Размислете, оти по гласање нема каење! | Македонија | DW | 03.12.2016
  1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Македонија

Размислете, оти по гласање нема каење!

Претстојните избори треба да отворат пат за излез од кризата во РМ. Партиите ветуваат, но граѓаните мора да бидат гаранти и носители на промените во државата. Оти, во прашање е нивната кожа. Колумна на Зоран Јордановски.

Луѓе, сѐ е во вашите раце! Размислете добро пред да се решите кому ќе му го дадете вашиот глас, оти со тоа го овластувате да решава за судбината на државата и на нејзините граѓани, за вашата судбина. Секој поединечен глас е важен, а особено во време какво што Македонија досега не доживеала. Замислете се сериозно за својата иднина, за иднината на своите деца. Гласајте со студена глава, обидете се да се дистанцирате од своите политички симпатии. Обидете се критички да ги анализирате сите битни факти. Се изнаслушавте сѐ и сешто во предизборната кампања. Лицитацијата кој ќе ви вети повеќе мед и млеко ако му ја доверите власта во наредните четири години ќе заврши в петок на полноќ. Еден ден предизборен молк (наредната сабота) не е доволен за да се средат впечатоците во олку противречна кампања. Обидете се да ги заборавите ветувањата - и самите знаете дека целта им е само да ве придобијат како гласач, дека добар дел од нив се нереални и никогаш нема да бидат реализирани. За да се додаде на една страна значи дека треба да се скрати на друга. На која, кога и онака насекаде недостасуваат пари? Од каде пари, кога и досега се живее на кредит, со постојано задолжување на државата. Тие пари некој и некогаш ќе мора да ги врати. Тоа ли сакате да им го направите на своите деца – да ги заглавите во отплатување на долгови, да ги предодредите да бидат уште една загубена генерација, да подготвите терен за уште помасовен егзодус?

Поразителен развој

Од ентузијазмот и полетната атмосфера во првите денови на осамостојувањето, и покрај првичните стравувања и неизвесност, веќе нема ни трага. На нивно место - разочарување, осиромашување, бесперспективност, чувство на безизлезност. И сето тоа за - во историски рамки - кратки 25 години. И токму кога беше остварен вековниот идеал за целосно самостојна Македонија, што работата ја прави уште попоразителна. За ваква држава на криминал и корупција ли сонувале Илинденците или партизаните? Одговорноста паѓа врз плеќите на сите што биле на власт во изминатите 25 години, но ако сега сме сведоци на кулминација на кризата, тогаш логично е дека најтежок е товарот на актуелната политика. Предолгата агонија на опозиција создаде плодна почва за неодговорно однесување на власта. А таа - заслепена од непреченото владеење, од речиси неограничената моќ, од алчноста поттикната од бескрајните можности за брзо и неверојатно големо нелегално богатење.

Последниве неколку беа конфузни години на криза и многу драматични настани во нив: насилно бркање на опозицијата од Собранието, бојкот на работата на парламентот, преговори и никогаш неисполнети договори поради постојани опструкции од страна на власта, антика и стиропорен барок, илегални прислушувања на илјадници граѓани, „бомби“ што произлегоа од содржината на протоколите на тие прислушувања, борби и 20-ина жртви во Диво насеље во Куманово, заминување од функциите на премиерот Груевски и министрите Јанкулоска, Јанакиески, Ставревски, како и на шефот на тајната служба Мијалков, недорасветлени убиства, самоубиства и сообраќајни несреќи, аболиции и нивно повлекување, востановување на Специјално јавно обвинителство, први обвиненија против највисоки носители на власта, а и од пониските ешалони, упорна и безобѕирна опструкција на СЈО од судот во Скопје и од други правосудни инстанци, но конечно и побуна во редовите на судиите. И малата Тамара како симбол за трагични судбини на невини жртви на промашени политики и однесувања.

Jordanovski Zoran Kommentarbild App

Зоран Јордановски



Сакате и понатаму да продолжи вака?

Размислете добро пред да одговорите. Дилемата не е про или контра власта, односно опозицијата. Дилемата е за ваква или за подемократска Македонија, за Македонија со чесна и одговорна политика и слободни граѓани, кои нема да се плашат дека се прислушувани и гласно ќе ги изразуваат своите критички забелешки. За Македонија во која граѓаните активно ќе учествуваат во градењето на политиката, ќе бидат вистински суверен. За Македонија со независно правосудство, за да нема неказнето кршење на законите, на правата на граѓаните. За во секој поглед и во секоја област понапредна Македонија. Тука, всушност, и не би смеело да има дилема за никого. Ако, пак, не можете да се определите кого, која партија би ја овластиле да го поведе процесот за заздравување на државата – иако е јасно кој е за статус кво, а кој барем ветува промени – не заборавајте: битката за Македонија ќе продолжи и по 11. декември, изборите се само нејзин почеток. Не заборавајте дека вашата улога не е само да заокружите бројка пред името на некоја партија на избирачкиот список. Не заборавајте дека вашиот глас мора да се слуша секојдневно. Повикувајте ги на отчет владата и пратениците, разоткривајте ги девијантните однесувања, барајте оставки. Ангажирајте се во секојдневното партиско дејствување, демократизирајте ги партиите одвнатре, релативирајте ја нивната моќ со промена на изборното законодавство. Учествувајте во дебатите за правците на развојот на државата, преку борба со аргументи барајте консензус во интерес на сите. Ако им го препуштате теренот на малкумина „од бога избрани“ во политиката – кој ќе ви биде виновен ако работите не одат според вашата волја? За да нема вечни во политиката, барајте ограничување на бројот на мандатите на носителите на извршната власт, па дури и на пратениците. Барајте право директно да ги избирате пратениците, а не преку партиска листа – така ќе бидат поодговорни пред вас, отколку пред партијата. И завртете им го грбот на медиумските подлизурковци.

Граѓански контра етнонационалистички концепт

Обидете се да престанете во своето политичко дејствување да бидете Македонци, Албанци, Турци, Срби, Роми, Бошњаци, Власи... бидете граѓани, обидете се – ќе видите колку ви се слични интересите. А патем ќе неутрализирате една моќна алатка за манипулација во рацете на ограничени, но безобѕирни и препредени политичари. Заштитете си ги децата како посебно подложни на такви влијанија. Побунете се против одвоени училишта и паралелки, воспитајте ги да се дружат, а не да се тепаат затруени од мали нозе од национализам. Не се палете на заплашувања со воведување двојазичност – од една страна таа делумно веќе постои, а од друга за тоа треба да се разговара, но смирено и со аргументи. Оние кои обвинуваат дека некој подготвува сценарио за федерализација на Македонија едно време зборуваа дека „не ги интересира од Групчин понатаму“. Ако наводните патриоти го забораваат, вие треба да им го паметите тоа. Оние кои обвинуваат за осиромашување на државата и народот, пак, потсетете ги на предусловите што самите ги создадоа со приватизацијата.

Mazedonien Wahlen (DW/P. Stojanovski)

Добро „измерено“ гласање, за да нема каење



Заборавете странски влијанија и интереси

Не дека ги нема – дел од промените се директна последица на нивниот ангажман, но во интерес на Македонија. Не шпекулирајте со некакви скриени агенди – токму и да сте убедени дека ги има, токму дури и навистина да ги има. Никој не може насила да ви наметне промена на името, на пример. Реал-политиката на меѓународната заедница во крајна линија значи дека таа ќе се аранжира со кого било, ако тој ѝ ветува каква-таква стабилност или е во функција на нејзините актуелни интереси (Ердоган, Ѓукановиќ, саудискиот режим и редица слични примери). ЕУ и НАТО нагласуваат дека се заедници базирани врз исти вредности што ги споделуваат нивните членови, но знаат да замижат и на обете очи кога некоја „пријателска“ земја, па дури и нивна членка ги гази тие вредности. Затоа ни за миг не испуштајте од пред вид: станува збор само за вас и за никој друг. Само за вашиот живот, судбина, интереси.

Веќе ништо не е како до вчера

Имајте предвид дека амбиентот во државата е променет и дека никој веќе не ќе може со неа да владее како досега. Се буди граѓанската свест, луѓето се осмелуваат, го креваат гласот. Најголема грешка на идниот победник – сѐ едно кој и да биде – би бил спроведување реваншизам. Натамошни, уште подлабоки поделби се погубни за Македонија, а можат да водат и кон посериозни судири. Општеството треба да се обедини и здружено да ги спрегне сите сили за државата да се извлече од длабоката кал во која се наоѓа. Непријателски настроените партии треба да станат само политички конкуренти. Но, помирувањето воопшто не сме да опфати и амнестија на актерите на криминални однесувања. Тука во правна држава нема попуст. Чисти сметки за долго пријателство.

Луѓе, на изборите вашата иднина е во прашање. Размислете. Отпосле  нема каење.

DW.COM

Реклама