Растат ли тензиите меѓу Турците и бегалците во земјата? | Свет | DW | 28.08.2021
  1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages
Реклама

Свет

Растат ли тензиите меѓу Турците и бегалците во земјата?

Околу четири милиони бегалци, главно Сиријци, во Турција сѐ повеќе се изложени на непријателства. Во мигрантскиот кварт Јусуфпаша во Истанбул, многумина од нив сега се загрижени за иднината.

Истанбулскиот кварт Јусуфпаша долги години е едно од најомилените места за доселување на имигранти избегани од војна. Таму се имаат населено мигранти од многу земји од светот - но претежно Сиријците се тие што го обликуваат секојдневниот живот во квартот. Особено на многу прометната улица Милет, многуте продавници што ги водат Сиријци не можат да се превидат - рестораните, фризерите и туристичките агенции главно се насочени кон муштерии од Сирија. Рекламирањето на излозите е двојазично, покрај на турски, и на арапски.

Во главниот град Анкара, таквите продавници неодамна беа цел на расистички напади. Група сириски мигранти влегоа во насилна пресметка со локалното население, во која загина 18-годишен Турчин. Како резултат на тоа, стотици луѓе се собраа во областа Алтиндаг за да ги опустошат или запалат продавниците, домовите и автомобилите што им припаѓаат на сириските доселеници.

Анкара се чувствува и во Јусуфпаша

Овие немили настани предизвикаа страв и во Јусуфпаша, на преку 400 километри оддалеченост од Анкара: многу луѓе од сириско потекло не сакаат да ги коментираат немирите во престолнината; тие дури и анонимно не се согласуваат да застанат пред микрофонот. Повеќето го образложуваат ова со тоа што велат дека се загрижени за нивната безбедност.

45 -годишниот „Абдулмалик“ - тој не сака неговото вистинско име да биде објавено - дошол во Турција од Алепо пред осум години. Работи во едно од бројните сириски кафулиња и ресторани директно до трамвајските шини, кои главно ги посетуваат арапски гости. „Имаме малку контакти со Турците во нашата работа. Не доаѓаат многумина. Но, не може да се каже дека нашите односи досега беа особено лоши", вели тој.

Се чини дека расположението кон околу четири милиони бегалци сѐ повеќе се менува кон полошо. Иако беа толерирани од турската влада и од населението долго време, непријателството кон мигрантите во последно време се зголеми. Една важна причина е што Турција е во постојана валутна и економска криза од есента 2018 година. Егзистенцијалните стравови  во турското општество пораснаа поради лошата ситуација.

„Како војната да не ја оставивме зад нас“

Абдулмалик стравува дека сите Сиријци сега ќе бидат претворени во жртвени јагниња, поради постапките на еден Сириец. „Едно лице направи нешто лошо, а потоа сите Сиријци се еднакво осудени за тоа. Многу е тешко човек да се справи со тоа. Многумина нападите во Анкара ги потсетуваат на нападите во нивната татковина. Како војната да не ја оставивме зад нас ".

Братучедот на Абдулмалик се вклучи во разговорот и рече дека на социјалните мрежи следел што се случува во Анкара. „Читав бројни коментари (од Сиријци). Многумина беа уплашени, други беа лути". Сепак, тој и натаму е оптимист бидејќи полицијата ги заштитувала невините луѓе за време на немирите таа ноќ. „Сигурен сум дека турската влада ќе спречи поттикнување на дополнителни тензии“.

Многу Сиријци не ја загубија надежта

Постојат бројни Сиријци кои даваат слично оптимистични изјави. Многумина се надеваат дека заедничката вера ќе ги смири работите. Низам, кој исто така доаѓа од Алепо, живее во Турција веќе пет години. Тој дошол  во Турција за да започне подобар живот. „Ние не седиме само тука. Сосема нормално плаќаме кирија и работиме", вели тој. „Бев тажен кога видов што се случи во Анкара“.  И покрај тоа, тој не ја загубил целосно надежта. Вели дека има многу турски пријатели овде во Истанбул, оти се чувствува безбедно во своето соседство и не се плаши.

Türkei Syrische Flüchtlinge in Istanbul

Хидир

Хидир има 29 години и работи како фризер во Јусуфпаша. Мајка му е Сиријка, а татко му Либанец. Тој живее во Турција веќе две години. Младиот човек вели дека дошол во Истанбул да работи и да изгради иднина за себе. Како и Низам, тој не се плаши од тензии, ниту пак од ескалација меѓу Турците и сириските бегалци. „Луѓето доаѓаат тука за да живеат, а не да предизвикуваат немири. Турција е како моја татковина и јас го сакам Истанбул. Значи, јас не сум загрижен. Не правам ништо лошо овде, зошто тогаш да се грижам?"

Абдулмалик посакува иднина без предрасуди. Важно е сите бегалци што живеат во Турција да не бидат осудени за еден инцидент. Тој изразува сочувство до семејството на Емирхан Јалчин, момчето кое почина од убод со нож во Анкара: "Навистина ни е жал. Сѐ уште не ги знаеме точните детали за инцидентот. Но, сите посакуваме, ние (Сиријците) да не бидеме ставени во ист кош поради едно кривично дело “.