Пуџдемон со една нога во затвор | Свет | DW | 03.11.2017
  1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Свет

Пуџдемон со една нога во затвор

Повеќе од половина од развластената каталонска влада е веќе зад решетки. Шпанското правосудство сака брзо во истражен затвор да го види и нејзиниот шеф Карлес Пуџдемон - но тој сака да остане во Белгија.

Девет од вкупно 14 членови на развластената каталонска влада по судското сослушување вчеравечер беа одведени во затвори во околината на Мадрид, објавија шпанските медиуми. Меѓу нив е и заменикот на премиерот Карлес Пуџдемон, Ориол Жункерас. Претходно, судија во шпанскиот државен суд одреди мерка притвор за политичарите, кои се обвинети за бунт поради плановите за независност на Каталонија. Само поранешниот министер Сантија Вила, кој поднесе оставка пред да биде донесена одлуката за независност во парламентот во Барселона, засега треба да му биде дозволено да остане на слобода со исплата на кауција од 50.000 евра.

Пуџдемон останува во Брисел

Не е јасно дали и по самиот Пуџдемон е издадена потерница за апсење. Неговиот адвокат Пол Бекерт соопшти дека тоа се случило, но во шпански правосудни кругови тоа беше демантирано. Налог за апсење на Пуџдемон официјално треба да биде издаден денеска, се вели во Мадрид.

Сепак, Бекерт објави дека неговиот клиент ќе остане во Белгија и ќе соработува со локалните власти. Пуџдемон кој со неколку негови соработници од сменетата каталонска влада престојува во Брисел, всушност, мораше да ја почитува судската покана и да се појави во шпанскиот главен град во текот на вчерашниот ден.

Бекарт веќе објави дека ќе преземе правни дејства против барањето за екстрадиција од Шпанија. Тој еднаш застапуваше членови на баскиската терористичка организација ЕТА и, исто така, се бореше против нивно израчување на Шпанија. Ако биде издаден европски налог за апсење, земјата во која лицето е притворено мора во рок од 60 дена по апсењето да ѝ го израчи на земјата во која е издадена потерницата.

„Сурова репресија"

Во видео-порака која ја емитуваше каталонската телевизија, Пуџдемон како „законски премиер" , меѓу другото, повика  на „ослободување на сите затвореници". Тој, критикуваше дека и против него се прави „политички процес". Ова, како што рече, „повеќе не е внатрешно прашање на Шпанија". Со оглед на „опасностите", во прв ред, мора да реагира европската заедница. Тој повика на мирен отпор против „долгата и суровата репресија што нè очекува".

Дури и кај неутралните набљудувачи, постапките на шпанското судство предизвикаа многу критики. Левичарската градоначалничка на каталонскиот град Барселона, Ада Колау, изјави дека сето ова укажува на „желбата за одмазда". Илјадници луѓе протестираа на улиците на Барселона против одлуката на шпанскиот државен суд. Синдикатите најавија протестни штрајкови за наредните денови.

 

DW.COM

Реклама