Разговори за името: Го пробија снегот, ќе го скршат ли мразот? | Северна Македонија | DW | 12.12.2017
  1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages
Реклама

Северна Македонија

Разговори за името: Го пробија снегот, ќе го скршат ли мразот?

По три години од последната средба, медијаторот на ОН, Метју Нимиц денеска во Брисел ги обновува разговорите со преговарачите на Македонија и Грција во спорот за името, нејверојатно без нов предлог, но со нов оптимизам

Метју Нимиц, специјалниот претставник на ОН во спорот за името, денеска напладне на прес-конференција ќе ги соопшти впечатоците од средбата со преговарачите на Македонија и Грција во спорот за името, Васко Наумовски и Адамантиос Василакис. Како што претходно најави канцеларијата на Нимиц, средбата е дел од напорите на ОН да им се помогне на двете земји да најдат заеднички прифатливо решение за прашањето на името. Последната формална рунда разговори на медијаторот и преговарачите од двете земји беше одржана во ноември 2014 година, во Њујорк.

По три години, првата пречка тие повторно да сретнат на заедничка вечера, беше снегот кој вчера ги спречи соговорниците навреме да стигнат во Брисел, поради откажани летови на аеродромот. Работната средба се одржува денеска претпладне на осмиот кат во зградата на Регионалниот инфо-центар на ОН за Западна Европа (UNRIC) во Брисел. Нема информации дали медијаторот ќе излезе со нови идеи, односно конкретен предлог. Високи политички извори од Македонија и Грција претходно неофицијално навестуваа дека нема да има нов предлог, иако грчки медиуми не ја исклучуваат ни таа можност.

Griechenland Mazedonien Treffen der Außenminister in Athen (Reuters/C. Baltas)

Подобрена атмосфера меѓу Скопје-Атина, клучна основа за сите натамошни чекори - Никола Димитров и Никос Коѕијас, архива

Чекор по чекор

Според извори на ДВ, на денешниорт состанок евентуално може да биде анализирано расположението за реактуелизирање на некои претходни предлози, за кои поради разни причини (избори или неодложен фокус на други прашања во двете земји) разговорите своевремено не биле целосно исцрпени. Но, она што е сигурно, е дека медијаторот ќе се обиде да процени колку во меѓувреме е зголемена подготвеноста да се влезе во клучната фаза од разговорите. Тоа Нимиц го навести и во едно од неговите последни интервјуа есенва, за независната Балканска новинска агенција - ИБНА.

„Односите се подобрија во последните месеци и очекувам поголема активност. Двете земји имаат свои позиции, може да ги наречете црвени или сини линии. Има многу важни прашања во двете земји, но мислам дека можат да се приближат“, изјави медијаторот, додавајќи дека „ќе даде нов предлог кога ќе смета дека е вистинско време за тоа“.

Според дипломатски извори, „веќе е постигнат голем напредок со самиот факт што во значајна мера е подобрена атмосферата меѓу Скопје-Атина, што е клучна основа за сите натамошни чекори“. На разговорите во Брисел веќе им претходеа средби на министерско ниво во Атина, Скопје и во Брисел, кои покажаа дека се подобрува политичката  клима меѓу двете земји. Поддршка за надминување на проблемот стигна и од бугарскиот премиер Бојко Борисов, кој изјави дека прашањето мора да се реши и сите заедно да ѝ помогнат на Европската Комисија да донесе правилни одлуки, а не само да се поставуваат ултиматуми.

Повеќе на оваа тема: 

Што ја одложи средбата со Нимиц?

Почеток на крајот на спорот за името?

Компромисот не мора да значи промена на името

Внимателни оптимисти

Грчките медиуми посветуваат големо внимание на денешната средба. „Екатимерини“ потсетува дека специјалниот посредник на ОН ги обновил разговорите меѓу двете земји во врска со името, по долгoгодишниот ќор-сокак.


„Атина е внимателен оптимист за напредокот, по изјавите на македонскиот премиер Зоран Заев, кои сугерираат дека има подготвеност за решение кое ќе го отвори патот за пристапување на неговата земја во ЕУ и во НАТО. Тој оптимизам дополнително е засилен со оставката од неделата на поранешниот националистички премиер и шеф на опозицијата, Никола Груевски“, пишува „Екатимерини“.

Грчкиот премиер Алексис Ципрас пред три дена изрази надеж дека е можно 2018 да биде година во која може да има позитивна разврска за долгогодишниот проблем, „ако новата влада на Скопје реши да направи суштински чекори напред, ако запре со непотребната реторика дека се единствените потомци на Македонците и на Александар Велики, ако запре со иредентистичката реторика и во исто време прифати едно решение за името, заемно прифатено со соседите“.

По оваа изјава опозициската Неа Демократија побара објаснување од премиерот Ципрас за изјавата дека Македонците треба да се откажат дека се единствени потомци на Александар Македонски. Притисок вршат и разни клубови и организации во земјата со предзнакот „македонски“, кои од грчките власти бараат да не се дозволи името Македонија или негови деривати да се користат во името на северниот сосед.

 

DW.COM

Реклама