Распадот на ЕУ може да почне на Балканот | Свет | DW | 02.02.2017
  1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Свет

Распадот на ЕУ може да почне на Балканот

Ставот дека ЕУ не може да го изгуби Балканот затоа што тој нема друга алтернатива, спаѓа во „животните самозалажувања на ЕУ“, пишува денеска германскиот „Ди Цајт“.

„Со задоволство би се обложил“, пишува во својата колумна за неделникот Ди Цајт новинарот Улрих Ладурнер, „дека на овој коментар барем еден читател ќе реагира со текст кој ќе го содржи следниот цитат: Балканот не вреди ниту за здравите коски на еден померански гранадир. Канцеларот Ото Фон Бизмарк тоа го рече на една Берлинска конференција за Балканот во 1878. Одамна беше- но таа реченица за Германците и денес е вообичаена. Со леснотија ја изговараат. Бидејќи, лесно им е со авторитетот на Бизмарк да ја прикријат својата ментална инертност. Балкан! Ве молам, немојте сега за тоа! Веќе ги имаме Трамп, Брегзит, бегалците и популистите. Тоа е доволно!“

„Е, па не е доволно. Балканот е на агендата на Европската унија, и тоа при самиот врв. Тоа можеби звучи чудно со оглед на фактот дека еден разбеснет, непресметлив маж во моментов е најмоќниот човек на светот, и дека, како што изгледа, има намера да ја размонтира Европската Унија. Но, доколку европскиот свет се распадне, тогаш тоа ќе се случи таму каде што е најкршлив, и каде што на него однадвор делуваат моќни сили. А тоа е случајот со Балканот“.

По војните од пред 25 години и бомбардирањето на НАТО на Југославија, во регионот почна долгото чекање на членството во ЕУ, пишува натаму авторот. Земјите како Србија, БиХ, Црна Гора, Македонија, Косово и Албанија по долгогодишното чекање полека ги стига заморот.
„Целта се оддалечува, а меѓу нив се шири немир. Многу почнуваат да се прашуваат има ли можеби други, подобри можности од ЕУ. Понудите- не недостасуваат. Владимир Путин од Москва ги привлекува со својата сила, а истото го прави и Реџеп Таип Ердоган од Турција. Екстремните исламисти од земјите на Персискиот залив, кои би сакале да ја подотворат вратата на Европа, пумпаат пари во регионот“.

„Една од животните лаги на Европската Унија е верувањето дека не може да го загуби Балканот, затоа што тие земји немаат друга алтернатива освен членството во ЕУ. Алтернативите можеби се ужасни, но тие постојат, и стануваат сѐ поатрактивни“.

ЕУ е редарот на Балканот

Авторот понатаму го споменува примерот со возот кој Белград го испрати во Косовска Митровица и кој беше запрен во последен момент, или „ќе дојдеше до насилство“. „И кој ќе го спречеше тоа насилство? Неколку илјади војници на мултинационалната мисија КФОР? Тоа е тешко замисливо (...) Никој не верува дека тие одлучно би се вмешале во судир. Тие се плашат од конфликти. Истото важи и за тивкото отцепување на Република Српска од БиХ, за опасниот застој во Македонија и за конфликтот меѓу проруските Срби и прозападните Црногорци во Црна Гора“.

„Не Америка, не Русија, не Турција- Европската унија е силата на редот на Балканот. Го сакала тоа или не. ЕУ мора да ја исполни таа улога, инаку никој во регионот нема да ја сфаќа сериозно. Во спротивно ќе се отвори вратата за Путин, Ердоган, земјите од Персискиот залив и еве сега и за Трамп“.
„ЕУ не може на овие земји да им понуди брз пристап. Тоа би било нереално. Уште повеќе, и опасно. Кој во оваа криза бара ново проширување и интеграции, тој е идеолошки заслепен. Тој не гледа дека на тој начин ги зајакнува анти ЕУ силите, со тоа што ги преоптоварува Европејците. Се работи за консолидација. Се работи за тоа, ЕУ да стане поотпорна. Услов за тоа е да се осигура Балканот“.

„ЕУ мора јасно да им каже на тамошните граѓани: вие припаѓате кон нас, а ние правиме сѐ што можеме за да имате подобар, посигурен и побогат живот. А на адреса на Путин, Трамп, Ердоган и земјите од Персискиот залив, мора да се испрати порака: Не се откажуваме од овој регион. Бидејќи, тој е централен дел на Европа“, пишува „Ди Цајт“.

 

Реклама