Размената на територии меѓу Србија и Косово не е решение | Свет | DW | 05.04.2018
  1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages
Реклама

Свет

Размената на територии меѓу Србија и Косово не е решение

Каде пукна во владејачката коалиција во Приштина? Кој се радува на нови избори, а кој се плаши од Специјалниот суд? Дали Вучиќ и Тачи тајно преговараат? На овие теми за ДВ зборува косовската новинарка Уна Хајдари

ДВ: Премиерот Харадинај рече дека нема проблем со нови избори, доколку сите се согласат. Неговата влада нема собраниско мнозинство откако пратениците на Српската листа му откажаа послушност, но се чини дека на Косово има многу повеќе причини за политичка нестабилност.

Уна Хајдари: Во последните неколку месеци се појавија и други пукнатини во владејачката коалиција кои говорат дека не успеаја да формираат коалиција која има единствен став за главните проблеми на Косово вклучително и за бриселскиот дијалог и прашањето на Заедницата на српски општини (ЗСО). Харадинај е убеден во тоа дека популарноста на Хашим Тачи и на Демократската партија на Косово (ПДК) е толку ниска што, доколку се оди на нови избори, партијата на Харадинај- заедно со некои други како Пацоли- би можела да собере мнозинство и без него.

ДВ: Дали е тоа реално?
Хајдари: Реално е единствено тоа дека ПДК станува сѐ послаба. Тачи со последниот потег во врска со депортацијата на шест граѓани ја загуби популарноста на Косово повеќе од било кога досега.

ДВ: Се чини дека е општ ставот оти Тачи, како пријател на Ердоган, на мала врата ги испорача ѓуленистите од Косово?
Хајдари: Фактот дека Тачи ѝ се спротивстави на одлуката на Харадинај да биде разрешен шефот на тајната служба Дритон Гаши по избувнувањето на оваа афера води до заклучок дека Тачи има многу поголема улога во оваа афера одошто признава. Ова е првпат откако е формирана предизборната коалиција на ПДК и Алијансата за иднината на Косово на Харадинај да се гледаат јасни пукнатини во нивниот однос. Оние кои добро ги познаваат Харадинај и Тачи велат дека и покрај заедничкото учество во коалицијата никогаш не успеале да ги изгладат одамна заладените односи.

Una Hajdari (Privat)

Уна Хајдари

ДВ: Постои и уште една теза за Вучиќ и Тачи кои очигледно последните недели повеќе пати тајно се состанувале. Имено, дека двајцата би се согласиле на поделба на Косово или размена на територии- северот на Косово за Прешевската долина. Во Белград гласно се говори за тоа, но дали истото смее да се изговори и во Приштина?
Хајдари: Размената на територии не заслужува да ѝ се придава внимание како сериозна опција која би ги решила односите на Косово и Србија. Прво, тоа би било објава на војна на кревкиот мултиетнички поредок кој макотрпно е воспоставуван сите овие години. Второ, може да се каже дека таа опција повеќе се споменува од страна на Белград како доказ за наводните големоалбански претензии на Приштина, бидејќи во политичките кругови и во јавниот дискурс на Косово за тоа ретко се зборува како за сериозна опција.
Со распадот на Југославија тука се формираа држави-нации кои тврдат дека само тие знаат и можат да ги претставуваат интересите на етничките групи, па оваа реторика се сфаќа посериозно одошто би требало. Тоа трае веќе со години: Белград тврди дека само тие знаат кои се интересите на косовските Срби, а Тирана- повеќе од Приштина- тврди дека само тие можат да говорат за Албанците ширум регионот. Големоалбанската реторика повеќе се потпалува од страна на албанскиот премиер Еди Рама кој прелесно зборува за тоа со цел да собере политички поени.

Brüssel, Hashim Thaci, Federica Mogherini, Aleksandar Vucic (Europäische Kommission)

Колку тајни средби имале Вучиќ и Тачи?


ДВ: Дали политичката сцена во Приштина би можела да ја проголта поделбата на Косово со оглед дека многумина тоа би го претставиле како губење на дел од територијата?
Хајдари: За таа опција не може да се расправа сериозно, барем што се однесува до Косово. Тука преголема улога игра меѓународната заедница која нема да дозволи да дојде до било какви размени на територии. Може да се каже дека еден дел од српското население, особено оние од северот на Косово, би сакале северот да се спои со Србија, а јужниот дел на Србија каде е мнозинско албанското население да стане дел од Косово. Но таквата расправа би можела да се води и меѓу Босна и Србија, евентуално меѓу Хрватска и Србија, и никако не води кон решение.

ДВ: Наскоро конечно би требало да дознаеме кој ќе биде обвинет пред Специјалниот суд за воени злосторства на ОВК. Кој се плаши најмногу од тоа?
Хајдари: Јасно е дека најмногу се плаши претседателот Тачи кој, заедно со некои пратеници на ПДК, започна иницијатива за поништување на законот со кој беше воспоставен суд во рамките на косовскиот правен систем. Тачи не го крие незадоволството од фактот дека е формиран судот. Тој е убеден повеќе од било кога дека ќе биде подигнато обвинение против него или дека ќе биде поврзан со процесите на друг начин. Истовремено, веќе со месеци низ косовските медиуми кружи информацијата дека еден од обвинетите ќе биде и братот на Рамуш Харадинај, иако самиот тој малку се спротивставуваше на формирањето на судот.


Уна Хајдари е косовска новинарка која известува и за швајцарскиот јавен сервис СРФ и соработник е на Репортери без граници. Живее во Приштина.

DW.COM

Реклама