Психодрамата на Заев! | Северна Македонија | DW | 14.06.2019
  1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages
Реклама

Северна Македонија

Психодрамата на Заев!

Стара болест на македонската политика повторно е распламната над судбината на земјата, спремна да изгори и пеплоса сè што ќе ѝ се најде на пат. Се вика „политичка психодрама“, и актуелниот чин е: датум за преговори со ЕУ

Овој пат автор на психодрамата е премиерот Заев, а причината произлегува од речиси целогодишната бесмислена и лесноумна кампања на премиерот, особено нагласена меѓу двата круга на претседателските избори, дека Македонија добива сигурен датум за преговори во јуни. Оваа опседност на премиерот со одлуки кои не се во целост под наша моќ и контрола, се претвори, од состојба на силно догматско убедување, во евидентна политичка несигурност, за конечно да добие димензии на една патетична и недолична нарација за превртливоста на Европа. Во моментов сме во очигледниот стадиум на политичка паника, во кој авторот не знаејќи повеќе каде да оди, ја претвора во домашна политичка криза.

Бидејќи премиерот нè принудува на една веќе досадна повторливост, за оние кои сакаат подетално да се информираат што ѝ претходеше на актуелната политичка ситуација и наратив, како и одредени аспекти од регионалниот контекст, пред да продолжат ќе им ја препорачам колумната од пред еден месец – Што навистина донесе Заев од Берлин!

Заев тогаш донесе општи ветувања, а овој пат од Берлин донесе ново ветување дека Македонија би добила датум за преговори наесен. Недостатокот од заедничка изјава со германската канцеларка остава сенка на сомнеж. Со други зборови, останува да му веруваме на Заев кој во премногу наврати, или погрешно го проценил расположението кај европските партнери, или пак за предизборни цели, свесно лицитирал или уште полошо лажел за добивањето датум. Јас лично во повеќе наврати потенцирав дека не се сомневам дека ќе добиеме датум наесен, нешто што за мене лично дополнително ја направи непотребна целата драмолетка на Заев.

Затоа, останува во воздух прашањето: Која беше потребата да се создава еден крајно фаталистички наратив од успех каков што е решавањето на спорот за името и нашето враќање на евроатлантскиот пат и тој да се претвори во прашање на живот или смрт?! Која беше потребата прашањето за датум до овој степен да се проблематизира дали ќе биде во јуни или во октомври месец, и да се сведе на закани за внатрешно политичка криза?!

Очигледно маката на Заев била поголема од самиот датум, а од тоа произлегува и самата манипулација, односно психодрама. Прво, приказната за некредибилната Европа е веќе излитена приказна, нешто на што сме навикнати низ годините. Тој наратив држи како факт, но политичката реалност е сурова, и малку вреди ако плачеме. Заев тоа го знае, но упорно ја актуелизира и ја апострофира европската недоследност со цел да ги минимизира сопствените неспособности и неуспеси, и единствениот успех - решението на спорот со Грција, тоа горко апче за домашната јавност, да го заблажи со флоскулата за тешките внатрешни реформи, кои искрено, никој сѐуште не ги видел.

Европа и македонските реформи

Така што, кога погледнуваме малку подалеку од решавање на билатералните спорови, станува јасно – Европа не е таа која нема политички кредибилитет доколку не додели преговори, туку кога станува збор за реформите, демонтажата на режимот и градењето на правната држава, кредибилитет нема токму владата на Заев.

Конечно, тоа е став на неколку европски земји, меѓу кои Франција, Холандија и Данска, а сè почесто и Германија. Германската владејачка партија е поделена, додека Меркел, дополнително ослабната по последните европски избори, исто како и поразениот Макрон, нема намера да го притиска францускиот претседател на тема и прашање за кое и самата не е до крај убедена. Не дека Меркел гледа проблем во нас, туку политичкиот кредит кај Макрон ѝ е потребен за далеку поголеми и потешки проблеми во регионот, и нема намера сега да го потроши на нас.

Deutschland Angela Merkel und Zoran Zaev in Berlin (picture-alliance/dpa/G. Fischer)

Заев доби ново ветување од Меркел

Потоа, прашањето на датумот доби и една друга, домашна димензија; недобивањето на датум би довело до внатрешна криза, нова влада со нов мандатар или предвремени парламентарни избори. Ќе ги избегнам шпекулациите кои се вртат за можните варијанти, особено по ретерирањето кое следуваше по посетата во Берлин, затоа што верувам во само една од нив, и потоа ќе ја образложам. Овој наратив ни е добро познат од минатото.

Награда или поплава

Заев го употребува за да го оттргне вниманието од слабите домашни реформски процеси, и да ги оддалечи критиките за ендемскиот криминал и корупција, нереформираното судство, нејасната судбина на СЈО, и низа други прашања. „Метлата“ пак е одложена во партиската остава и заборавена до неодреден датум. Во наредните месеци ние ќе бидеме приморани да се бавиме со клановските борби во владејачката партија, и со наредниот чин од психодрамата, односно можна нова влада Заев 2, нов мандатор, или неразумни и мошне неверојатни брзи предвремени избори. Со други зборови Заев ја искористи целата препирка околу датумот и Западот да се прикаже како deus ex machina на регионалната стабилност, сведувајќи ја на: или ќе биде награден или после него следува поплава. Цела оваа еквилибристика очекувам да заврши само со партиска чистка во корист на Заев и нова Заев 2 влада во која сѐ уште е нејасна улогата на ДУИ. Наивно е да се мисли дека итриот Заев би си дозволил некој друг да ја заземе неговата позиција, а камоли да оди на предвремени избори и да го изгуби 2/3 мнозинство, ако не и самата влада.

Поинаку кажано, Заев беше во мисија, домашниот неуспех и антиреформски процес, да го претстави како суштински европски неуспех, каде ете, Европа не нè награди и не нè мотивираше за подобро и повеќе.

ВМРО-ДПМНЕ паметно си ја доведе водата до својата воденица

Притоа се чудам како со форсирањето на единствениот успех што го имаме, Заев не разбира до каде го извештачи, го девалвираше и го сврте против себе успехот со името. Фактички му даде аргументи на груевистичкото ВМРО-ДПМНЕ, и нивната теза, дека решавањето на името, особено вакво наметнато и недостоинствено – ВМРО dixit, не е доволно и дека Европа нема намера да нѐ прими, па што и ние да направиме. Потоа успеа да им ја засили приказната за слабиот домашен перформанс, и конечно остави простор и еден Мицкоски да излезе попаметен кога сега му изразува поддршка на премиерот за датум во октомври. Мицкоски пред странскиот фактор и домашната јавност е во позиција да глуми конструктивност, додека Заев пред публиката во Берлин лиеше крокодилски солзи како ќе му се дадело погонско гориво на ултранационализмот на неговите претходници, замислете, истите ултранационалисти кои му се добри кога е во прашање мнозинството, договорите за закони или партиските бенефиции.

Со други зборови, ВМРО-ДПМНЕ паметно си ја доведе водата до својата воденица или уште повеќе, не го прекина и не го прекинува противникот додека греши во својата стратегија. Да не зборувам за ликувањата на Груевски околу прашањето за името од Будимпешта, што пак во Македонија се преточува во идиотизмот на Мицкоски околу седнување на преговарачка маса со Мицотакис и ревидирање на Преспанскиот договор.

Други колумни од авторот: 

Киднапираните победи и банал-национализмот на ВМРО

Не прашувај што може ЕУ за Тебе – Што можеш Ти за ЕУ во Себе

Емотивна Македонија

Што навистина донесе Заев од Берлин?!

Заев на еден бизарен начин тргна по патот на поискусниот пријател Рама, но за разлика од албанскиот апсолут нема адекватна стратегија и нема со што да се заканува на Западот.

Рама својата домашна криминалност и неефикасност ја надоместува со закани за регионална дестабилизација, додека Заев мисли дека може да ги затскрие домашните промашувања со регионалниот пример и соработка. Но, така излегува дека нашите регионални и надворешно политички успеси ги жртвува за брзи поени, знаејќи дека нашата трка кон Европа е маратон со препреки. На овој начин всушност сите успеси и сите прашања кои сме ги решиле, наместо да се претворат во трајна вредност и гордост на оваа владина постава, повторно се доведуваат во прашање и се проблематизираат, и тоа најмногу од самите нас.

Притоа, гледаме дека Бугарија станува сè поагресивна во толкувањето на „заедничката“ историја, дека Атина од сигурен пријател може да се претвори во сериозен кочничар, додека во меѓувреме на домашен план, ниту се расчисти со криминалот кој доби старо-нови актери, ниту ќе се расчисти со лажниот патриотизам, кој со вака невешти политики, ќе излезе дека само бил во право.

Заев притоа прави уште една намерна или ненамерна замена на тези, кога вели дека недобивањето на датум ќе ја разбуди разочараноста кај граѓаните, ќе го запре имплементирањето на Преспанскиот договор и ќе нанесе штета на динамиката на реформите.

Излегува дека разочараноста кај граѓаните произлегува единствено од исходот со датумот, и од мувата која премиерот си ја има на капата, односно, од Преспанскиот договор. На крај се заканува со штета по реформската динамика, која воопшто и не ја видовме во прво време. Односно, се заканува со работи кои биле и сѐуште се под негова одговорност, и кои токму тој и неговата влада, што преку неработење и неспособност, што преку вакви евтини манипулации, ги довеле во опасност. Не може баукот за враќањето на ВМРО или непостоењето на реформи да е одговорност на Европа.

Барање морков без стап

Што се однесува до граѓаните, особено најмладите, ако премиерот ги прочитал последните анкети за причините поради кои луѓето се иселуваат, би знаел дека тие не произлегуваат од разочараноста поради датумите и самите интегративни процеси, туку поради корупцијата, криминалот, непотизмот, и генерално сите битни реформски прашања и политики кои една сериозна влада би требало да ги таргетира и адресира, било со ЕУ или без ЕУ перспектива во догледна иднина.

Заев упорно инсистира дека недобивањето датум за Македонија ќе го сруши кредибилитетот на ЕУ и ќе го разочара Балканот. Но, Заев упорно го игнорира регионалниот контекст и од пренагласување на нашиот регионален успех и барањето на морковот сега и веднаш, заборава дека ние немаме никаков стап во раката. Заев не сака да си признае дека Албанија, а ништо помалку Косово и Србија, се поголемиот дел од равенката со која сега се бави Западот, а особено Германија. Тирана се соочува со опасна внатрешна криза која дополнително и забрзано се радикализира. Притоа, никој северно од Виена не гледа можна реперкусија од нашето недобивање датум. Тоа би било само разочарување на една мала земја, разочарување кое нема каде да претече, па оттука повеќе не е приоритетниот проблем во овој момент. Тезата дека Албанците во Македонија би се свртеле кон Тирана беше валидна пред НАТО членството и сега кога тоа е извесно, таа повеќе не е валиден аргумент. Но, и тоа како е валидна тезата дека евентуалното недобивање датум за Тирана, може уште повеќе да ја радикализира оската Рама - Тачи и плановите за присоединување со Косово, нерационален Белград да го натера на нови емотивни изблици и конечно, само така да ја загрози и нашата унитарност. Се разбира, трајно оддалечувајќи ги Белград и Приштина од какво било решение. Тоа е големото прашање на Балканот на кое Меркел бара одговор, и сака прво во јули да види дали ќе има поместување, што најверојатно ќе го нема. Во сè тоа, нашиот премиер, за кој веќе објаснивме колку му е неразумна и нестратешка идејата да ја форсира раката на Западот продолжува со патетични барања да изнудува датум, онаму каде плачки не помагаат и каде никој не им верува на солзите.

Тоа што е крајно иритантно во психодрамата со датумот, е токму во нејзиното каскадно пренесување во серија други домашни психодрами, кои додека во исто време служат да сокријат под килим еден куп комплицирани прашања, во исто време отвараат или проблематизираат друга серија на прашања кои ги сметавме за затворени.

Цената на неспроведените реформи

Или поинаку кажано, додека разбирлива беше трката со времето за решението на спорот, договорот со Бугарија, генерално сите домашни пропусти во име на поголемата слика, сега гледаме дека нашиот премиер ја плаќа цената и не знае да излезе од меандрите на брзоплетоста. Сега ја плаќаме цената за неспроведените реформи, трулите компромиси со ВМРО и ДУИ, руинираниот и непоправен систем, нефункционалната правна држава, криминалот, корупцијата и непотизмот. Власта ја немаше доблеста и капацитетот, додека прави гигантски чекори во надворешната политика, барем нешто поспоро, но суштински да се соочи со нашите внатрешни проблеми и реформски политики.

Оваа влада го имаше секое право да е горда на своите постигнувања во нашите евроатлантски интеграции, но наместо да се угледаат на Ципрас, кој додека политички тоне, не бара никакво алиби за своите храбри потези, владата на Заев одлучи целиот товар од приближувањето кон ЕУ, да го фрли врз плеќите на Европа. Затоа и тврдам дека оваа исфорсирана психодрама не е ништо друго од евтина политичка манипулација зад која властите ја кријат или оправдуваат реално лошата домашна слика. Во безброј наврати сме кажале, нашиот пат кон Европа не е само заради влез во ЕУ, туку заради наше реално и домашно приближување кон демократските и економските стандарди на Унијата. Уште пострашно е да се гледа како сè што е добро направено, цел тој кредит, брзоплето се расфрла заради политичките интереси на владејачката гарнитура. Една држава која навистина аспирира кон ЕУ, нема право да се заканува со својот реформски процес во замена за брзи политички одлуки. Едноставно, ја немаме таа комоција, уште помалку таа сила, да се откажуваме и депримираме, да бараме грешки во другите, кога треба да сме свесни, дека не сме направиле сѐ што сме можеле.

 

DW.COM

Реклама