Путин го фали Трамп | Свет | DW | 14.12.2017
  1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Свет

Путин го фали Трамп

На годишната прес-конференција Путин најави повторна кандидатура за претседател и желба за поблиски односи со САД и со Кина.

Владимир Путин ги обвини политичките противници на американскиот претседател Доналд Трамп за „измислување“ руско вмешување во американската претседателска изборна кампања. Контактите со изборниот тим на Трамп биле рутински, во рамките на „вообичаената пракса“.  „Сето тоа се измислици од луѓе кои сакаат да ја делегимитираат работата на Трамп“, изјави Путин на својата годишна прес-конференција во Москва. Според него, владата на Трамп има постигнато сигнификантни успеси, но постојат луѓе кои го спречуваат претседателот да ги подобри односите со Русија. Сепак, билатералните односи било кога и да е, повторно ќе се нормализираат, Русија и САД мора конечно да престанат да се борат меѓусебно како животни, истакна Путин. Тој во повеќе наврати демантира руско влијание во американската изборна кампања, додека во САД е во тек специјална истрага за илегални врски на тимот на Трамп со руски претставници.

Осврнувајќи се на дел од меѓународните актуелни жаришта и теми, Путин ги предупреди САД од последиците од евентуален напад врз Северна Кореја и се заложи за натамошна доградба на стратешкото партнерство со Кина.

Путин денеска најави дека на претседателските избори во Русија во 2018. година ќе настапи како независен кандидат, при што се надева на широка поддршка од политичките партии и од руското општество.  Рускиот претседател категорично порекна било какви репресалии против опозицијата во земјата.

„Во политичкиот живот, исто како и во економскиот, треба да постои конкуренција. Но, јас не сум тој кој треба да ја создаде“, изјави тој на прашањето зошто во Русија не постои силна опозиција и негов изгледен конкурент. Причината за тоа Путин главно ја гледа во успешноста на својата економска политика и непостоењето убедливи програми кај неговите противници.

Реизборот на Путин на изборите во март 2018. година  и неговиот четврти мандат се смета за сигурен, според анкетите на јавното мислење тој може да смета на поддршката од 27 проценти од гласачите. Најважниот ривал на Путин, опозиционерот Андреј Навални не смее да се кандидира на изборите поради тоа што е осудуван.

На годишната прес-конференција на рускиот претседател Владимир Путин беа акредитирани 1600 новинари од Русија и од странство. 

 

DW.COM

Реклама