Путин фатен во сириската стапица | Свет | DW | 24.11.2017
  1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Свет

Путин фатен во сириската стапица

Со руска помош, сирискиот диктатор Башар ал-Асад во само една година ја прошири територијата под своја контрола од 19 на преку 50 проценти. Сепак, Путин сега е заглавен во Сирија, смета Константин фон Егерт.

Успехот на Кремљ, веројатно само времен, како што најчесто бидува на Блиски Исток, за многумина беше изненадување, па и за авторот на овие редови. Овој успех во прва линија е последица на слабоста на САД, кои за време на претседателот Барак Обама, практично се повлекоа од регионот. Путин пак е опортунист, мајстор кога станува збор да се пополни политички вакуум. Тој го примени и натамошно го разви концептот на Јевгени Примаков (директор на руската тајна служба, министер за надворешни работи и премиер во време на Борис Јелцин, н.з.) околу стратешка соработка со Иран.

Во меѓувреме починатиот Примаков, како што се тврди, верувал дека иранската атомска програма не претставува никаква опасност за Русија. Според неговата теза, доколку владата на фундаменталистите се осмели на конфликт со Москва, на местото на Техеран ќе остане само огромен кратер од експлозија. Гледано од друг агол пак, изразито антиамериканскиот режим, ориентиран на борба против Вашингтон, се наоѓа на иста линија со интересите на Кремљ - да им создаде што е можно повеќе проблеми на омразените Американци.

Путин и сонот на Хомеини

Во три години, Кремљ им помогна на мулите од Техеран да го ефектуираат сонот на ајатолахот Хомеини - создавање регион контролиран од Иран од Багдад до Бејрут. Алевитскиот режим на Башар ал-Асад е клучен елемент во иранската сфера на влијание. Тоа што овој месец се случи фактичко преземање на власта во Либан од страна на агентите на Техеран - исламистичката организација Хезболах, претставува крупна геополитичка победа на Иран.

Зошто тогаш Путин, откако го прими Асад на 21. ноември во Сочи, зборуваше за скор крај на воената фаза од сириската мисија, уверувајќи дека во Сирија ќе останат само толку војници, колку што е неопходно да се обезбеди работата и сигурноста на базите во Тартус и Латакиа?  Не е првпат рускиот претседател да најавува редуцирање на рускиот воен контингент во Сирија,  но дали фактички ќе се случи ветеното повлекување, е неизвесно. Без масивна руска поддршка од воздух, сириската армија не е изразито ефективна. 

von Eggert Konstantin Kommentarbild App

Константин фон Егерт

Во суштина, ми изгледа како Путин да сака да ја намали руската улога во регионот, за да избегне да се најде во фокусот на претстоен судир меѓу Саудиска Арабија и Иран, каде би можел да се приклучи уште и Израел. Врските меѓу Саудиска Арабија и Израел зајакнуваат. Во Ријад, каде силно антиирански ориентираниот принц престолонаследник Мохамед бин Салман фактички ја држи власта, веќе се зборува за можно повторно воспоставување официјални дипломатски односи со Израел. Саудијците и Израелците не кријат дека режимот во Иран го гледаат како егзистенцијална опасност. 

Москва не сака да заземе страна во овој судир, но не може ни да дозволи пад на Асад. Неговото останување на власт е главен симбол на победата на Кремљ и на метаморфозата на Путин во неформален предводник на меѓународна антиамериканска коалиција на авторитарни режими. Токму затоа Путин беше првиот руски лидер во историјата, кој во Москва прими саудиски крал. Кремљ стреми кон подобрување на односите со Саудиска Арабија, пред САД да се „вратат“ на Блискиот Исток и заедно со Израелците и Саудијците да го предизвикаат Иран. 

Руските претседателски избори во 2018 и Сирија

Зад најавата за окончување на рускиот ангажман во Сирија се кријат и внатрешнополитички причини, без оглед што во реалноста тоа е доста далеку. Прво, расте нужноста пред т.н. претседателски избори во Русија во 2018. година да се прогласи некоја „победа“. Второ, државните финансии не се во најдобра состојба и препорачливо е да се штедат пари. Трето, Путин сака да се концентрира и на други полиња - Украина, отпорот против новите санкции и зачувувањето на политичката контрола над самата Русија.

Путин сака бината во Сирија да ја напушти како победник.  Но, таму не постои политичко решение и граѓанската војна може да се разгори во секој момент. Курдите би можеле со помош од САД да прогласат сопствена држава. Или иранското агресивно однесување може да го натера Израел на порешителни потези. По склучувањето сојуз со режимот во Техеран, Кремљ сега со него ќе мора да ги дели не само победите, туку и тешкотиите. Средбата во Сочи не е точка, туку само запирка во блискоисточната политика на Москва.  

Константин фон Егерт е коментатор и модератор во независната руска телевизија Дожд.

 

DW.COM

Реклама