Про-Западен Анти-Демократски Фило-Путинизам | Северна Македонија | DW | 25.10.2018
  1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages
Реклама

Северна Македонија

Про-Западен Анти-Демократски Фило-Путинизам

Етикетирањето на ВМРО-ДПМНЕ како происточна, антизападна, проруска партија е поподносливо отколку ребрендирањето на антидемократски партии како СДСМ, ДУИ, ДПА, Беса како прозападни, про-НАТО, про-ЕУ. Пишува Арсим Зеколи.

Точно седумдесет години по Титовото славно „Не“ кон Советскиот Сојуз, Македонија ја доби сопствената нововековна рефлексија во постреферендумската поделба на улоги на происточни титоисти и прозападни информбировци. Се разбира, во тој кастинг, СДСМ, ДУИ, ДПА, Беса, Алијансата и боранијата си ја доделија честа да се самопрогласат за прозападни прогресивци. Во пакет со преземената обврска сите други (ВМРО-ДПМНЕ, пред сѐ) кои не се согласни со нивната верзија на демократијата да ги прогласат за антизападни, происточни ретроградни сили на мракот и безумието. Слично на големото раскрстување од 1948 година, првите кои побрзаа во лепењето етикета „анти-запад“ врз челото на ВМРО, беа оние кои речиси до последните минути на петочната собраниска шизма клечеа подмолно на самата линија на поделба, чекајќи го последниот гонг на одлука за час поскоро низ шамарањето на Мицковски преку современите партиски памфлет-верзии на некогашна „Борба“ да ја прогласат вечната љубов кон другарот Заев, најдобриот син на народите и народностите на СРМ.

За љубимците и пионерите

Очекувано, во деновите кои ќе уследат, владиното глодурство ќе се впрегне во засилена идеополитичка диференцијација на осуда и истрага на непријателите на народот, прогласувајќи ги кулаците од ВМРО-ДПМНЕ за антизападен елемент и смртни душмани на трансатлантската интернационала. Сѐ на сѐ, римејк на веќе виден филм и евтина претстава во која обвинувачите вперуваат прст кон другите за да се прочистат од сопствената истокофилија. Додека пак обвинетите се обидуваат да демантираат и збунето се премислуваат како побогу се најдоа во ситуација во која екс-комунистите станаа љубимци на Западот, НАТО и капитализмот, а десничарите пионери на Русија! И што е полошо за нив, токму партнерите од Западот кои ја куражеа нивната глума на происточна партија според сценариото „ако нема - одглуми дека има”, сега се првите кои тврдат дека глумата не била глума, туку саде реалност на проруска ориентација. Вистина, можеби ВМРО-ДПМНЕ не е проруска и антизападна, но цената на глумење лудило конечно се испорачува - и ќе мора да се плати. Притоа, раскрстувањето со вообичаениот вокабулар на бизнис патриотство, излитените сценарија на дозирано хејтерство и банализираните дебатни мачо-фаци е полесниот дел од предизвикот. За разлика од побитниот предизвик кој го споделуваат со сите нас, и е сублимиран во прашањето – што воопшто подразбираме под прозападна или антизападна ориентација?

Други колумни од авторот:

СИД го затвора кругот

Amnesty Прочка International Balkan

Референдум за Ветвендосје

Оваа дистинкција тивко, ненаметливо, без фанфари се прошверцува во новиот политички новоговор како студиозно конструиран субститут на некогашните одредници за продемократски и антидемократски фактори. Сам по себе, дистинктивниот анти-запад е само (по)следниот во низа примери на ретерирање на вокабуларот на меѓународната заедница. Во деведесеттите години на минатиот век беше незамисливо кој било странски претставник да ни се обрати без да напомене дека „го поддржува суверенитетот и интегритетот на земјата”. За потоа со интеграциските процеси тој термин биде отфрлен и ставен под графата на „подразбирање без потреба за спомнување”. Во првата деценија на дваесеттиот век, истите претставници не пропуштаа прилика да ја нагласат „борбата против криминалот и корупцијата како предуслов за безбедност и стабилност”. За потоа со време да ги разберат и широкоградо да ги прифатат истите како благословени инструменти за контрола и стабилократија. Денешната зависност на меѓународната од домашната стабилократија ја обесмислува до хумористика смислата на употребата на терминот „про-демократија” и затоа се преферира одредницата „прозападна влада”. Со нејзе се легитимира соработката со избраната колонијална клика на власт, додека пак деволуцијата на стандардите се субституира со наметнување на нова линија на поделба соодветна на новата реалност и студената војна со Истокот – надвор со демократија версус диктатура, напред со Запад версус Исток. 

За прогресот и регресот

Токму затоа, чинам дека мотивот за прегласното етикетирање на ВМРО-ДПМНЕ како антизападна не е примарно мотивирано од нејзината вистински происточна ориентација, колку што е диктирана од потребата новата групировка СДСМ-ДУИ-Беса-ДПА да се легитимира како прозападна и со тоа да се стави во втор план нејзината корупциска суштина. Но самото читање на кратенките од оваа групација болно ја разјаснува апсурдноста на нивно именување како идеолошки продемократски профилиран политички фактор.

Именувањето според про-анти географски одредници не е никакво трејд-марк на идеолошки прогрес/регрес, туку симбол на дегенерацијата на западната политика во регионот и нејзиното финално напуштање на обидите за демократизација на овдешните општества. Оттаму, инсистирањето на прозападноста веќе не подразбира квалитативна демократичност пер се, туку е најнискиот можен именител на дистинкција во споредба со антидемократичноста на Истокот.

Проблемот со дефинирањето на про-анти-западноста дополнително се комплицира со прашањето - што всушност ја дефинира прозападноста? И уште побитно, што воопшто подразбираме под „Запад”? Самуел Хантигтон го дефинира Западот како заедница на Северна Америка, ЕУ, Австралија и Нов Зеланд како единки кои споделуваат заеднички политички, културни, економски, социјални, образовни вредности. Но, дали во таа заедница се прифаќаат под автоматизам и земјите како Унгарија, Грција и Полска, Словачка и Бугарија, по нивното зачленување во ЕУ или НАТО? Дали Западот би останал синоним за прогресивна либерална демократија дури и по (евентуалните) победи на АфД, Лега Норд, Ле Пен, Вилдерс? И на крај, кога точно, во кој час и потег една земја престанува да биде прозападна и се признава како, едноставно, западна? Дотолку повеќе кога, како во нашиот случај, демократијата веќе не е conditio sine qua non  за стекнување на правото и привилегијата за бивање член на ексклузивниот клуб на прогресот. Тоа, а не Договорите со Грција, е мајката на сите прашања по петочната седница на Собранието и последиците од антидемократскиот начин на кој домашните прозападни сили го започнаа нашиот пат во ... непознат правец?

За кратковидоста и банализацијата

Квалитетот, а не квантитетот на епилогот на собраниската победа на „прозападните“ фактори ја навестува проблематичноста на правецот во кој се движиме и непознаницата дали навистина чекориме кон демократијата или се враќаме во автократија во име на демократијата? Впрочем, внимателното следење на настаните околу изгласувањето на Договорот води кон заклучок дека повторно се повторува истата кратковидост демонстрирана со трислојното референдумско прашање. Етикетирањето на ВМРО-ДПМНЕ како происточна, антизападна, проруска партија е дури поподносливо и побенигно отколку именувањето, третманот и ребрендирањето на такви антидемократски партии како СДСМ, ДУИ, ДПА, Беса како прозападни, про-НАТО, про-ЕУ. Македонија и општеството можат да ѝ одолеат на ВМРО, дури и ако е проруска. Но парфимирањето и брендирањето на султанаштвата на Заев, Ахмети, Тачи како прозападни е перверзна карта во еден правец кон дегенерацијата на она малку што остана од парламентарната демократија и катализатор на автентична згаденост од самата дефиниција на про-западњаштво и легитимизација на происточните опционални понуди. Со други зборови кажано, банализацијата на демократијата во Македонија од страна на Западот е мечкина услуга во полза на источната понуда и ветар во едра на про-западњаштвото во зборови и пропаганда и фило-путинизмот во дело и пракса.

Подготвеноста на САД и ЕУ да замижат пред овој судир на демократската теорија и путинистичката пракса на домашната прозападна клиентела ја зајакнува и онака цементираната скепса на граѓаните за можноста за автохтона ревитализација на продемократските динамики. Нивното замижување нѐ доведува на чекор од опасноста дури и доколку се јават такви продемократски во дух сили, тие сосема лесно – и извесно -  да бидат промптно и унисоно прогласени за антизападни деструктивни сили, некомпатибилни со интересите на партиско-клиентелистички заробената држава. Бидејќи, за разлика од геостратешката одредница на про-западството како клиентелизам, демократијата како идеја и дух ниту познава ниту признава земни граници и растегливи стандарди. И во тој диспаритет се крие суштината на двата самонанесени порази на прозападните сили кај нас – дебаклот на Референдумот и „демократски” изгласаниот Договор како потсетник за растечката шизма помеѓу Западот и демократијата. 

Наместо глумење „луди Августи во индијански лета“, западната дипломатија би требало час поскоро да извлече поуки, да преземе мерки и навреме да ја спречи опасноста од тоа прозападната клика да остане заглавена во администрацијата, опкружена од продемократската пизма и гнев на општеството. Што е сосема посакувано сценарио од источните фактори на опортунизмот, за кое никој не е позаслужен од самиот Запад. За жал, стравувам дека периодот во кој тлееше и последната трунка надеж дека тој ист Запад еден убав ден ќе им списка на сопствените коруптократи во Скопје, сега веќе му припаѓа на минатото. Во таа опција веќе никој ниту верува ниту се надева дека насушната потреба за отчетност ќе претежне во определбата на Западот помеѓу воено-политичкото про-западњаштво и идео-духовната осакатена про-демократија. Како и во секоја колонијална приказна, про-коруптократијата на дипломатската губернија ќе го испише финалното политичко опело на про-демократијата.  

Реклама