Путин го користи Холивуд за своите планови | Свет | DW | 24.11.2016
  1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Свет

Путин го користи Холивуд за своите планови

Не е тајна дека Владимир Путин се опкружува со јавни личности од Холивуд. Нивните афинитети кон рускиот претседател му помогнаа на Путин да ги афирмира своите политики во земјата и надвор.

Russland Wladimir Putin and Steven Seagal (picture alliance/dpa/A. Nikolsky)

Стивен Сегал и Владимир Путин во посета на центар за боречки вештини во Москва

Во понеделникот, на годишнината од протестите на Мајдан во Украина, руската телевизија РЕН го емитуваше документарецот на американскиот режисер Оливер Стоун именуван „Украина во оган“.

Зачинет со коментари на рускиот претседател Владимир Путин и поранешниот украински претседател Виктор Јанукович - филмот го прикажува поранешниот украински претседател како жртва на оркестриран пуч, помогнат од апаратот на американските разузнавачки служби.

„Тој беше легитимниот претседател на Украина, сѐ до 22 февруари оваа година, кога одеднаш престана да биде“, вели режисерот Стоун. „Многу сведоци, вклучувајќи го Јанукович и лица од полицијата, сметаат дека странски елементи биле причината за формирањето на прозападните фракции и дека во сето тоа е вмешана и ЦИА“.

USA Snowden Premiere in New York Oliver Stone Regisseur (Picture-Alliance/Photoshot)

Филмовите на режисерот Оливер Стоун имаат освоено неколку Оскари

Наместо да го нотира фактот дека во владеењето на Јанукович се случи целосен крах на слободата на медиумите и политичката опозиција, режисерот Стоун одлучил да ги објасни настаните во Украина преку приказна за „добро наоружани, неонацистички радикали“ кои го натерале Јанукович да избега поради неколку обиди за атентат.

Независно од тоа дали документарниот филм на Стоун има за цел да го потврди митот дека пучот во Киев бил оркестриран од Вашингтон, тој секако го афирмира наративот на Путин и неговиот поглед за тоа како се одвиваа настаните. Поточно, дека странски елементи имале намера да ги ограничат руските интереси во Украина и затоа ги организирале проевропските протести.

Пропаганден пуч

Нина Хрушчова, професор по меѓународни односи во њујоршката Нова школа и критичарка на Путин, за ДВ изјави дека Стоун, кој е познат критичар на Вашингтон „морал да му служи на Путин“ со цел „да го урне Западот и верзијата на САД и ЕУ за демократската револуција“.

„Промовирањето на гледиштето на Стоун е неверојатен пропаганден пуч: ако Стоун мисли дека Мајдан-движењето во Украина е параван, тогаш тоа мора да е параван. Сепак, тој е светски познат режисер, ‘сопственик на мислите’, како што Русите ги нарекуваат интелектуалците“, изјави правнуката на поранешниот советски лидер Никита Хрушчов.

USA Mickey Rourke mit Putin-Shirt (picture alliance/dpa/Str)

Актерот и поранешен боксер Мики Рурк носи маица со ликот на Владимир Путин. Тој го опиша рускиот претседател како „сосема обичен и кул“.

„Во целата ситуација со Стоун сме сведоци на изреката ‘непријателот на мојот непријател е мој пријател’. За Путин, документарецот на оскаровецот е уште една потврда или аргумент дека тој беше во право во Украина“, додава таа.

Путин најде блиски сојузници и меѓу други холивудски ѕвезди, како што е актерот Стивен Сегал, кој на почетокот на овој месец доби руско државјанство со наредба на претседателот.

Во 2013 година, францускиот актер Жерар Депардје во Русија беше пречекан со прегратка откако ја напушти Франција поради предложеното зголемување на даноците. Од Путин, тој доби руско државјанство и апартман.

Двајцата актери не штедеа пофални зборови за рускиот претседател, додека истовремено беа остри кон неговите критичари. Сегал го нарече „еден од најголемите светски лидери, ако не и најголем меѓу живите“ во интервју на руската државна телевизија РТ во 2014 година.

„Доколку Жерар Депардје, Французин, сака руско државјанство, очигледно има нешто вчудовидувачко околу Путин или преовладува такво мислење“ вели Хрушчова. „Стивен Сегал е моќен и силен лик на екраните, а Путин е моќен и силен во вистинскиот живот. Така, поддршката на Сегал и логиката на овие односи значи дека Путин е двојно силен“.

Gerard Depardieu in Mordwinien (Getty Images/AFP/A. Smirnov)

Францускиот актер Депардје носи руска воена капа при посета на фарма во Русија

Креатори на општествената свест

Иако придржужбата на Путин, составена од холивудски ѕвезди, може да служи само за подигнување на неговото его, Хрушчова ја потенцира улогата на културните фигури во рускиот политички живот, кои ја претставуваат „свеста на нацијата“, а во отсуство на слобода на говор тие се „креатори на социјалната свест“.

„За младите луѓе во Советскиот Сојуз, одењето во театар, на концерти или кино беше знак за припадност на една посебна класа. На запад, културните фигури се познати како ‘селебрити’, но во Русија, тие се интелектуалци“, објаснува Хрушчова.

„Во 2000 и 2004 година, за време на изборите, руските интелектуалци беа регрутирани да говорат во прилог на претседателот. Идејата беше дека доколку некој поп пејач, како на пример Ала Пугачева, го поддржува Путин, истото мора да го направат и останатите во земјата. Во Русија се смета дека интелектуалците или културните ‘селебрити’ личности секогаш знаат што е најдобро“ вели таа.

Но, помеѓу афирмирањето во странство и дома, ‘селебрити’ придружбата на Путин му овозможи да ги спроведе своите политички амбиции и планови на сметка на меѓународните и човековите права.

Реклама