми, ќе има борба на медиумскиот пазар за јавноста и тогаш сопствениците на медиумите ќе сфатат дека инвестирањето во истражувачкото новинарство и квалитетните стории се алатка преку која ќе ги развијат медиумите“, вели Лефков.

DW.COM

Реклама