Разводот и (не)среќата на децата | Панорама | DW | 21.05.2019
  1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages
Реклама

Панорама

Разводот и (не)среќата на децата

Мајката и таткото може да имаат добри причини за развод. Но, мора да бидат свесни дека дури и кога нивната врска ќе престане, тие остануваат родители. Кога семејството се распаѓа, децата не треба да паднат во заборав.

Психологот Харалд Вернек добро се сеќава на 12-годишното момче кое не го изело сендвичот што татко му му го приготвил за на училиште. Детето мислело дека татко му заради тоа толку се налутил што се развел од мајка му и го напуштил домот. Децата имаат своја перспектива на нештата кога родителите се разведуваат. Тие извлекуваат заклучоци што за возрасните може да звучат апсурдно. Но, кај децата таквите заклучоци оставаат траен и длабок печат. Факт е дека децата во процесот на разделбата често се оставаат на страна. Тоа го заклучуваат психолозите кои ги консултиравме. Но, тоа е и искуството на самите деца чии приказни ќе ги прикажеме. Што може да направат за своите деца родителите кои одлучиле дека разделбата е неизбежна? И кои нешта не треба да ги прават, без разлика колку се лути, тажни и повредени?

Повеќе: За родителите, децата и среќата

Разделбата е неизбежна

„Всушност беше релативно нормално утро", раскажува Корина. Сѐ додека мајка ѝ не ја повикала тогаш 9-годишната Корина за да ѝ каже дека татко и ќе се исели. И тоа уште истиот ден. Резултатот бил збунето и плашливо девојче кое не можело да разбере што се случува. Дали разделбата не е секогаш страшна за децата? „Не", вели психологот и семеен терапевт Беатрис Випих. „Ако родителите во врската многу се карале, разделбата може да донесе и релаксирање."

Родители кои перманентно се караат ја „загадуваат“ домашната атмосфера, но и толку многу се зафатени сами со себе што забораваат на децата, вели Випих. Кога врската се завршува, а со тоа и вечниот конфликт, децата повторно се во фокусот.

Со многу деца се разговара малку. Тие ги чувствуваат тензијата и непријателството меѓу родителите, но не ги разбираат. „Кога не се комуницира со децата, тие остануваат сами со своите емоции и заклучоци“, вели терапевтката Випих.

Eltern Streit Kind Familienstreit (Fotolia)

Многу родители забораваат на децата да им кажат дека тие не се виновни за разделбата

Не си ти виновен/на!

Аника раскажува дека нејзините родители многу се карале пред разделбата. „Мојата мајка секогаш беше тажна и како дете си мислиш дека ти си виновен за тоа", вели сега 28-годишната Аника.

За психологот Харалд Вернек таквата детска претпоставка воопшто не е изненадување. „Особено на претшколска возраст децата размислуваат многу егоцентрично и мислат дека за сѐ што се случува во светот околу нив имаат повеќе или помалку вина.“

Многу родители забораваат на децата да им кажат дека тие не се виновни за разделбата, вели Вернек. Корина никогаш не мислела дека е виновна за разделбата на нејзините родители, но од неа се очекувало да заземе страна бидејќи татко ѝ ја напуштил мајка ѝ.

„Мајка ми очекуваше да бидеме лути на татко ми. Тоа беше најголемата грешка на мајка ми. Таа нејзините проблеми со татко ми ги претвори во наши", вели Корина.

Иако разделбата претставува крај на партнерската врска тоа не значи дека дошол крај и на бесот, тагата и разочарувањето. И пред сѐ: разделбата не е крај на родителството.

Гледај видео 00:58

Помалку бракови, повеќе разводи

Емотивни сираци

„Децата чиишто родители се постојано во кавга на крајот ги губат и двата родитела. Тие се како емотивни сираци", вели Випих. Мајката зборува лошо за таткото, таткото за мајката. Децата се помеѓу. Природна последица е нарушен однос меѓу родителот и детето.

Вивијан морала да го прекине контактот со татко ѝ, бидејќи не можела да го слуша неговот озборување на мајка ѝ. Кој пред детето зборува за поранешниот партнер, не размислува дека секој лош збор за мама или тато го погодува и самото дете. „Еден дел од детето перманентно е критикуван", вели Випих. Затоа и последиците за самодовербата на детето може да бидат огромни.

„Да си родител значи да останеш родител“

Непријателства меѓу родителите му штетат на детето. Точка. Колку и да сметаат возрасните дека им се оправдани одмаздите, агресијата или озборувањата на поранешниот партнер, за децата тие се ужасни. Тоа го потврдуваат сите кои со нас ги споделија своите лични искуства.

„Одлучувачки е дали родителите ќе успеат да направат разлика меѓу партнерската и родителската врска", вели Випих. Тоа бара сила и личи дека е невозможно. Но, сепак ништо друго не може да го замени токму тој пат. Терапевтот препорачува да се користи можноста за советување. Многу хуманитарни организации го нудат тоа.

Важно е и на децата да им се даде чувство на сигурност и дека може да им се обратат на родителите за сѐ. „Има деца што се плашат да му раскажат на едниот родител нешто од секојдневието со другиот“, знае Випих од искуство. Ако било особено убаво кај тато, мама би можела да биде тажна. Ако тато дознае што мама ми дозволува, би бил лут и ќе има кавга. „Родителите мора да го положат тој тест", вели Випих. Само така детето ќе може да се чувствува навистина безбедно.

Symbolbild: Frau mit gebrochenem Herzen an Weihnachten (picture-alliance/Bildagentur-online)

Разделбата на родителите не мора да значи и бескрајна катастрофа за децата

Зборувај со мене!

Таткото на Аника на своите деца често им раскажувал приказни за тоа дека еднаш вистински се љуби. Меурот од сказните пукнал кога тој по којзнае кој пат ја изневерил сопругата, по што решиле да се разделат.

„Ќе беше подобро ако ние децата од претходно бевме запознаени со ситуацијата отколу да ни се раскажуваат бајки“, вели Аника. „Соодветна искрена комуникација со децата за конфликтите" е задолжителна за родители кои се разделуваат, вели психологот Вернек. Пред сѐ да се разјасни отвореното прашање на вина.

Повеќе: Зошто постарите родители се посреќни?

Родители и пријатели

Но сите разделени родители кои го почувствувале досега напишаното и можат да воздивнат задоволно, бидејќи и покрај разводот сѐ уште имаат пријателски однос и ги надминале сите конфликти, мора да знаат: и ова не е секогаш лесно за децата!

„Како возрасни и пред сѐ како психолози ние ова секако би го опишале како подобар исход од целата ситуација“, вели Вернек. „Но во ваков случај децата често се прашуваат: зошто моите родители воопшто се разделиле?“

Децата, чии родители решиле да заминат секој по својот пат, имаат поквалитетно секојдневие. Но сепак, децата чии родители во нивни очи немале отворени проблеми, а сепак се разделени, тоа често го сметаат за голема загуба.

Mutter mit Kind (picture-alliance/dpa/K.-J. Hildenbrand)

За децата е најважна сигурноста, особено ако родителите се разделуваат

Никогаш не е доцна

Дали децата на разделени родители се сметаат проколнато несреќни? „Не“, смирува Випих. „Топло ја препорачувам книгата ‘Никогаш не е доцна да се има среќно детство'."

Станува збор за тоа како како возрасна личност да се справите со нештата што сме ги преживеале во детството. Една можност е да се доживеете како жртва на неспособни родители, вели Випих. Или пак си го поставувате прашањето: Што ми донесе ова? Какви способности ми се развија поради тешкиот период, кои и покрај сѐ ми помагаат да живеам исполнет живот?

Психолозите се единствени, дека негативното или позитивното толкување на животното искуство е клучно за среќа. „Ова секако звучи многу поедноставно одошто е“, појаснува Випих.

Разделбата на родителите не мора да значи и бескрајна катастрофа за децата. Особено кога родителите одвреме-навреме го гледаат светот со очите на своите деца и успеваат да продолжат да бидат родители.

DW.COM

Аудио и видео прилози на оваа тема

Реклама