Пукнавме од мака | Северна Македонија | DW | 10.12.2020

Посети ја новата страница на DW

Погледнете ја бета-верзијата на dw.com. Сѐ уште не сме готови! Вашето мислење може да ни помогне да ја направиме подобра!

  1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages
Реклама

Северна Македонија

Пукнавме од мака

Наративот на Мицкоски базиран врз „не, не и не”, без јасна идеја и понуда не го прави принципиелно решителен, туку безидеен изолационист кој самиот си ги руши домашните мостови и надворешните лостови. Пишува Арсим Зеколи

"What's done is done.
 We cannot just write off the final scene.
 Take heed of the dream” – Pink Floyd 

Гледано во ретроспектива, моите први лекции по политика - несвесно и болно – ги имам добиено од мајка ми. Која по моите излети на непослушност и палавост редовно ќе ме предупредеше дека „си збеснал дотолку што човек не може да ти каже дека имаш црни очи”. Требаше време да научам дека таа забелешка не е воопшто бенигна пацка, туку вовед од вербално предупредување кон конкретни санкции. Бидејќи по преминувањето од непослушност во бес, следеше дефиницијата „ушите ќе ти ги искорнам, а нема да ти дозволам да плачеш”. Болката во моето, а нејзино омилено лево уво сосема бргу ќе поминеше во заборав. Но, не и заборавот за редоследот на предупредувањата и драматичното финале. Затоа, до долго во младоста ја практицирав превентивната дипломатија во моменти на залет, да се фатам за левото уво и прошепотам – „чукш”.

Аналогиите со домашните искуства на еуфорични занесувања со „успеси” и депресивно манијакални „порази” е, верувам, доволно јасна. Како што беше неразумна, нецелисходна и дрска триумфалистичката егзалтација на власта по потпишувањето на договорите (сумирана во изјавата на Заев дека опозицијата „ќе пукне од мака”), така и сегашната масовно индуцирана психоза на дебакл, депресивност и бесперспективност е само обид на истата власт сопствениот пораз да го проектира врз целото општество. Во времето на шампањот, пропагандиститие на Зоран Заев не сакаа да ги слушнат предупредувањата – дури и повеќе од него самиот – дека ѓаволот секогаш се крие во ситните букви на секој договор. Сега, откога сите ѓаволи излегоа на површина, истите пропагандисти се во уџум-налет за префрлање, ишкање на вината од сопствените глави и во креативен занес на смислување спасителски формули. Кои сигурно ќе не' вовеат во нови порази. Заслепени од клиентелизмот и навиваштвото, од нив не може да се очекува самокритика. Но затоа, превентивно во овој меѓупериод можеме да им порачаме – чукш, малку.

Прочитан дует

За разлика од нас и нашите сезонски неурози, нашите соседи и сопатници во евроинтеграциите веќе одамна практикуваат поумерен, позрел, избалансиран пристап кон пораките од Брисел. Неотворањето нови поглавја во евро-преговорите едвај да беше тема на денот во Белград, подеднакво како што и отворањето на последното поглавје во преговорите на Црна Гора со ЕУ не предизвика еуфоричност во Подгорица и фалење со „лидери во регионот”. Албанија ја нотираше со жалење негативната вест од Брисел, но без солзи и гнев, туку со разбирање и солидарност со сопатниците од Македонија. Косово е одамна адаптирано кон реалноста на непринципиелното, отворено провокативно лицемерие демонстрирано низ одбивање на визната либерализација. И на крај, Босна и Херцеговина. Сетете се на Босна секој пат кога ќе посакате да ја потегнете Калимеро-картата на Македонија-жртва, на неправдата кон нас, на самосожалување. Во крајна основа, секоја од наведените земји, вклучувајќи не' и нас, имаше шанса да го забрза сопствениот пат кон ЕУ членството. Единствено Босна никогаш немаше шанса. Бидејќи никогаш не и' беше ниту дадена. 

- претходни колумни: 

Три масакри и злосторството кое трае

Бидна што бидна, мораме да погледнеме кон иднината. Која е далеку посива од времето на шампањите и палците во авиони. Владината пропаганда ги вперува сите надежи на општеството кон исходот на изборите во Бугарија, во желба да победат тамошните „добри момци”. А дотогаш, Заев и Бучковски ќе ја контролираат играта преку глумење лош полицаец за по дома и добар дипломат за по соседи. Проблематичноста на тие два пристапа е што се суштински наивни, стратегиски погубни и политички провидни до баналност и потсмешливост. Посакуваниот пораз на ВМРО-БНД може само да го отстрани Красимир Каракачанов од власта, но не и да ја цементира политичката опција на радикална контрола на наративот кон Македонија. Која сигурно ќе биде искористена од некој друг играч кој ќе сака да ја експлоатира тамошната национална карта на патриотизмот. Проблемот со емисарската позадина на дуетот Заев-Бучковски е што таа е веќе прочитана во домашната јавност. А судејќи според изјавите на МНР Захариева од средбата со Бучковски, таа стратегија е издишана уште пред да стигне на Деве Баир. 

Меркел заминува, Бајден доаѓа

Втората надеж врз која власта ќе сака да ја одржува во живот сопствената евро-агенда е полагањето надеж во словенечкото претседателство. Што е некоректно потценување на капацитетите на Португалија и дефетистички однос базиран врз нашето симплифицирано разбирање на Унијата и земјите членки. Словенија несомнено ќе ги впрегне сите сили да обезбеди датум за преговори. Но желбите наши и заложбите нивни се однапред детерминирани од изборите во Франција во март 2022 и соочувањето Макрон – Ле Пен. Да се очекува дека Макрон ќе попушти пред Балканот на четири-пет месеци пред изборите е оптимизам за пофалба, тројно поголем од оној кој се форсираше кога Макрон не' блокираше три години пред изборите. 

- претходни колумни: Крвавите раце на добриот војник Тито

Кога сме веќе кај изборите, упатно е да потсетиме дека во септември 2021 се очекува повлекувањето на Ангела Меркел од водството на Германија и приматот на заштитничка на Балканот и пропагатор на проширувањето.  Нејзиното заминување не подразбира и крај на константата на подршката на Германија кон нас и регионот, но може да  влијае на разместување на приоритетите и временски застој поради составувањето на владата. Во контекст на проширувањето, допрва ќе треба да се види каква ќе биде хемијата помеѓу новиот канцелар и потстанарот во Елисејската палата. Посебно во однос на различните приоритети околу регионот. При што Берлин го смета сиот Балкан како стратешка единка, додека пак Париз веќе отворено ја форсира Србија како негов „стратешки партнер”. 

Престедателството на Џозеф Бајден е несомнено ретката добра вест врз која може да се гради пристојна доза на оптимизам кај нас, во регионот и самата Европа. Самиот претседател Бајден, подеднакво како и добар дел од неговата надворешнополитичка администрација, се одлични познавачи на регионот и широкоградо очекувани во Европа. За нас е охрабрувачка препораката на Даниел Сервер дека САД ќе треба да вложат напори во обнова и зајакнување на оската САД – Германија – Обединето Кралство како основа за урамнотежена политика кон Баканот. Ваквиот пристап би бил добредојден за нас и во сферата на одбраната и надминување на затегнатостите предизвикани од прашањето на заштитата на нашето небо. Македонија треба да вложи напори за стекнување подобар бенефит од членството во НАТО и да преземе поактивно соучестништво во тридента-компонентата на одбраната. Секоја еднонасочна избрзаност и непринципиелно коалицирање само ќе го засили впечатокот дека нашето членство во НАТО е повеќе диктирано од желбата за исклучување на Турција и Италија од Македонија отколку за јакнење на сопствените безбедносни капацитети. 

Најслабата алка

Континенталните состојби и односи секако не одат во прилог на нашите очекувања за продолжување на интеграциите и нивно заокружување во догледно време. Но тие се сепак полесно совладливи од домашните реалности. Индикативно е што и онака малиот број на меѓународни искази на жалење за блокадата на Македонија, е уште помал во однос на изрази на жалење кон самиот премиер Заев. И покрај објективните околности, како што е пандемијата, веќе не може да се одмолчува реалноста дека нашиот премиер не е премногу популарен во регионот, уште помалку во Европа. Нешто со што ниту претседателот Пендаровски не може да се пофали. Доколку изливите на љубов кон ЕУ не беа дочекани со реципрочен квалитет на емоции, изразите на гнев и пизма од страна на Заев нема да наидат на разбирање и промена во односот кон нас.

- претходни колумни: Заев отаде зенитот

Народски кажано, нешто не штима во наворешниот однос кон Зоран Заев и не се совпаѓа со наметниот наратив за него како симбол на реформите и добро владеење. Тој секако веќе одамна не е третиран како „нов дечко во маало” ниту како надеж за демократско владеење. Но она што е посебно загрижувачки е што дури ни неговите колеги во соседството не се премногу заинтересирани за дружба и соработка. Што несомнено ја подвлекува дилемата дали станува збор за вообичаени комшиски љубомори, или пак за споделената оценка за неговата глаголивост во општење, колегијална недискретност или пак ординарна превртливост која ја побива секоја соработка заснована на доверба, одговорност и постојаност. Се плашам дека токму Заев е најслабата алка на нашиот кредибилитет.

Неговата позиција е се' уште непредизвикана од можен пад, како лик во бестежинска состојба, благодарение на опозицијата лишена од гравитациона тежина. Инсистирањата на ВМРО-ДПМНЕ за оставка на владата, подеднакво како и барањата на Алијансата и Алтернативата за широка коалиција, се логични и очекувани поведенија на опозицијата во состојба на масовна непопуларност на владините политики. Но експлоатацијата на масовната недоверба во владата не подразбира само по себе доверба во опозицијата како алтернатива, се' додека опозиционерите се обидуваат да кешираат врз незадоволството без да понудат какво-такво одржливо решение и програма. Наративот на Мицкоски базиран врз „не, не и не” и без јасна идеја и понуда не го прави принципиелно решителен како Тачер, туку безидеен изолационист кој самиот си ги има урнато домашните мостови и надворешните лостови за елегантно и ефективно уривање на владата на Заев. Со таков пристап, веќе не се поставува прашање колку фаули може да направи Заев, туку дали Мицкоски воопшто умее да поентира од пенал. 

DW.COM