„Пуч“ пресметка на Јутјуб | Македонија | DW | 03.02.2015
  1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages
Реклама

Македонија

„Пуч“ пресметка на Јутјуб

Јавноста во дилема по објавувањето на снимки од разговорите на Груевски и Заев: дали премиерот ги прислушува и тајно ги снима гостите во својот кабинет? СДСМ смета дека ова е доказ оти се следат илјадници граѓани

Провладината „Сител“ телевизија, синоќа во вестите во 19 часот објави снимка од средба на премиерот Никола Груевски со лидерот на СДСМ, Зоран Заев, снимена во премиерскиот кабинет. Како што тврди телевизијата, снимките ги добиле од Јутјуб. На каналот наречен „hoho lol“ во тој термин можеа да се најдат две видеа, но второто беше тргнато неколку минути по завршувањето на вестите на „Сител“. Снимката со лош тон, требало да послужи како потврда дека Заев на Груевски му рекол оти доказите за криминалот на владејачката партија ги добил од странски служби. Од СДСМ потенцираа дека со ваквото постапување се прави кривично дело неовластено снимање и прислушкување според член 151, став 3 и член 152 од Кривичниот закон.

„Кој може друг да снима во неговиот кабинет освен Никола Груевски? Скандалозната снимка од кабинетот на Груевски објавена во дневникот на телевизија 'Сител' е класична потврда и клучен доказ за тоа кој во Македонија снима и следи комуникации. Како се следи и се снима лидерот на опозицијата. Како се следат и се снимаат илјадници граѓани во Република Македонија“, реагираше СДСМ.

По емитувањето на снимката, ВМРО-ДПМНЕ преку соопштение ги повика надлежните институции да откријат од каде се актуелните снимки, дали смее да се објавуваат, кој го сторил тоа и дали се од законски издадени посебни истражни мерки или не.

„СДСМ очигледно се во паника зашто се фатени живи. Вакви штури соопштенија и површни објаснувања нема да го исперат срамот на Зоран Заев. Кој снима и кој се користи со такви материјали за закана кон носители на државна функција, во соработка со странски служби, има судска постапка и ние како партија остануваме со став дека и партиите и медиумите во врска со овој случај треба да се однесуваат одговорно и професионално и во рамки на Уставот и законите и демократските стандарди, за да не се дозволи намерата на тие што се инспиратори и креатори на овој случај да се реализира, соопшти ВМРО – ДПМНЕ.

По ваквата „епиозда“ на Јутјуб, аналитичарите сметаат дека во старт се поткопани ветувањата за независна, професионална и транспарентна истрага.

DW.COM

Реклама