Професионален Минхаузен | Македонија | DW | 29.04.2017
  1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Македонија

Професионален Минхаузен

Кога партиски лидер му кажува на „професионалец“ во МВР што треба да прави, јасно е зошто Македонија е дефинирана како партиски „заробена држава“ и зошто е неопходна департизација и реформа на безбедносниот систем.

Директорот на Бирото за јавна безбедност, Митко Чавков, вели дека полицијата немала никаква информација дека во четвртокот ќе се избира претседател на Собранието, па затоа очекувал уште еден мирен и вообичаен ден. Тоа едноставно не е точно. Истиот ден лидерот на СДСМ, Зоран Заев, имаше обраќање од собраниската говорница и побара седницата да продолжи и по 18 часот. Потоа, одговарајќи на новинарски прашања на прес-конференција во парламентот, јавно соопшти дека изборот на претседател ќе се случи „отсега па натаму, во секој момент“. Тоа беше и причната што пратениците на ВМРО-ДПМНЕ по прекинот на седницата не си заминаа од пленарната сала, туку останаа за да ја блокираат горницата и да го чуваат столчето на претседавачот Трајко Вељаноски. Иницијативата „За заедничка Македонија“ тој ден ги повика граѓаните да бидат „подготвени“, а со ист повик се огласија и разни т.н. патриотски здруженија. Како е можно тие да имале подобра проценка од Чавков и од оперативниот штаб со кој раководи тој? Какви други информации му биле потребни за да направи безбедносна проценка и во согласност со неа да ги димензионира персоналните капацитети и материјално-техничките средства? И што треба да заклучиме по завчерашниот колапс на системот: дека оперативниот штаб не ги следел информациите, или дека ги следел, ама некој сакал намерно да ги игнорира за да овозможи да се види „гневот на народот“.

Чавков самиот за себе вели дека е професионалец. Но, каков е тој професионалец, кој повеќе од еден час по инцидентите во парламентот не одговарал на телефонските повици на министерот, но одговорил на првиот повик од лидерот на ВМРО-ДПМНЕ? Никола Груевски на ТВ „Телма“ откри дека со Чавков разговарал во два наврата: и во критичната вечер и следниот ден. Притоа, со цел да ја истакне својата „конструктивност“, се пофали дека во разговорот му рекол на Чавков полицијата да постапува професионално.

Кога партиски лидер му кажува на „професионалец“ во МВР што и како треба да прави, јасно е зошто Македонија во Ивештајот на Прибе се дефинира како „држава споена со партијата", и зошто толку се инсистира на департизација, на темелни реформи во МВР и генерално на безбедносниот систем. Бидејќи и тие многу пати се уверија како изгледаа професионалноста и безбедносните проценки на МВР. Примери има многу, но ако Чавков ги „заборавил“, ќе го потсетам барем на еден. Дали се сеќава како постапи полицијата ноќта меѓу 30-ти јуни и 1-ви јули 2016 година, кога Студентскиот пленум протестираше пред просториите на Студентскиот парламент (во студентскиот дом „Кузман Јосифовски Питу“) поради нерегуларности на изборите за претседател на студентската организација? Протестот заврши во три часот утрото, по жестока полициска интервенција на припадници на полициската Единица за брзо распоредување (ЕБР) кои насилно со туркање и влечење ги исфрлија пленумците од просториите, иако тие седеа на подот и не предизвикуваа никакви инциденти. Се сеќавате ли колкава колона од борни коли имаше пред студентскиот дом? И се сеќавате ли дека на првата беше поставено автоматско оружје? Јавноста прашуваше - „Зарем со митралези и борни коли ќе одите против студентите“, но професионалецот не одговори зошто така ги димензионирал ресурсите.

И кога денес стигнуваат жестоки критики од СДСМ за „обид за убиства со умисла“ и меѓународни критики дека „националистички варвари сакаат да ги уништат последните остатоци на демократската култура во Македонија“ (изјава на државниот министер во германското МНР, Михаел Рот), Груевски се чуди на прашањето дали ВМРО-ДПМНЕ се враќа на „методите“ кои пред еден век ги користела партијата со ист префикс. Па прашува: „Зошто? Кого уби ВМРО?“ 

Навистина никого. Освен демократијата, медиумските слободи, владеењето на правото и функционалноста на институциите. Тоа е партијата на власт, по чиј учинок Македонија доби извештај од ЕК дека имаме партиски „заробена држава“. Таа е партијата што се фали дека нема разлика меѓу МВРО и ВМРО. Тоа е партијата што изгради систем во кој бирократи и партиски вработени насилници одлучуваа дали ќе живеат Тамара и Мартин Нешкоски, што воспостави обвинителско - судски џубокс од кој наместо правда се процесуира партиски преферирана „музика“. Тоа е партијата што создаде нефункционална пазарна економија и систем кој ја убива медиумската критика, граѓанското општество и културата на дијалог, воспоставувајќи „правен поредок“ во кој главните партиско -законски одредби гласат: „да се сотре.., да му се врзат два-три јаки шамари.., собери луѓе од утре ќе маваме.., да се дигне на клоци.., да заврши во ендек.., ќе му ја запалиме кафаната.., Миле, да не го тупиме, со динамит да го рушите!“

Ете, навистина партијата не уби никого. И ако претходново на Груевски му изгледа како нешто ситно и безначајно, нешто за што не вреди да се трошат зборови по ваква презентираната мирољубивост и демократски капацитет, тоа значи дека ова раководство на партијата и натаму ќе тоне во катастрофални грешки. Но заради неговите тесни партиски интереси, непромисленост, слепост за потребите на државата и нискиот праг на толеранција кон аргументирана критика, не треба да се дозволи штетите и натаму да ги трпи Република Македонија. Таа мора да оди напред, а Груевски може да си ги навлече влечките, бидејќи повеќе никој ништо (добро) не очекува од него.    

DW.COM

Реклама