Путин го напаѓа кредибилитетот на НАТО   | Свет | DW | 15.05.2021
  1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages
Реклама

Свет

Путин го напаѓа кредибилитетот на НАТО  

Со барањето за членство во НАТО од страна на Украина и Грузија, Алијансата ќе треба да избере дали да ги поддржи овие земји или да и попушти на Русија со што ќе доживее тежок политички пораз, коментира Константин Егерт. 

Владимир Путин нема да ја нападне Украина преку копно, туку преку Црното Море – преку блокада или опсада на нејзините пристаништа и креирање на коридор за поврзување на Крим со Русија. НАТО ќе ги осуди активностите на Кремљ, но нема да интервенира. На крајот, Украинане е членка на Алијансата па не е заштитена со членот 5 од Северноатлантскиот договор, со кој се гарантира колективна одбрана за членките. Ова е суштината на неодамнешната колумна за „Блумберг“ на пензионираниот американски адмирал Џејмс Ставридис кој беше и поранешен врховен командант на сојузничките сили за Европа. 

Лидерите на таканаречената Букурешка деветка составена од „источното крило“ на НАТО членките, веројатно разговарале за слично сценарио на нивниот онлајн самит неделава со Генералниот секретар на НАТО, Јенс Столтенберг и американскиот претседател Џо Бајден.По воената „вежба“ на Путин во април во близина на границата со Украинаниту едно сценарио за можен развој на настаните, колку и да изгледа безначајно на прв поглед, не треба да се потценува. Властите во Украина тврдат дека огромен број на руски трупи остануваат распоредени покрај границата, иако руската вежба „за воена готовност“ официјално е завршена. 

Букурешката деветка е креирана во 2014 година на иницијатива на Романија и Полска, во светло на анексијата на Крим од страна на Путин, и во него членуваат Латвија, Литванија, Естонија, Чешка, Словачка, Унгарија и Бугарија. Иако Бугарија и Унгарија се познати по помеки позиции кон Путин и Русија за разлика од останатите, оваа група како целина секогаш се залагала за максимален притисок врз Кремљ. 

von Eggert Konstantin Kommentarbild App

Константин Егерт, автор на коментарот

Дел од сојузниците како Германија и Франција сметаат дека блокот е премногу милитантно настроен и имаат тенденција да бидат повоздржани во нивниот пристап кон Русија. Воените игри на Кремљ во април, комбинирани со извештаите дека Русија учествувала во саботажа во Чешката Република им дадоа за право на Централно-европските и Балтичките земји да поентираат со констатацијата - „нели ви рековме“.

Судејќи според учеството на Бајден, Букурешката деветка го има вниманието на клучната членка на НАТО – САД. При неодамнешната посета на Киев, државниот секретар Ентони Блинкен вети повеќе американско оружје за Украина и посочи на можноста на земјата да и се даде статус на глобален партнер, кој го имаат само доверливите сојузници како Јужна Кореја, Австралија и Јордан. Ако Украина добие вакво „унапредување“, веројатно наскоро ќе следи и Грузија. 

Црвените линии на Путин

Путин треба да обрне внимание. Тој е цврсто уверен дека ниту една друга поранешна членка на Советскиот Сојуз не треба ни да сонува да стане членка на НАТО. Тоа е неговата „црвена линија" која што е уште повеќе „зацрвенета” заради личниот престиж кој го асоцира со повторната обнова на статусот како суперсила која ја уживаа во време на Советскиот Сојуз и позитивниот ПР ефект кој го покажува неговото „тренирање мускули” пред мнозинството гласачи на домашен терен. Откако Путин минатата година спроведе референдум кој потоа му овозможи да владее до 2036 година, НАТОмора да ја има предвид перспективата од 15 години за да се справува со геостратешките амбиции на Москва. Иако Црно Море редовно се споменува како приоритетен регион, Алијансата нема евидентна стратегија за него.

Очигледен факт е дека Украина и Грузија нема да престанат да тропаат на вратата на НАТО. Војската на Украина има искуство од седум години конфронтација со руските сили. Со достапноста на американско оружје таа е многу подобро вооружана и обучена. Офицерите редовно се на студии во земји членки на НАТО. Политичката цивилна контрола врз војската е во согласност со НАТО стандардите. Често споменуваниот критериум за земја кандидат да нема нерешени територијални прашања со соседите е широко прифатен како значаен, но не е формализиран во официјалниот документ за основањето на Алијансата: Договорот од 1949 од Вашингтон. 

Како што Советскиот Сојуз брзо тоне во сеќавањата така и украинските политички и воени елити повеќе инсистираат на тоа дека приклучувањето кон НАТО е единствената вистинска гаранција за безбедноста на земјата. Со оглед на фактот дека на самитот во Букурешт во 2008 година НАТО вети идно членство на Украина и Грузија, ќе станува се потешко за сојузниците да продолжат да ја „етикетираат” Русија, а истовремено да ги држат евентуалните сојузници во „чекалната”. Фалејќи се со својата непредвидливост Путин е кадарен да одлучи да изврши „ненадеен напад" против Украина. Со оглед на моќниот раст на воената ефективност на украинсите вооружени сили, тоа веројатно ќе значи голема војна во црноморскиот регион неспоредлив со конфликтот од 2014/15. 

Таква војна би ги погодила глобалните пазари и би ставила крај на фрагилната стабилност на јужната граница на НАТО. Ако Украина биде поразена, Кремљ би станал доминантна сила на Црно Море. По толку години соработка со Киев, тоа би значело и пораз за НАТО. Уште поважно е дека тоа би ја поделило и фатално би ја заслабнало Алијансата каде деветката од Букурешт веќе неколку години алармира додека другите сојузници се преправаат дека прашањето само делумно ги засега. Таков исход би бил најголема победа за Путин.