1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Работа опасна по живот во турските рудници

Г.Кене/ А.Трајковска 23 август 2014

Рударската несреќа во Сома ја шокираше Турција. Владата во Анкара тогаш најави построги контроли за безбедноста на рудниците. Но, рудниците за јаглен на границата кон Ирак и натаму работат во услови како пред еден век.

https://p.dw.com/p/1Cue9
По несреќата во Сома владата најави построги контролиФотографија: picture alliance/AA

Кога ќе почнат да брмчат дизел моторите наутро во 6 часот и 30 минути во долината на Ширнак, време е за првата смена. Рударите преку тесна цевка се спуштаат 150 метри во окното. Тука никого не го загрижува тоа што не носат шлем и пушат цигари додека се спуштаат.

По неколку минути се извлекува првата кофа јаглен. Прекупците плаќаат смешна цена за тон јаглен. Но, работниците делат сѐ. Нив ги поврзува тоа што вршат работа опасна по живот во нелегални рудници.

Бурхан Чавлак, предводник на рударите во оваа јама, од некаде најде шлем - бидејќи има новинари. И покрај тоа, ова е самоубиствен потфат, а работниците не смеат да си дозволат страв. „Единствено од што се плашиме е да не ни ја земат платата и лебот. За нас во оваа област нема друга работа“.

Сите рудници се дело на самите работници. По катастрофалната рударска несреќа во Сома, турската влада пред повеќе месеци најави построги безбедносни контроли. Но, тука, на границата кон Ирак, тоа не функционира.

Тешка работа - слаба заработувачка

Рударите работат под услови како пред еден век: со лопата и копач, на светлина од рударската ламба, без потпорници за таваните, без излези за вонредни ситуации, без аларм за присуство на гас и без можност да се упати повик за помош. „Да, ние ризикуваме. Но, некои од нас имаат по 5-6 деца. Што друго ни преостанува?“, вели еден рудар.

Türkei Explosion in Bergwerk
Рударите во Ширнак работат без неопходната рударска заштитна опремаФотографија: Reuters

Најмалку осум часа дневно рударите минуваат под земја. Тие заработуваат две евра на час. Осигурани, се разбира, не се. Турските борци за човекови права се обвинуваат дека и деца под 16 години морале да работат во рудниците. На денот на нашата посета не видовме ниедно.

Пејзаж околу рудниците: дупки од јами за јаглен до недоглед. Со копањето руда се направени огромни кратери во природата. Притоа и во Турција сѐ помалку се користи јаглен. Во градовите одамна за греење се користи земен гас. Цените на јагленот се во слободен пад.

Семејството Чавлак се Курди - како речиси сите во оваа област. Повеќедецениската граѓанска војна меѓу армијата и курдската ПКК е минато. Меѓутоа југоистокот и натаму е најсиромашниот дел на Турција. По војната, бегството и угнетувањето, семејства како Чавлак сакаат да се извлечат од сиромаштијата.

Државата, меѓутоа, се заканува дека ќе ги затвори рудниците. На властите не им пречи недоволната безбедност, велат Чавлакови, туку тоа што семејствата и рударите сакаат самите да управуваат со малите рудници. Фамилиите тука се чувствуваат дека се’ уште се систематски запоставени.

„И јас порадо би станал лекар. Но, за дете од оваа област, студирањето беше исклучено. Ако бидат затворени рудниците ми преостанува само да се преселам со семејството во западна Турција и да барам работа. Како што се обидоа многумина пред нас“, вели Бурхан Чавлак.

Градоначалникот на Ширнак бара подобри услови за рударите

Само градоначалникот на Ширнак, од партија блиска до Курдите, се бори за рударите. Тој бара да се спасат животот и работните места: „Сегашните услови во рудниците, се разбира, не ги исполнуваат неопходните безбедносни стандарди. Поради тоа загинаа повеќе од 100 луѓе. Затоа го поддржувам барањето на работниците да добијат право да се здружат во кооперативи. Дури кога ќе бидат легализирани, тие можат да инвестираат во безбедноста на работното место. Работниците тогаш би морале да имаат и социјално осигурување“, истакнува градоначалникот на Ширнак Серхат Кадирхан.

Türkei Explosion in Bergwerk Proteste Hände
Фотографија: OZAN KOSE/AFP/Getty Images

Меѓутоа, за многу семејства во Ширнак би било предоцна. На пример за фамилијата Бајсал. Али Бајсал заедно со брат му и уште еден рудар починаа кон крајот на мај од труење со гас. „Спасувачките екипи имаа две гас-маски. Но, обете беа расипани. Потоа секоја помош за мојот сопруг беше задоцнета“, вели сопругата на починатиот рудар Али Бајсал, Белкиз Бајсал.

Надвор кај рудниците веќе следното утро се вели: Засукај ги ракавите и надевај се дека сѐ ќе биде добро. Државата замижува - до наредната несреќа.