Путин сака да ја збрише украинската нација | Политика | DW | 04.07.2022

Посети ја новата страница на DW

Погледнете ја бета-верзијата на dw.com. Сѐ уште не сме готови! Вашето мислење може да ни помогне да ја направиме подобра!

  1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Политика

Путин сака да ја збрише украинската нација

Путин сака да ја избрише Украина како нација. Таа, пак, нема да се откаже од отпорот, смета Рајнхард Фезер од „Франкфуртер алгемајне цајтунг“.

Четири месеци по рускиот напад врз Украина, војските на двете страни се „гризат” меѓусебно на истокот на земјата. Напаѓачите, благодарение на огромната надмоќ со војска и ресурси, освојуваат територија, но поради жилавиот отпор на Украинците напредуваат бавно. Успесите на украинските контранапади на југот, пак, се малубројни и не се со долгорочни ефекти.

Ниту рускиот режим ниту украинското раководство во моментов не располагаат со потребните сили за да ја решат борбата брзо во сопствена полза. На почетокот на војната планираната окупација на Киев, за Кремљ е засега недостижна. Истовремено, нејасно е дали со досега ветената испорака на оружје од Западот украинската војска ќе успее да ги ослободи веќе окупираните територии. Сѐ наликува на „пат-ситуација“, но во реалноста Русија има предност. Таа има поголема војска. Економијата ѝ е заслабната само поради санкциите од Западот. Украинската економија, пак, е заслабната од окупацијата на големи делови на земјата, уништувањето од борбените дејствија, како и поради бегството и протерувањето на околу четвртина од населението. Без помош од Западот, Украина ќе загуби во оваа војна.

Оттука, тврдењето на противниците на испораки на оружје дека тоа само ја продоложува војната, не е сосема погрешно. Грешката лежи во претпоставката дека брз крај на војната со украински пораз или само замрзнување на линијата на фронтот среде Украина ќе донесе мир, ќе спречи страдање на луѓето и ќе го сочува остатокот од Европа од конфликт со Москва.

Veser Reinhard Kommentarbild App PROVISORISCH

Рајнхард Фезер (ФАЦ)

Изјавите на Владимир Путин, подбуцнувањето од страна на руската пропаганда и праксата на руската војска во окупираните територии не оставаат простор за сомнеж дека целта на Кремљ е бришење на украинската нација. Нејзиното постоење во Кремљ се доживува како грешка на историјата предизвикана од непријателски сили со злобна намера, грешка која треба да биде отстранета со сила. Украинците со сила треба да се направат Руси. Руска окупација на Украина или индиректното владеење на Кремљ со земјата ќе резултира со режим на терор кој потсетува на темното доба на 20 век. Многу Украинци не би го прифатиле тоа без отпор. Тешкотиите на окупаторите да ја преземат контролата во јужна Украина покажуваат  каков проблем би станала Украина под руска власт. Ефектите би се почувствувале низ цела Европа.

Дури и примирје на фронтовите не би довело до мир. Ако во осумте години од почетокот на руската агресија врз Украина се пукаше речиси секој ден долж контактната линија во Донбас долга 400 километри, тоа сега би се случувало долж 2.500 километри. И на овој начин Путин на крајот би ја постигнал својата цел - да ја уништи Украина. Нејзиниот „слободен“ дел не би имал никакви шанси за обнова и економски развој под овие услови. Кој инвестира во земја каде што станбените области, патиштата, електраните и фабриките се секогаш во опасност од гранатирање?

Во моментов и онака нема изгледи за формален прекин на огнот. Кремљ не сака да преговара, бара капитулација на Украина. Портпаролот на Путин потврди дека може да се разговара за мировен план откако Украина ќе ги исполни сите барања на Русија. Украинското раководство не прифаќа такво нешто. Населението бара продолжување на отпорот. Украинските војници и нивните семејства, луѓето кои избегаа од регионите каде што се водат борби и од окупираните територии, платија превисока цена за сега да се откажат од борбата. На окупираните територии – барем така се слуша од таму - многумина се надеваат на ослободување.

Затоа, сè додека Украинците сакаат да се борат, Западот треба да направи сѐ што може за да го промени балансот на силите на бојното поле во нивна корист. Дали таквите напори ќе доведат до успех, е целосно отворено прашање. Тие се поврзани и со тешко пресметливи ризици. Но, единственото нешто што може да се предвиди во овој конфликт е трагедијата што ќе произлезе доколку нема обид да ѝ се помогне на Украина да победи. А најголемиот ризик за Европа би бил доколку Путин ја добие војната, а потоа би имал уште сила и за понатамошни авантури. Зашто тој и тоа го стави јасно до знаење: неговите амбиции ги надминуваат границите на Украина.

Поврзана содржина