Путин и НАТО: Нов степен на ескалација | Свет | DW | 20.10.2021
  1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages
Реклама

Свет

Путин и НАТО: Нов степен на ескалација

Замрзнувањето на односите со НАТО му дава на Кремљ нова шанса за дополнително зголемување на тензиите на источното крило на Алијансата и во Украина, смета Константин Егерт.

Рускиот министер за надворешни работи Сергеј Лавров (десно на фотографијата) објави дека Москва ги прекинува дипломатските односи со НАТО (лево на фотографијата Јенс Столтенберг, генералниот секретар на Алијансата)

Рускиот министер за надворешни работи Сергеј Лавров (десно на фотографијата) објави дека Москва ги прекинува дипломатските односи со НАТО (лево на фотографијата Јенс Столтенберг, генералниот секретар на Алијансата)

Со потсмешлив тон, кој стана заштитен знак на рускиот министер за надворешни работи, Сергеј Лавров, тој предложи Алијансата „за итни работи“ да се обрати до амбасадата на Москва во Брисел, која е единствено одговорна за билатералните односи меѓу Русија и Белгија.

Доколку навистина постоеше нешто како нормални односи меѓу НАТО и Русија, некои „итни прашања“ ќе требаше да се решат: Авганистан, тензиите во индо-пацифичкиот регион, тероризмот, глобалните проблеми со миграцијата.

Иако основачкиот акт НАТО-Русија од 1997 година никогаш официјално не бил укинат, сепак односите меѓу Москва и Алијансата се повеќе од замрзнати од почетокот на руско-украинскиот конфликт во 2014 година.

За рускиот претседател Владимир Путин, овој прекин е само логичен и тоа не само затоа што, како и секогаш, се плаши да изгледа „слаб“. На референдумот во 2020 година, наголемо сметан за манипулиран, Путин се погрижи за тоа да може да остане во Кремљ до 2036 година, што го прави практично доживотен претседател.

Нова ниска точка

Оттогаш, тој започна нова фаза во неговата нова студена војна против Западот, за која НАТО е ултимативниот симбол: во поткопувањето или пак уништувањето на единството на трансатлантската заедница тој гледа гаранција не само за сигурноста на својот режим, туку и за сопственото историско наследство.

Со затворањето на постојаната мисија на Русија во НАТО, Кремљ отвора простор за постепено зголемување на тензиите со руските соседи. Во прв ред со Украина, но и со Полска и со балтичките држави. Ваквите тензии се важна алатка за Путин. На овој начин тој може да го подели Западот и да предизвика несогласувања во рамките на НАТО.

Константин Егерт, автор на коментарот

Константин Егерт, автор на коментарот

Како би можела да изгледа натамошната ескалација? Можни би биле воени акции, како блокада на Керчкиот теснец во Црното Море , па дури и на украински пристаништа. Што се однесува до источното крило на НАТО, Москва, со поддршка на белорускиот диктатор Александар Лукашенко, придонесува да се влоши мигрантската криза на литванската и на полската граница. Суштински дел од тактиката на Кремљ е да се тестира безбедноста на границите на НАТО.

Ас во ракавот на Путин

Кремљ е убеден дека таквата политика ќе помогне „добрите“ Французи, Германци, Италијанци и Белгијци да им се спротивстават на „лошите“ Полјаци, Чесите, Литванците, Летонците и Романците и да се предизвика раздор меѓу нив.

Пред неколку недели, рускиот амбасадор во Белгија, Александар Токовинин, даде и пример за оваа тактика. Во интервју за белгиски новинари, дипломатот ја пофали Белгија како земја која - за разлика од другите неименувани европски држави - „не предизвикува никакви проблеми“ во односите со Русија.

„Вие сте разумна земја“, рече тој со презирен тон на колонијален администратор. И веднаш продолжи со друга важна тема: колку е корисно и профитабилно за секоја европска земја да биде клиент на рускиот енергетски гигант Газпром.

Ова е исто така симптоматично. Актуелната енергетска криза - која Москва ја користи во своја полза - е кулминација на особено успешна година за Путин: Треба да се спомене самитот во Женева со Џо Бајден, кој стави крај на неговата меѓународна изолација; изборната победа на германските Социјалдемократи (важат за пријателски настороени кон Москва) на изборите за Бундестагот; и престојот во Москва на високата американска дипломатка од Стејт департментот, Викторија Нуланд, на разговори за разоружувањето и можната улога на Русија во решавањето на проблемот со Авганистан.

Ова е добар момент за рускиот режим да врбува за својот стратешки гасовод Северен тек 2. Неговото главно оружје е подготвено за употреба. По раскинувањето со НАТО, Кремљ  уште поактивно ќе ја користи оваа и другите можности кои му стојат на располагање.