Зошто дури ни Путин не може да ги убеди Русите да се вакцинираат? | Свет | DW | 24.03.2021
  1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages
Реклама

Свет

Зошто дури ни Путин не може да ги убеди Русите да се вакцинираат?

Додека Европа се бори со недостиг на вакцини, руската вакцина Спутник V е широко достапна. Но, кампањата за вакцинација на земјата има проблем со довербата, кој можеби дури ни рускиот претседател не може да го реши.

Владимир Путин стана прочуен поради тоа што го покажуваше своето голо торзо на фотографии. Но, кога станува збор за вакцинацијата против коронавирус, се чини дека Русите нема да го видат ни како ги засукал ракавите.

Рускиот претседател се вакцинираше вчера против Ковид-19, без присуство на камери, и се чувствува добро, изјави неговиот портпарол Димитриј Песков. Тој рече дека Путин денеска ќе продолжи со планираните обврски.

Песков претходно соопшти дека рускиот претседател ќе ја прими првата доза од вакцината, но не пред камери, бидејќи „никогаш не сакал такво нешто и не му се допаѓа тоа“.  Песков не сакаше да открие која од трите вакцини одобрени за употреба во Русија ја примил Путин, велејќи само оти сите три се „апсолутно добри, безбедни и ефикасни“.

Во Русија се раширија шпекулации за тоа зошто претседателот не беше меѓу првите кои ја примија вакцината против коронавирусот Спутник V, откако Русија ја започна својата кампања за вакцинација на почетокот на декември. Првично, Путин рече дека нема да се вакцинира поради неговата возраст, а потоа затоа што е спротивно со неговиот распоред за вакцинирање.

Вакцина-туризам во Русија

Спутник V беше именувана според првиот сателит во светот со алузија на вселенската трка за време на Студената војна. Вакцината беше избрзано одобрена минатата година и покрај извештаите дека третата фаза на испитувања не е завршена. Путин ја нарече руската вакцина „најдобра во светот“ и оваа недела се пофали дека веќе 55 земји ја одобриле вакцината. ЕУ во моментов ја разгледува апликацијата на Спутник V, пред можното одобрување. Во февруари, истражувањето објавено во реномираното научно списание „Лансет“ покажа дека вакцината е ефикасна 91,6%. Освен Спутник, веќе е достапна уште една руска вакцина, а друга е пред воведување.

Повеќе:

-Русија во офанзива со вакцината Спутник V

-Русија има уште две вакцини– што се знае досега за нив?

-Лажливата надеж во вакцината на Путин

ДВ разговараше со претставници на две европски туристички агенции, една со седиште во Норвешка и друга во Италија, кои ги потврдија плановите за организирање тури за вакцинација во Русија, што ќе им овозможи на патниците да добијат две дози Спутник V.

Пјетро ди Фебо, директорот на италијанската туристичка агенција Јурејжан Травел за ДВ изјави дека веќе постои огромна побарувачка за тури за вакцинација во Русија, иако неговата компанија сè уште не започнала да ги рекламира. Фебо вели дека во моментов има 250 лица на листа на чекање за патување за имунизација, и покрај тоа што рускиот министер за здравство оваа недела инсистираше на тоа дека вакцината во моментов е наменета само за руски граѓани, а не за странски туристи.

Тешка битка

Но, досега руската корона-вакцина е поуспешна во странство отколку дома. Путин, неделава изјави рече дека нешто повеќе од 6 милиони Руси примиле барем една доза од вакцината. Стапката на вакцинација во Русија (во моментов околу 6 дози на сто лица) е бавна дури и во споредба со земји како Германија, каде темпото на вакцинација се соочува со огромна критика во јавноста. Претставници на руските власти изјавија дека се надеваат оти до лето ќе вакцинираат 68 милиони Руси - или 60% од населението, со цел да се постигне колективен имунитет.

Но, властите може да се соочат со тешка битка. Анкета спроведена во февруари од страна на независната агенција за истражување на јавното мислење Левада Центар покажа дека 62% од Русите не сакаат да се вакцинираат со Спутник V. И бројот на луѓе кои одбиваат да примат вакцина постојано се зголемува во последните неколку месеци.

Социологот Денис Волков смета дека бавното темпо на кампањата за вакцинација во Русија се должи главно на скептицизмот. „Постои многу неверување дека [коронавирусот] е сериозна болест. И тоа влијае на бројот на луѓе кои се подготвени да се вакцинираат", изјави за ДВ заменик директорот на Левада Центарот. Неговата анкета исто така покажува дека 56 проценти од Русите велат дека не се плашат од Ковид-19, додека речиси две третини од Русите веруваат дека „вирусот е создаден вештачки и е нов вид на биолошко оружје“.

Опасно бестрашни

На мал пазар во центарот на Москва, како продавачите, така и купувачите ја потврдуваат статистиката. Луѓето за ДВ велат дека не планираат да вакцинираат. „Не би го направил тоа, за ништо на светот. Ова не е вакцинација, тоа е експеримент со генетски инженеринг", инсистира еден човек, кој купува калинки на тезга со овошје на пазарот.

Продавачка на алкохол на соседната тезга објаснува дека мисли оти нејзината вакцина против грип ќе биде доволна за да ја заштити од Ковид-19. „Родена сум во Советскиот Сојуз. Не се плашам од ништо во овој живот“, вели таа, додавајќи: „Путин нека прими вакцина - јас не примам. Само затоа што тој го направи тоа, за мене не менува ништо“.

Гледај видео 03:10

Коронавирус во Русија: на кои бројки да се верува?

Но, другите навистина го следат неговиот пример. Експертите велат дека одбивањето на Путин да се вакцинира досега, влијаело на темпото на вакцинација во Русија. „Две третини од луѓето ги одобруваат неговите постапки. За тие две третини од Русите, значајно е дали претседателот е вакциниран или не", вели Волков од Центарот Левада. Тој смета дека властите треба да ги охрабруваат политичарите и поп-ѕвездите да примат вакцина „Секој кому луѓето му веруваат, треба да се вакцинира - пред камера“, додава тој.

„Еден од нас"

Константин Калачев, независен политички аналитичар, вели дека одбивањето на Владимир Путин да се вакцинира пред камерите „ќе предизвика сомнежи - особено затоа што е познато дека е горд на своето тело, на сопствениот мачо имиџ и на мажественоста“.

Тој има своја теорија за тоа зошто Путин чекаше толку долго за да прими вакцина. „Мислам дека Путин и самиот е скептик кога станува збор за вакцинациите. Тој е еден од нас, тој е како одраз во огледало. Ако повеќето Руси не сакаат да се вакцинираат и се плашат од несакани ефекти - добро, Путин не можеше да стане Путин ако не беше токму како и мнозинството Руси “.