Работа - другата сабота | Северна Македонија | DW | 24.08.2018
  1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages
Реклама

Северна Македонија

Работа - другата сабота

Има луѓе што сакаат да работат. За среќа, нашата држава има стратегија за заштита од такви застранети поединци. Ги отпушта, или не ги вработува, или ги казнува со работни места со седење и пиење кафе, со шефови без акал.

Летата кај нас се апокалипса, крај на светот. Ништо не функционира. И секаде каде што одиш уште од јуни ти велат – дојдете од септември, по одморите. Ако ти се случат непријатни работи во лето и зависиш од државни институции, најдобро е да се откажеш од талкање и барање решение по горештините. Само ќе си ја отежниш ситуацијата. Ако немаш услови за одење на одмор, седи си дома, не отворај врати и прозори и само ако е неопходно излегувај. Секако дека ќе одиш да испазариш одвреме-н време по нешто, зашто треба да се јаде, но и не мора. Еднаш во месецот, кога сепак ќе мораш да излезеш да си ги платиш сметките во разладените простории на банките и останатите наплатни пунктови, замисли си дека си на излет на Треска, за да ти олесни. Но, не се само летата неработни кај нас. И зимите подеднакво знаат да бидат долги и здодевни. Ама ние и нив итро ги кратиме - сонувајќи за летото. Ако ги споиме - можеби ќе станеме земја со најголем годишен одмор на планетава!

Ако не работиш, најдобро ќе си поминеш?

Работите не стојат добро. За оние за кои тие „сепак стојат”, овие редови немаат никаква важност, зашто тие одамна завршиле работа и за зимските и за летните одмори и за внуците од нивните внуци. Не дека се скапувале од работа, но се снашле на „право место и во право време“, имале „вијуга“ за кеш, па ги спастриле и потомците на своите потомци. Не мрднале со мал прст, а живеат како богови. Постојат и луѓе што се имаат скапано од работа и уште едвај врзуваат крај со крај. И едните и другите се доказ дека на овие простори нема правила за добар живот. Всушност изгледа дека ако не работиш или ако работиш малку  - најдобро ќе поминеш. Ниту ќе мислиш на заработувачка ниту ќе трошиш. Безгрижен - исто како да си богат. Само малку поразлично.

Но, сепак има и луѓе што ја сакаат и веруваат во својата работа. Вредни луѓе, коишто никогаш не седат и секогаш се подготвени да прифатат обврски. Тие се постојано активни, размислуваат, бараат и наоѓаат решение за проблемите. Се восхитувам кога гледам како даваат сѐ од себе за да постигнат нешто, додека за многумина тоа не е ништо повеќе од - копање дупка во вода. Тие не знаат дека стануваат пречка зашто наметнуваат темпо, критериуми и резултати коишто голем дел од луѓето не сака и не може да ги следи. Нивната енергија и ангажираност отскокнуваат од средината и создаваат тензија зашто ја брануваат нормалната животна атмосфера. И за кратко време стануваат проблем. Но ако се занимаваат со она што најдобро го знаат и умеат и уште ако го прават тоа беспрекорно и сакаат да учат и напредуваат – стануваат дури и вистинска опасност, зашто ги загрозуваат сите околу нив. За среќа, нашата држава одамна има развиено стратегија за заштита од таквите застранети поединци. Или ги отпушта, или не ги вработува, или ги казнува со тоа што им дава работни места со седење и пиење кафе, со шефови без акал. Ако и тоа не е доволно - ги емигрира! Дотаму е дојдена работата што имаме дури и аналитичар, филозоф и идеолог по глава на жител, чија цел е изнаоѓање начин за скратување на работното време, намалување на работните обврски и заштита од сите видови изложување на работа!

Други колумни од авторката:

За живот без клетви

За злосторот на паланката

Угледни криминалци и чесни будали

Нашиве не сакаат „наши”

Не дај боже ако посакаш да се вратиш овде како врвен светски стручњак, во својот роден крај, за да го вложиш стекнатото искуство и знаење! За таквите овде нема место, зашто нивните капацитети се во спротивност со нашите кадровски стратегии. За нив овде изгледа има места само како помлади референти, за да не ги вознемируваат колегите и за да имаат шанса да се докажат дома. А ако си светски експерт, а од нашиве краишта и треба да гостуваш дома, посочен и препорачан од експерти странци - овде ќе речат дека сите знаат за тебе и дека сигурно ќе те побараат. Секако дека никогаш нема да те побараат, зашто нашиве не сакаат да канат „наши”. Ги разбирам нивните стравови и стресови од соочување со својата ништожност наспроти светот. Зашто ако не знаеш, не знаеш дури ни што не знаеш и откривањето на сопственото незнаење ќе те разболи! Ќе треба веднаш да земаат и боледувања од самата помисла дека некој однадвор би можел да се врати да ги загрози локалните херои и да создаде атмосфера на ентузијазам и жед за знаење во удобното колективно мртвило. А познавам и многу примери на наши, врвни професионалци, вредни работници, коишто овде вложиле сѐ што имале и знаеле - и завршиле со блокирана сметка.

Ако може - без работа!

Ние всушност сѐ уште немаме ни засукано ракави како што им доликува на вистинските работни луѓе, а веќе ја презираме работата од дно на душа. Овде се гледа со презир кон оние што работат вредно и посветено, зашто тие се она што сакаме, а не можеме да бидеме! Или сакаме да бидеме, ама ако може - без работа! Веднаш сите ако може шефови, директори, магистри, професори, министри, премиери... Ги сакаме сите слободи на изразување, сите права, сакаме висок стандард, но ги презираме уредувањата на земјите што ги имаат и ги исмејуваме нивните послушни работни граѓани. Ние сакаме никој ништо да не работи, ништо да не менува, а да има сѐ! Со слободно време на претек - за безделничење, пиење кафе и муабет, нешто како комунизам (ама да не се вика така, од познати причини). И кога некој напорно работи и заработува, на него се гледа како на непријател. А кога некој пропаѓа, другите се радуваат, зашто ќе биде ист како нив. Многу сомнителни луѓе станаа богати преку измами и криминал и разбирлив е револтот кон нив, но не и кон секој посериозен и поинтензивен работен ангажман. Ако го минеш животот во негирање, апатија, презир, или потсмев кон оние другите, тоа никому нема да ја подобри ни финансиската, ни духовната состојба. Зашто на крајот, ќе мораш да се соочиш со она што самиот си успеал да го создадеш, направиш и стекнеш, со работа или со одмор, со кражба или измама, со варење кафе или емигрирање!

Еве го и август веќе одминува. Септември служи за сумирање на сите незавршени и нерешени предмети и работи од изминатите години. Но нѐ чекаат и други, многу поважни историски настани, па да се стрпиме, да почекаме и тие да пројдат. Па иде зима, па Нова година и Божик, па може и нови избори. А ако има нова власт, нема зошто ни да се фаќаме за работа сега, зашто и онака сѐ ќе мора одново да се почнува!

DW.COM

Реклама