Расипаната франко-германска локомотива го заглави возот за ЕУ | Европа | DW | 24.06.2022

Посети ја новата страница на DW

Погледнете ја бета-верзијата на dw.com. Сѐ уште не сме готови! Вашето мислење може да ни помогне да ја направиме подобра!

  1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages
Реклама

Европа

Расипаната франко-германска локомотива го заглави возот за ЕУ

Македонија е заробена помеѓу „францускиот предлог“ кој суштински ги европеизира бугарските барања и неспособноста или немањето волја од страна на големите земји да ја надминат бугарската блокада. Пишува Ивор Мицковски.

Ивор Мицковски, автор на колумната

Ивор Мицковски, автор на колумната

Историската одлука да им се додели кандидатски статус на Украина и Молдавија, овој „Добар ден за Европа“ како што го нарече шефицата на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, се претвори во уште едно големо разочарување за земјите од Западен Балкан.

Тешко е да се разбере како оваа одлука може да се нарече историска или добра за Европа, или со каков кредибилитет и авторитет ЕУ ќе ја исполни празната форма со кандидатскиот статус на Украина, кога Албанија и Македонија остануваат блокирани во преговарачките преговори, во нашиот случај веќе цели 17 години и после тешки компромиси. Истото важи и за Србија и Црна Гора кои иако ги имаат почнато преговорите, тие се буквално во мирување. Да не зборуваме за БИХ или Косово кои не се ни блиску до кандидатски статус и делуваат изгубени во меандрите на европската политика и бирократија.

Македонија се наоѓа заробена помеѓу „францускиот предлог“ кој суштински ги европеизира бугарските барања и неспособноста или немањето волја од страна на големите земји да ја надминат бугарската блокада. Македонија не е блокирана од Бугарија, туку од Франција, ќе изјави шефот на ЕПП, Манфред Вебер, потврдувајќи дека германските и француските позиции во однос на проширувањето во овој момент се диаметрално спротивни. Германскиот канцелар Олаф Шолц и со турнејата во земјите од Западен Балкан и со обраќањето во Бундестагот, јасно порача дека има разбирање за вознемиреноста која ја чувствуваат политичките раководства и граѓаните и граѓанките на овие земји и уште еднаш нагласи дека: „ЕУ мора да даде зелено светло за Северна Македонија и Албанија.“ Германија веќе подолго време ја застапува позицијата дека напредокот на Украина кон ЕУ, не смее да оди на сметка на оној на земјите од Западен Балкан. Но, делува дека настрана убавата реторика, ништо од тоа не беше доволно.

Ова не наведува на двоен заклучок, односно, дека франко-германската локомотива на ЕУ, дефинитивно е расипана и заглавена во криза, и дека токму ние ја плаќаме кризата во односите детерминирана од различните интереси и политики кои владејат во Париз и Берлин.

Повеќе од авторот: Замор од Балканот или замор од Европа

Фасадната европска обединетост околу војната во Украина ја маскира растечката тенденција кон фрагментација на Унијата, и како што конфликтот ќе се проширува, така ќе расте и ризикот ЕУ да се подели на повеќе блокови. Тоа се случува токму во моментот кога Франција и Германија не се во фаза на конјукција.

Во актуелното сценарио на ЕУ која се повеќе станува Атлантска, а Европа се повеќе американска, посакуваната стратешка автономија под водство на Париз се изгуби во преводот. Германија, зависна од американската поддршка за своите геостратешки цели, ја зајакнува позицијата на Вашингтон во Европа. Но, во исто време и Германија е ослабена, затоа што е премногу енергетски зависна од Москва. Оттука, несогласувањето помеѓу Париз и Берлин, нивните различни односи со САД и Русија, ги блокираат во нивните конкретни акции, било да станува збор за проширувањето или за војната во Украина. Тоа пак ја потврдува тезата дека ЕУ ниту е независен актер, ниту пак одлучувачки. Големите одлуки, било политички или геополитички, се носат во Вашингтон и Москва.

Франко-германското ривалство се уште е оската околу која се потпира рамнотежата на европскиот проект. Во фаза кога нивните позиции се повеќе се оддалечуваат, особено на поле на геополитичките приоритети, тоа неизбежно има влијание врз единството во ЕУ и врз нејзината политичка ориентација.

Разликите во позициите и постурата на двете земји стануваат се поочигледни. Германија е централната и главната сила на ЕУ, географски многу поблиску до Русија отколку Франција, па оттука јасно е зошто ја перцепира Москва како поопасна. Германија е воедно многу загрижена за безбедноста на централна и источна Европа, која и служи како заштитна бариера против Русија и каде се обидува да ја одржи својата економска доминација. Германија инсистира за брз влез на балканските земји во ЕУ.

Франција од друга страна ја нема перцепцијата за руската закана. Франција се разликува и во својот опортунизам, каде се бори за милитаризација на ЕУ, во рамки на која се замислува како лидер и каде фантазира да создаде една нова хиерархија во своја корист и така да добие предност во однос на Германија.

Повеќе од авторот: 9 Мај – Еден датум, многу различни визии за Европа

Франција е можеби најуплашена од возобновеното германско наоружување, особено ако на тоа следува и германско оддалечување од француските геополитички приоритети. Франција секогаш посакувала една воено посилна Германија, но не до степен да ја надмине конвенционалната воена моќ на „хексагонот“ и да се оддалечи од француските интереси. Таа илузија на Париз одново се потврди, особено со конфликтот во Украина.

Уште пред војната во Украина, Макрон не успеа да ја убеди германската Влада да ја прифати стратешката автономија и француските приоритети во Средоземјето и во Сахел. Европските проекти за соработка во военото поле и понатаму се условени од германската визија тие да бидат комплементарни со НАТО. Со новите фондови за модернизација на германската армија, Германија нема да ја фаворизира само својата воена индустрија, туку и онаа американската, за сметка на сите постоечки франко-германски проекти. Германија е зависна од нуклеарниот чадор на НАТО, што значи дека е зависна од Америка. Војната во Украина само ќе ја зајакне таа зависност. Одлуката на Берлин да купи Ф-35 авиони, само потврдува дека земјата и понатаму ќе биде домаќин на американски нуклеарки. На воено поле тоа ќе ја загрози соработката со Париз и ќе ја загрози предноста на Франција во конвенционалната воена сила. Со тоа Париз ризикува да ја изгуби единствената предност во рамки на ЕУ во однос на Германија.

Со тоа во иднина и неминовно дополнително ќе им се судираат приоритетите, каде Германија е загрижена за источното крило или оската Балтик-Балкан, додека Франција е фокусирана на јужното крило или оската Средоземје-Африка-Близок Исток. Со тоа ќе пропадне и досегашната доктрина за симетрија во асиметријата, со Париз главен кога станува збор за воените прашања, а Берлин главен во економската димензија.

Германија и Франција се спротивставени и околу прашањето за проширување на ЕУ, особено кон Украина, и пред се поради француската загриженост дека источните членки добиваат се повеќе централна и одлучувачка моќ во рамки на Унијата. Како што напоменав, тоа не е проблем, напротив е во интерес на Берлин, иако и таму се внимателни околу динамиката на процесот, со цел да не се испровоцира Москва.

Повеќе од авторот: Марио Драги го покажа патот за реформирање на ЕУ и крај на ветото

Таквите цели се во конфликт со интересите на Париз кои Макрон ги обзнани на 9-ти мај. Франција сугерира алтернатива на проширувањето: Европа на концентрични кругови, односно хиерархиски поставена, каде Франција би ја задржала позицијата на лидер во рамки на франко-германското дуо. Ваквата нова француска архитектура на ЕУ, де факто ја затвора вратата за проширување, нешто што важи и за нас и за новиот кандидат Украина. Главниот круг би требало да биде составен од Еврозоната и Германија, потоа кругот на заедничкиот пазар, па кругот на земјите со кои би можело да се соработува, без тоа да значи членство во Унијата. Тој круг би бил отворен и за Турција и Велика Британија.

Германскиот канцелар Шолц дипломатски се изјасни како заинтересиран за планот на Макрон, но не по цена да го блокира влезот на Западен Балкан во ЕУ. Германија посакува без влез за Балканот и поспор за Украина и истокот, со цел да ги внесе во Западот овие земји, исто како што и Германија постепено се ориентираше кон Западот.

Франција пак нема никаква доверба и смета дека ЕУ не е способна да се носи идните предизвици, ниту каква што е актуелно, камоли проширена. Париз особено се противи на проширувањето бидејќи се свесни дека тоа ќе го промени геополитичкиот центар на Унијата во корист на Истокот и на Германија. Затоа Франција е подготвена да прифати проширување единствено според својот модел, во кој Париз и Берлин би биле хиерахриски над сите останати, по можност Париз да остане главен.

Позицијата на Париз дополнително ја зајакнува фрактурата во рамки на Унијата, со 13 земји кои се против реформите предложени од Макрон, но во исто време ја загрозува и лидерската хемија помеѓу Франција и Берлин. Берлин е тој кој мора да обмисли една нова позиција на рамнотежа помеѓу се поконтрадикторните и конфликтни интереси на западните и источните членки, но пасивноста и безидејноста која моментално владее во германската владејачка коалиција не буди преголеми надежи.

Како што војната ќе се влошува, а економската и енергетската криза ќе се продлабочуваат, така и фрагментацијата и поделбата на повеќе блокови во рамките на ЕУ, само дополнително ќе растат. Европа и Германија можеби и можат да си дозволат да го изгубат авторитетот и кредибилитетот кај Балканците, но доколку тоа се прошири и на Истокот и Северот од ЕУ, тогаш Европа може да се подели зависно од различните национални егоизми и интереси.

Кризата на франко-германската локомотива е симптоматична за таквите дегенеративни процеси во рамки на Унијата. Носењето одлуки ќе биде се потешко, а локалните конфликти се почести.

Највисоката цена ќе ја платиме ние кои сме надвор од играта и парите, заборавени на маргините и осудени како далечна периферија на Европа, да бидеме газени, омаловажувани и негирани од нашите интегрирани и европеизирани соседи.

Возот за Европа заглави од расипаната локомотива.

Поврзана содржина