Мигрантите во Германија побрзо губат работа во пандемијата | Информации и анализи за Германија | DW | 31.05.2021
  1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages
Реклама

Германија

Мигрантите во Германија побрзо губат работа во пандемијата

Кој останува без работа во корона-кризата најбрзо? Во Германија се тоа мигрантите и бегалците, покажува едно истражување.

Мигрантите и бегалците уште пред пандемијата работеа на несигурни работни места почесто отколку Германците, имаа почесто временски ограничени договори за работа или беа вработувани преку посреднички фирми. Затоа и се особено тешко погодени од корона-кризата, пред сѐ за време на првиот локдаун, пролетта 2020 година.

Ризикот да останат без работа за околу 400.000 лица од земјите од каде доаѓаат барателите на азил беше трипати поголем отколку ризикот да останат без работа Германци. Во пандемијата работата ја загубија околу 20.000 од нив, односно околу пет проценти.

Стапката на невработеност кај бегалците до крајот на 2020 година порасна за 2,7%, односно поголема е отколку кај ЕУ-граѓаните (плус 2,2%) и кај Германците (плус 1%). Бегалците и мигрантите исто така беа повеќе погодени од кратење на работата, а поретко имаа и прилика за работа од дома.

Овие податоци произлегуваат од извештајот на Институтот за истражување на пазарот на работна сила и на професиите (ИАБ). Но, има и добри вести: кога економијата се опорави по крајот на првиот локдаун, мигрантите и бегалците повторно брзо наоѓаа работа.

Повеќе: Отежнато доаѓањето на работници од Западен Балкан во Германија

Прекината интеграција

„Вработувањето на мигрантите и бегалците реагира почувствително на шокови отколку вработувањето на домашното население“, објаснува истражувачот на ИАБ, Херберт Брикер, кој е еден од авторите на студијата. „Но, во моментот кога подемот повторно ќе настапи, тие релативно брзо повторно влегуваат во работен процес.“

Меѓутоа, Брикер е загрижен поради тоа што пандемијата многу го забавува позитивниот развој од претходните години, па дури и сосема го запира. На пример, стапката на вработување на бегалците во годината на пандемија се зголеми за 1%, но тоа е значително помалку отколку во 2019 година, кога имаше плус од 5%.

„Го прекинуваме процесот на интеграција, а тоа долгорочно може да има негативни последици“, вели Брикер. На пример, многу програми за бегалци на пазарот на работна сила се прекинати поради короната, а така е и со курсевите за интеграција и за јазик.

Deutschland Volkshochschulen in Bayern

Курс за интеграција во Баварија во 2014 година

За многу бегалци губењето на работното место е поврзано со посебни стравови, вели Мосјкан Ехрари од информативниот портал за мигранти Handbook Germany. „Во моментов добиваме многу коментари од луѓе кои велат: Ја загубив работата и се плашам дека тоа ќе се одрази врз мојот престој овде.“

Особено се погодени т.н. толерирани лица, зашто тие се соочени со опасноста од протерување. Според ИАБ, во моментов во Германија има околу 200.000 лица со толериран престој, од кои околу две третини имаат работа.

Од почетокот на 2020 година постои т.н. толерирање додека се има работа. Според законот, се толерира престојот на луѓето кои имаат работа со социјално осигурување (платени придонеси).

Повеќе: Работата од дома им штети на многу бранши

Претприемачот Готфрид Херле, меѓутоа, нема добро мислење за законот. Тој, според него, предизвикува „голем обем на бирократија и е повеќе насочен кон тоа да се олесни протерувањето отколку да се создаде перспектива за останување, таков е барем нашиот впечаток“. Во неговата пивница во Алгој тој вработува 35 луѓе, од кои петмина се бегалци. Заедно со други претприемачи Херле се ангажира во иницијативата „Право на престој за работа“. Иницијативата настанала како резултат на незадоволството што „добро интегрирани бегалци се земаат од фирмите каде што работат и се протеруваат“. Тоа во време на пандемија малку е намалено, меѓу другото и затоа што има помалку летови.

Несигурната перспектива за останување е проблем не само за бегалците, туку и за нивните работодавачи, нагласува Херле. Како илустрација на многу други слични проценки, тој ја цитира сопственичката на една пекарница, која лично ја познава, а која вработува неколкумина мигранти: „Таа вели: Нашите бегалци работат сѐ и станати се соработници без кои не можеме. Но, постојано стравувам дека ќе бидат протерани. Поради тоа, веќе не би вработувала бегалци.“

Deutschland Brauerei Clemens Härle aus Leutkirch

Готфрид Херле вработува петмина бегалци

Доселувањето се зголемува и натаму

Дури и кога не се работи за мигранти кои се загрозени од протерување, загубата на работното место честопати е „бирократски ѓаволски круг“, затоа што многу установи се затворени, вели Мосјкан Ехрари од Handbook Germany. Мигрантите постојано се исправени „пред затворени врати, не добиваат термини со физичко присуство и мора да исполнуваат комплицирани формулари онлајн, и тоа најчесто само на германски јазик“.

Затворените училишта и градинки, кои ги носат на работ на нервен слом дури и Германците, за мигрантите се посебен предизвик. „Навистина е катастрофа“, потенцира Ехрар. „Многумина воопшто не знаат дека може да го користат згрижувањето во итни случаи кое го нудат градинките.“ Освен тоа, многу корисници на Handbook Germany изразуваат загриженост и поради фактот дека нивните деца се осамени и дека им се намалуваат познавањата на германскиот јазик.

Сепак, и покрај сите тешкотии, короната не менува ништо во долгорочниот тренд на доселување, вели истражувачот на пазарот на работна сила Брикер. Земјата е упатена на доселување работна сила поради демографската ситуација. Дури и во корона-годината 2020-та имало нето-доселување на 250.000 луѓе, „од кои дел, кој не е за занемарување, веќе има работа“, вели Брикер.

Гледај видео 02:48

Лажни ветувања за работа во Германија