Размена на територии - враќање во Среден век | Свет | DW | 31.08.2018
  1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages
Реклама

Свет

Размена на територии - враќање во Среден век

Дали разграничувањето во случајот на Косово и Србија е пожелна опција или играње со оган? Дали Берлин му прогледува на Вучиќ низ прсти додека го „решава Косово?“ ДВ овие прашања ги постави до неколку германски пратеници.

Ова се денови кога секој збор и секоја запирка имаат тежина. Уште несмирено ехото од двапати во една недела повторениот цврст став на германската канцеларка Ангела Меркел за непроменливост на границите на Балканот, а од Берлин веќе се слушаат и поинакви ставови. Или е тоа само интерпретација?

Главно, Меркел во вторникот не ја повтори децидната изјава, туку само потврди дека за темата разговарала со американскиот претседател Доналд Трамп. „Ги поддржуваме сите разговори кои водат кон целта, но истовремено укажуваме дека постоечкиот територијален интегритет има битна тежина“, рече канцеларката. „Мораме да внимаваме потезите на едно место да не водат кон последични потези на друго место.“

Во ек на шпекулациите за можна размена на територии јасно е - границите веќе не се табу за вашингтонската администрација, но досега секогаш беа за Берлин. Во разговор за Дојче веле, пратеници од Бундестагот изнесуваат различни гледања на проблемот. 

Angela Merkel im ARD-Sommer-Interview (picture-alliance/dpa/M. Kappeler)

Ангела Меркел од дециден став, до поддржување „разговори кои водат до целта“

„Враќање во Среден век“

„Не води кон целта, всушност, повторното бладање за ново повлекување граници повеќе иритира“, вели Петер Бајер, пратеник од владејачката Христијанско-демократска унија, ЦДУ. „За тоа не мислам ништо добро, гледам опасност од дестабилизација како последица на вакви мисловни игри. Границите на двете суверени држави Србија и Косово се фиксирани.“ 

Бајер се залага за почитување на Бриселскиот договор и продолжување на разговорите за правно-обврзувачки договор како пат кон нормализација на соседнските односи. „Важно е да не биде нарушена државната функционалност на Косово.“

Јосип Јуратовиќ, пратеник од владејачката Социјалдемократска партија, СПД, исто така е загрижен. Ако се дозволи прекројување граници, вели тој, „доаѓаме до можност во Европа да дојде до создавање нови 40 држави, што сигурно ќе нѐ одведе во хаос и судири“.

„Размената територии е враќање во Среден век, кога феудалците трампале територии и поместувале народи против нивна волја. Секогаш некој ќе биде незадоволен, некој секогаш ќе мора да се сели. А да не зборуваме дека повторно етничко чистење во 21. век е навистина застарена теорија, која постојано водела само во војни“, вели Јуратовиќ за ДВ. Тој укажува на очигледната склоност на администрацијата на Трамп кон идејата за размена на територии, додека ЕУ не е единствена - освен канцеларката Меркел, никој друг не изнесе јасен став. Последици, истакнува тој, може да има од Македонија и БиХ, па сѐ до Крим и источна Украина.

„Таков пристап кон политички решенија би значел конечна капитуалција на демократскиот систем, втемелен првенствено на општество на рамноправни граѓани, пред сѐ посилниот национализам во Европа, чија цел е изградба автократски општества, што е сигурен пат за нова поделба на Европа и на крајот дури и воени судири“, вели Јуратовиќ.

Повеќе на темата: 

Косово и Република Српска во ист кош?

Промена на граници: Опасност од пожар на Балканот

Менувањето граници - реалност или пироманија?

„Буре барут“

Во најголемата опозициска партија, десничарската Алтернатива за Германија, АфД, досега не се занимаваа многу со Балкан. Пратеникот Антон Фризен, кој во Бундестагот ја критикуваше политиката на Запад на Косово, за ДВ вели дека светот преку 20 години чека на решение на овој проблем, во тој смисол треба да се тежи кон сценарио во кое Белград и Приштина ќе најдат конечен договор, па макар и промена на граници. 

„Реално гледано, Балкан е буре барут и тоа не од вчера. Затоа, инциденти не се исклучени. Но, ако постигнувањето одржливо решение води до краткорочни тензии, тоа е подобро од актуелното статус кво“, вели Фризен, кој додава:  

„Надворешната политика на Меркел отсекогаш се ориентира кон САД, затоа не верувам германската влада да се спротивставува на политичко решение со благослов од Вашингтон“.

Пратеничката од Либералите, ФДП, Ренате Алт смета дека враќањето кон барањето за промена на границите покажува дека „Западен Балкан и натаму е активен конфликтен регион.“ Прекројување  граници може да предизвика „опасна динамика од насилни судири со несогледливи последици. Долгорочна цел е мирен соживот на различните етникуми на Балкан. Сѐ додека нема јасно решение, би требало да се почитуваат постоечките граници.“ 

SEAE Mogherini - Vucic - Thaci -Treffen in Brüssel (picture-alliance/AA/EU POOL)

Александар Вучиќ, Федерика Могерини и Хашим Тачи

„Морален банкрот на германската канцеларка“

Левица е единствената германска партија која го критикува едностраното отцепување на Косово. Севим Дагдален, пратеничка од оваа партија, вели дека припојување на делови од јужна Србија кон Косово „би ги осоколило соновите за Голема Албанија. Такво сценарио не само што значи натамошно отстапување од српска државна територија, туку и српско откажување од правната позиција за илегалноста на едностраното отцепување и прогласување независност на Косово во 2008. година.“

За промената на американскиот став, таа го има следното мислење: „САД ја имаат својата втора најголема база во Европа во Косово - Бондстил. Колку решението меѓу Србија и Косово да е 'креативно' и 'флексибилно', оваа база на 386 хектари не смее да се чепка. А во случај на нова војна, бегалците нема да бараат заштита преку океанот, туку во Германија. Тука изгледа во голема мерка постојат различни интереси.“

Во поглед на ставот на Меркел, Дагделен укажува дека со „избрзаното признавање на противправната сецесија на Хрватска и Словенија, а подоцна и БиХ, бившиот канцелар Хелмут Кол и неговиот шеф на дипломатијата, Геншер, ја отворија Пандорината кутија на Балкан“. „Германска канцеларка е последна која треба да се меша во граничните прашања на Балкан. Кога Меркел, признавајќи го прогласувањето на независноста на Косово сама ги доведува во прашање границите, а сега предупредува од тоа, тогаш е тоа морално банкротирана политика во стилот - држете го крадецот, а во целина гледано, сосема неодговорна.“ 

Дали Вучиќ има „косовски бонус“?

Соговорниците ги прашавме и дали српскиот претседател Александар Вучиќ, во замена за решавање на косовскиот проблем, во Брисел и во Берлин ужива одреден „бонус“. Дали затоа му се гледа „низ прсти“ кога станува збор за слободата на медиумите, непотизам, корупција, независност на правосудството?

„Жонглирањето на Вучиќ, меѓу она што народот сака да го чуе и она што сака ЕУ, е одамна познато и е дел од популистичкиот тренд во моментален пораст на европските политички сцени“, вели Јосип Јуратовиќ. „Вучиќ, за жал, се поистоветува со Европа на Виктор Орбан, со неговата цврста контрола врз медиумите, полицијата, безбедносните служби и работите во јавниот сектор.“

„Може да се жонглира одредено време, но мислам дека стигна час за повлекување политички потези за конечно да се интегрира Западен Балкан во ЕУ. Дали се Вучиќ и Тачи спремни за такви потези, ќе покаже наредниот период“, вели Јуратовиќ.

Пратеникот од АфД, не гледа давање „косовски бонус“ од Берлин на Вучиќ, туку пред сѐ обид да не се долева масло во огнот повеќе од потребното. „Како што реков, Балканот е буре барут. Тука не треба да се игра со оган. Изгледа тоа го знае и сојузната влада, па се воздржува од критики.“

Левичарката Дагделен е уверена - Берлин и Брисел му ја свиткуваат раката на Вучиќ за Србија да се откаже од Косово и да ја поддржи „новата Студена војна против долгогодишниот партнер - Русија.“ „Во однос на тоа, демократијата и правната држава се помалку важни. Тоа има помалку врска со дипломатија, а повеќе со опасната и авантуристичка германска хегемонијална политика на Балкан, за која ЕУ се користи како средство за притисок.“

Либералната пратеничка Алт пак гледа „напори на Вучиќ околу решавањето на косовскиот конфликт, што треба да му се признаат“.

„Истовремено, не треба да се испушти од вид вантрешнополитичката ситуација во Србија“, дополнува таа, потсетувајќи на сите структурни дефицити наведени во Извештајот на Европската комисија. „Пожелно би било германската влада јавно да укаже на овие дефицити, посебно во светлината на можното влегување на Србија во ЕУ.“

 

DW.COM

Реклама