Радев вели дека Бугарија е изолирана поради блокадата на С. Македонија | Северна Македонија | DW | 01.09.2021
  1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages
Реклама

Северна Македонија

Радев вели дека Бугарија е изолирана поради блокадата на С. Македонија

На средбата е оценето дека до крајот на годината има доволно време Бугарија и Северна Македонија да го изодат патот до решение.

Претседателот на Бугарија, Румен Радев очекува притисокот врз Бугарија во наредните месеци на темата Република Северна Македонија да продолжи да се зголемува. 

„Очекувањата за компромис со Бугарија растат, бидејќи во последните години односите со Скопје се во ќорсокак и Бугарија остана изолирана“, објасни Радев, кој учествува на Бледскиот стратешки форум, во изјава за БНТ. Според него, Резолуцијата која во јули беше изгласана во парламентот во Северна Македонија го зацементира неспроведувањето на Договорот за соседство од 2017 година. Радев, како што јави МИА, смета дека Резолуцијата ги истакнува јазикот и идентитетот како црвени линии за кои Скопје нема да преговара со Софија. 

Претседателот на Бугарија повторил дека главен приоритет на бугарската надворешна политика останува европската интеграција на Западен Балкан и дека Бугарија е најзаинтересирана Северна Македонија да стане членка на ЕУ, но да ги исполни своите обврски. Радев од Блед порачал дека очекува заштита на правата на луѓето со бугарска самосвест во Северна Македонија, елиминација на негативната слика за Бугарија во учебниците, спомениците и медиумите и прекин на говорот на омраза. 

Заев очекува стабилна влада во Софија

Во изјава за БНТ, македонскиот премиер Зоран Заев, изрази надеж дека Бугарија наскоро ќе има стабилна влада со цел да ги продолжи разговорите за европската интеграција на Скопје. Тој денеска имаше средби со словенечекиот премиер Јанез Јанша и еврокомесарот за проширување Оливер Вархеји на Бледскиот стратешки форум, од каде испратија порака дека нема простор за други опции освен европски Западен Балкан, Северна Македонија и Албанија треба да ги почнат преговорите час поскоро. Проширувањето на ЕУ е приоритет на словенечкото претседателство, а земјите од Западен Балкан треба што е можно поскоро да станат членки на Унијата. 

Zoran Zaev Premierminister von Nord Mazedonien

Заев очекува стабилна влада во Софија со која ќе може да се надмине блокадата

Според тројцата соговорници, пречките што се исправија пред овој процес може да се отстранат и за тоа постојат позитивни примери од поблиското минато. На средбата е оценето дека до крајот на годината има доволно време Бугарија и Северна Македонија да го изодат патот до решение кое ќе ја забрза европската интеграција на цел регион и дека решенијата подразбираат грижа за себе, но и грижа за другиот. 

-повеќе на темата: Политичкиот заплет во Софија ги замрси плановите на Скопје

Претходно премиерот Заев, на маргините на Бледскиот стратешки форум имаше средба и со претседателот на Република Словенија, Борут Пахор, кој го афирмираше ставот на неговата земја дека Словенија го поддржува европско проширување со земјите од Западен Балкан. Тој  очекува, со посредство и поддршка на словенечкото претседателство, да се најде прифатливо решение за блокираниот процес за интеграција на Северна Македонија во ЕУ. 

-повеќе на темата: Дендиас во Скопје: Западен Балкан не смее да стане буре барут во Европа

„Премиерот Заев и претседателот Пахор на средбата споделија дека лидерите постојат за да наоѓаат решенија и дека современото живеење и глобалните текови бараат храбри и мудри чекори од страна на политичките лидери на Европа. Заев потенцираше дека Европа препозна дека граѓаните на Северна Македонија покажаа храброст и ги прифатија европските вредности и дека земјата направи сѐ за да продолжи по европскиот пат напред“, се вели во владиното соопштение.  

Заев и Пахор истакнале дека Словенија и цела Европа поддржуваат решение на предизвиците меѓу Бугарија и Северна Македонија и дека словенечкото претседателство е можност која треба да се искористи за наоѓање решение.

 

 

DW.COM