Разговори за името: Преговарачот коментира, Владата амортизира | Северна Македонија | DW | 18.01.2018
  1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages
Реклама

Северна Македонија

Разговори за името: Преговарачот коментира, Владата амортизира

Некоординираност, дисонантни ставови или соло настап на македонскиот преговарач? Од Владата се воздржани по ова прашање, а грчките медиуми им посветуваат големо внимание на изјавите по разговорите за името во Њујорк.

Matthew Nimetz (MIA)

Што предложил специјалниот претставник на ОН во спорот за името, Метју Нимиц?

Што предложил специјалниот претставник на ОН во спорот за името, Метју Нимиц на вчерашната средба со грчкиот и македонскиот преговарач, Васко Наумовски и Адамантиос Василакис? Во недостиг на официјални информации, во политичките кулоари врие од шпекулации, а доминантна е онаа дека на маса наводно било ставено едно од предлог-имињата често спомнувани во последниот период, напишано на кирилица, со опсег на негова употреба „ерга омнес“, односно за сите и секаде - и во меѓународна, и во внатрешна комуникација. Нема никаква официјална потврда на ваквите наводи, особено што предлогот сѐ уште не стигнал до Владата.

Оптимисти, песимисти и воздржани

По средбата во Њујорк медијаторот изјави дека е оптимист оти процесот се движи во позитивна насока.

„На ова гледам како на добар сет од идеи, компромис и пакет со кој двете страни треба да се чувствуваат удобно и кој ќе води до достоинствено и задоволувачко решение. Но, тоа е само мое мислење. Им ги дадов на двете страни и тие треба да ги однесат назад кај нивните влади, кои треба да ги земат предвид, да ги проучат и да видат дали ќе помогнат во донесување заклучок“, изјави Нимиц, и најави дека по неколку недели ќе ги посети Скопје и Атина за да види што мислат за процесот.

Vasko Naumovski Mazedonien (AP)

Грчките медиуми денеска акцентот го ставаат на изјавата на македонскиот преговарач Васко Наумовски

Предлог-пакетот испровоцира изјава на македонскиот преговарач, Васко Наумовски, на која денеска е ставен главниот акцент во грчките медиуми.

„Нашата држава има име, тоа е Република Македонија, името што е во основата на нашиот идентитет. Исто така, денес во 2018 година никој не може да го негира постоењето на македонскиот народ и македонскиот јазик. Од страна на медијаторот беа презентирани некои идеи за коишто сметам дека излегуваат од оваа рамка и дека се далеку од едно достоинствено решение, но, сепак, овие предлози ќе бидат презентирани пред државно-политичкиот врв и истиот ќе може да заземе став по ова прашање“, изјави Наумовски.

Владата вчера објави соопштение во кое се вели дека „во ООН се создаваат услови за придвижување на процесот напред, а исходот ќе зависи од подготвеноста за компромис на двете страни“.

„Владата на Република Македонија е посветена на решавање на спорот кој Република Грција го има со уставното име на Република Македонија. Активно се создаваат услови за придвижување на процесот напред, а исходот ќе зависи од подготвеноста за компромис на двете страни, имајќи ги предвид разликите. Остава добар впечаток обновената комуникација, која отвора простор за пријателски пристап и градење обострана доверба. По внимателна анализа на рамката на Нимиц што ја презентирал пред преговарачите во Њујорк, согласно значењето на прашањето за државните интереси, ќе продолжи процесот за градење на што е можно поширок и поинклузивен став од страна на Република Македонија“, се вели во соопштението на Владата.

Гледај видео 01:42

Нимиц оптимист по разговорите во Њујорк

Лична изјава

Некоординираност, дисонантни ставови или соло настап на македонскиот преговарач? Од Владата се воздржани по ова прашање, а грчките медиуми му посветуваат големо внимание.

„Наместо излезни решенија, дополнителни пречки произлегоа од вчерашниот состанок во Њујорк на грчкиот и македонскиот преговарач со медијаторот на ОН во спорот за името, Метју Нимиц“, пишува грчкиот весник „Катимерини“ во денешното издание.

„Владини извори од Скопје вчера коментираа дека изјавите на господин Наумовски претставуваат лична изјава, бидејќи Владата сѐ уште не ги видела предлозите на Нимиц. 'Г-дин Наумовски не добил инструкции од Скопје'“, велат изворите, пишува „Катимерини“.

Повеќе на темата:

Атина е оптимистична за спорот за името

Никола Димитров: Јас сум оптимист со грижи

Спор за името: Големи одлуки бараат големи лидери

И овој, и други грчки медиуми потсетуваат дека „преговарачот Наумовски доаѓа од партијата на Никола Груевски“, но и дека новата влада во Скопје решила тој да остане на таа позиција.

Горна, Северна, Нова, Вардарска... Ова беа дел од географските и временски одредници кои се вртеа како шпекулативни предлог-префикси пред името Македонија. Ниту едно од нив, ни јавно, ни неофицијално, не беше потенцирано како преферирано име од која било страна. Единствено, по шпекулациите на албански медиуми дека бил постигнат договор за името „Нова Македонија“, портпаролот на грчката влада демантираше дека е постигнат каков било договор.

„Не сме заинтересирани за многубројните шпекулации во врска со преговорите за името, туку да продолжиме со преговорите на сериозен начин, за да можеме да дојдеме до решение во наредните неколку месеци за проблемот, кој нѐ следи 25 години“, изјави портпаролот на грчката влада, Димитрис Цанакопулос, пред една недела.

DW.COM

Аудио и видео прилози на оваа тема

Реклама